X
 27.01.2019 Технологија

Четвртина од големите европски претпријатија имаат роботи

Во текот на 2018 година 7 отсто од компаниите во Европската Унија што имаат по најмалку десет вработени користеле индустриски или услужни роботи, покажува најновиот извештај на „Евростат“.

Во извештајот е наведено дека една четвртина од големите претпријатија, кои вработуваат по 250 или повеќе лица, користеле роботи во својата работа. Тоа го правеле и 12 отсто од средните претпријатија, кои вработуваат од 50 до 249 лица.

Но, само 5 отсто од малите претпријатија, кои вработуваат од 10 до 49 работници, користеле роботика во својата работа.

Најголем удел на претпријатија што користат индустриски или услужни роботи има Шпанија, 11 отсто. Потоа следуваат Данска и Финска со удел од 10 отсто, па Италија со 9 отсто.

Најмал удел има Кипар со 1 отсто, додека со 3 отсто малку подобри се Естонија, Грција, Литванија, Унгарија и Романија.

Извештајот покажал и дека индустриски роботи користат 5 отсто од претпријатијата, додека останатите 2 отсто услужни.

Во производствениот сектор, 16 отсто од претпријатијата користеле индустриски роботи, додека од друга страна, само 4 отсто од претпријатијата во секторот на производство и трговија на мало користеле услужни роботи.

Од претпријатијата што користеле услужни роботи, 44 отсто ги користеле за системите за управување со складишта, 22 отсто за превоз на луѓе или стока, 21 отсто за работи поврзани со чистење и складирање отпад и монтажни работи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија