X
 27.01.2021 Наша тема

Колку од нашите здравствени работници би примиле вакцина против Ковид-19?

Здравствените работници што негативно одговориле на прашалникот, како причина зошто не сакаат да се вакцинираат најчесто наведувале дека немаат ризик од зараза од вирусот или „поради други причини“

Повеќето здравствени работници сакаат да примат вакцина против коронавирусот. Меѓу 70 и 80 отсто од здравствените работници кои одговориле на анкетата што ја спроведе Министерството за здравство во јавните и во приватните здравствени установи (меѓу кои се и вработените во лабораториите и во аптеките) одговориле дека ќе се вакцинираат со вакцината против коронавирусот, кој ја предизвикува болеста Ковид-19.

На прашалникот од Министерството за здравство и Националната техничка работна група за ковид одговориле 13.690 здравствени работници вработени во јавните здравствени установи, а од нив 69 проценти велат дека би се вакцинирале. Вакцина против коронавирусот сакаат да примат и 65,5 отсто од 579 здравствени работници вработени во приватните здравствени установи и болници, како и 80,8 отсто од 2.462 здравствени работници вработени во установи на матичните лекари, специјалистички приватни здравствени установи, во лаборатории и аптеки.

- Здравствените работници што негативно одговориле на прашалникот, како причина зошто не сакаат да се вакцинираат навеле дека немаат ризик од зараза од вирусот или поради други причини. На здравствените работници им беше овозможено да одговорат дали работат со ковид- пациенти, дали се медицински, технички или административни лица во јавните здравствени установи, односно приватните здравствени установи - велат од Министерството за здравство.



Од Министерството за здравство велат дека анкетата е спроведена за интерна употреба на Министерството и Националната група за ковид-вакцинација за да се подготват групите за вакцинација според оперативниот план.
Според податоци од Институтот за јавно здравје, до вчера вкупната бројка на граѓани кај кои е детектиран коронавирус во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90.717. Оздравеле 78.727 пациенти, а починале 2.791 граѓани. Бројот на активни случаи изнесува 9.199.
Подготвил: Елица Бочварова

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема