Во Париз е отворено „Кафе Пли“ - првото кафуле во Европа во кое посетителите можат да напишат писмо до себеси или до другите и да го испратат за 5, 10 или 20 години, во романтичен амбиент кој ги спојува кафето и интроспекцијата.
Што би му напишале на своето идно „јас“ или на некој друг во иднината? Дали би дале совети, би оставиле потсетник на сегашниот момент или, пак, би ја опишале иднината како што ја замислувате и би провериле каде ќе ве однесе животот?
Прв ваков простор во Европа
„Кафе Пли“ е првиот простор од овој вид во Европа, инспириран од „Нулдам спејс“, сличен концепт на кафуле во Сеул, Јужна Кореја. Гостите се поканети да изберат од разновидниот прибор за пишување: пликови, разгледници, налепници, моливи и хемиски пенкала, како и восок за запечатување, па да напишат писмо до себеси или до некоја друга личност, кое ќе биде испратено на однапред избран датум во иднината.
Чување на писмата од една до 20 години
Запечатените пликови потоа се сместуваат во шкафчиња поставени на ѕидот - доволно е да се избере датумот кога сакате вашето писмо да биде испратено, а персоналот на „Кафе Пли“ ќе се погрижи за сè друго, пренесува Јуроњуз. Чувањето на писмото до една година се наплаќа 15 евра, што вклучува пијалак и целиот претходно споменат прибор за пишување.
Ако сакате писмото да се чува пет години, цената е 25 евра, додека за 45 евра писмото може да биде одложено и до дваесет години. Во случај кафулето да престане со работа, сите писма ќе бидат зачувани и уредно испратени од страна на одговорното лице. Промена на адресата може да се побара и онлајн, за дополнителни 10 евра. Меѓународната поштарина се наплаќа дополнителни 4 евра и ги покрива сите земји.
Повеќе од обично кафуле
Кафулето воедно е и уметнички центар кој редовно организира работилници за креативно пишување и калиграфија, линорез и сликање со акварел.
- Во моментот кога ќе зачекорите низ вратата на „Кафе Пли“, влегувате во свет во кој звукот на моливите што лизгаат по хартијата се спојува со мирисот на свежо подготвено кафе. Овде пишувањето станува вистинско искуство: било да водите дневник, испраќате писмо до саканата личност или едноставно ги запишувате мислите, секој момент поминат овде е повик на интроспекција и креативност - стои во описот на официјалната страница.
Фото: скриншот/инстаграм