X
 26.07.2019 Здравје

Лекарите-специјализанти го поздравуваат менувањето на лихварските договори за специјализација

Усвоените измени во Законот за здравствена заштита ги поздрави и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита

Здружението на лекари специјализанти - ЗЛС ja поздравува измената во Законот за здравствена заштита која се однесува на менување на лихварските договори со поповoлни и покоректни услови за специјализирање.    
 - ЗЛС изминативе години гласно се бореше за позитивни промени на здравствените политики и подобрување на статусот на специјализантите, а сè со само една конечна цел – ублажување на одливот на лекарите од земјава. Во очи на распишаниот конкурс за државни специјализации, изразуваме задоволство што министерот за здравство и пратениците во Комисијата за здравство во Собранието ја согледаа реалната тежина на проблемот, ја сфатија ургентноста на ситуацијата и потполно соработуваа за негово решавање. ЗЛС исклучиво со граѓански активизам успеа да постави во преден план и да реши неколку приоритетни прашања кои ги засегаа специјализантите, како што се платите на приватните специјализанти, укинување на интермедијалниот испит и видео-снимањето, а сега и менување на лихварските договори – стои во информацијата од здружението.

Усвоените измени во Законот за здравствена заштита ги поздрави и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
- Сметаме дека истите за крајна цел ќе имаат подобра здравствена заштита и поквалитетни здравствени услуги посебно што се носат во услови како последица и одговор во недостигот на лекари специјалисти – велат од синдикатот.



Инаку, со измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита се менува времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата, а се намалува и висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата. На здравствените работници со високо образование кои се корисници на пензија им се овозможува да можат да бидат ангажирани во здравствени установи како консултанти и советници . Во услови на недостаток на кадар во одредена јавна здравствена установа, а се дава можност да се ангажира кадар од друга за да не мора пациентите да патуваат.
Се укинува и испитот за директор на здравствена установа, а се се доуредуваат одредбите кои се однесуваат на тоа што преставува цена на здравствена услуга извршена преку дополнителна дејност и под кои услови се врши таа во текот на еден месец.
Подготвил: Н.Б.З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје