X
 15.12.2020 Наша тема

Оздравените од Kовид-19 заглавени во „изолација“ поради нередовното ажурирање на податоците

Одлуките на центрите за јавно здравје за бришење на оздравените пациенти доцнат и по неколку дена, а за тоа време веќе оздравените пациенти бараат од матичните лекари потврди дека им е завршено лекувањето за да можат да се вратат на работа и да се правдаат пред полицијата, која поради неажурираната евиденција ги води како да се во изолција

Откако ќе им заврши периодот на изолација и на домашно лекување, голем дел од оздравените пациенти од Ковид-19 не добиваат известување дека им е завршен периодот на лекување и дека можат да излезат од дома за да се вратат на работа и да ги извршуваат секојдневните обврски. Поради тоа, тие пациенти мора да бараат од нивните матични лекари да им издадат потврда за завршено лекување или да објаснуваат дека времето на лекување поминало, но не добиле официјално известување за тоа кога полициските службеници доаѓаат кај нив дома за да проверат дали ја почитуваат мерката изолација.

Центрите за јавно здравје се должни да ги избришат оздравените пациенти од системот на евиденција бидејќи им завршила изолацијата и домашното лекување од 10 или 20 дена од денот на тестирање. По тој систем се води и Министерството за внатрешни работи, па со така неажурирана евиденција полицијата посетува и домови на оздравени пациенти. За непочитување на мерката изолација, има казна.

Според протоколите, ако последните три дена од предвидената изолација пациентот не пројави дополнителни симптоми, тогаш тој се смета за оздравен и неговото домашно лекување и изолација се сметаат за завршени.

Од Центарот за јавно здравје велат дека причината за ова се малиот број епидемиолози и големиот број нови позитивни случаи на Ковид-19 и на оздравени пациенти. Матичните лекари, пак, велат дека поради ненавременото ажурирање на податоците во системот, тие најчесто мора самите да интервенираат кај надлежните во центрите за јавно здравје и да бараат нивните оздравени пациенти да бидат избришани од листата со ковид-позитивни лица.

Малку епидемиолози, многу пациенти, долги административни процедури

Матичната докторка Нада Аницин од Скопје вели дека ваквите состојби ѝ одземаат дополнително време во секојдневната работа со пациентите болни од Ковид-19, но и со оние на кои им е потребна друга медицинска помош.

- Вакви ситуации има често. Оздравените пациенти не знаат што да прават и ни се обраќаат нам. Најчесто во ваквите случаи на оздравените пациенти им издавам медицинска белешка дека им завршила изолација за да немаат проблем со полицијата. Луѓето веќе 11. или 21. ден мора да се вратат на работа зашто и Комисијата за боледување така ги одредува боледувањата. Значи тие одат на работа, а истовремено официјално не се отпишани од центрите за јавно здравје како оздравени пациенти - појаснува д-р Аницин.

Според неа, таквата ситуација не е за осуда зашто веќе е познато дека има малку епидемиолози и затоа работата се одвива побавно.


Фото: Фрипик

Директорот на Центарот за јавно здравје во Скопје, Бесим Зекири, потврдува дека одредени денови се случува да доцнат известувањата до оздравените пациенти дека им завршила изолацијата во домашни услови.
Причина за тоа е големиот број на оздравени во еден ден и неможноста тие административно да бидат проследени.

- Планираме да направиме дополнување на капацитетите на вработените, но и на тие што ќе ни помагаат и ќе ги известуваат оздравените пациенти - вели Зекири.

Тој информира дека е во процедура ангажман на студенти кои ќе им помагаат во таа административна работа.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема