X
 27.08.2021 Технологија

Најголемата ветерна турбина во светот ќе обезбедува енергија за 20.000 домаќинства годишно

Поради зголемената побарувачка за чиста енергија, се постигна и напредок во развојот на турбините на ветар. Така, една кинеска компанија ја откри најголемата турбина на ветар, која секоја година може да снабдува со струја 20.000 домаќинства.

Според процените, производството на енергија од копнени места чини 31 долар за мегават-час. Тоа може да се спореди со соларните и геотермалните извори на енергија. Сепак, кога ќе изградите капацитет подалеку од копното, високите трошоци за изградба ја зголемуваат и цената на мегават-часот на 115 долари. Бидејќи земјите низ светот се обидуваат да ги намалат трошоците за изградба, правењето поголеми турбини кои нудат поголем капацитет за производство може да е решението.

Кинеската компанија „Мингјанг смарт енердџи груп“ ја откри турбината од 14 мегавати. Со веќе постигнатите 10 гигавати производство на енергија од ветар, компанијата го инвестирала искуството во изградба на поголема верзија од нејзините турбини кои веќе се достапни во конфигурации од 5,5 MW, 6,45 MW, 7,25 MW, 8,3 MW до 11 MW.

Турбината од 16 мегавати е именувана MySE 16.0-242 и има дијаметар од 242 метри. Секоја перка е долга 118 метри и турбината се протега на област од околу 46.000 квадратни метри. Во споредба со нејзиниот претходник, турбината со 11 мегавати, дијаметарот на роторот на новата е зголемен за само 19 проценти. Сепак, од компанијата тврдат дека производството на енергија е зголемено за 45 отсто.

Се очекува секоја турбина секоја година да генерира 80.000 MWh, што е доволно за снабдување на 20.000 домаќинства. Дополнително, секоја турбина ќе ги избегнува емисиите на 1,6 милион тони јаглероден диоксид во текот на нејзиниот 25-годишен животен век, истакнаа од компанијата. Оттаму се осигуриле дека големата турбина сепак има скромна маса. Тоа обезбедува намалени трошоци за изградба во споредба со другите турбини во овој сегмент.

Се очекува прототип од турбината да биде претставен во 2022 година.

Извор и насловна фотографија: Interesting Engineering
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија