X
 27.10.2019 Наша тема

Протестираа вработените и студентите на Институтот за хемија, како живеат лицата со оштетен вид во Македонија... Што истражувавме неделава

Протест на вработените и студентите на Институтот за хемија, ставот на д-р Томислав Станковски за третманот на науката во државата, како живеат лицата со оштетен вид во Македонија преку личната приказна на Беира Салифоска (29) од Пласница, интервју со Маја Шаревска, студентка на четврта година на Машински факултет која не добила помала оценка од 10. Што истражуваше тимот на Факултет.мк во изминатата недела.

Фото: Борче Поповски

Вработените и студентите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје на почетокот на неделата најавија протест поради незадоволство од условите за работа и студирање. На протестот тие јавно прашаа како може државата да стипендира магистерски и докторски студии на странските, а не и на универзитетите во нашата земја. Обединети протестираа околу 200 вработени и студенти, а по половина час се вратија на настава.


Д-р Томислав Станковски

Д-р Томислав Станковски е дециден: „Партиите во наредните политички програми мора да вклучат мерки за подобрување на науката“. Во време кога условите за правење наука во државата се на незамисливо ниско ниво – на проблемот му се пристапува на погрешен начин, фокусот за решение е изместен и има погрешна перцепција за причинско-последичните односи. А времето сега не може да биде подобро за да се реши ова исклучително значајно прашање, вели тој.

Беира Салофоска

„Кога кај човек постои желба да постигне нешто, нема препрека што не може да ја надмине“. Со ваква мисла и енергија живее дваесет и деветгодишната Беира Салифоска, за која не постојат изговори во животот. Оваа млада девојка од Пласница, која е лице со целосно оштетен вид уште од нејзиното рано детство, повеќе од 11 години живее сама во главниот град, далеку од семејството, кое е во родното место. Слепилото не ја спречува секојдневно да работи на Институтот за физикална и медицинска рехабилитација.


Маја Шаревска

Маја Шаревска е четврта година на Машинскиот факултет во Скопје, има просек 10 и не преполагала ниту еден испит досега. Летово го помина во Европската организација за нуклеарно истражување (ЦЕРН) и работеше на истражувачки проект во лабораториите на светската организација. Маја Шаревска е една од големите надежи на науката во Македонија. Ова е нејзината приказна.

Марина Лазаревска

Марина Лазаревска од Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје го најави новото издание на фестивалот кој ќе се одржи од 31 октомври до 2 ноември во „Кино Култура“.
Интригантни наслови со елементи на истрага за тековните глобални проблеми и феномени, сите визуелно различни се селектирани во програмата на фестивалот кој годинава се одржува под мотото „Кон дигиталното“.

Учениците вклучени во проектот

Ученици од Куманово го претворија училиштето во експериментална градина. Одгледуваат љубичици во вода, произведуваат органски зеленчук и разни растенија, а преку тоа учат како да ја заштитуваат природната средина, што се обновливи извори на енергија, ја совладуваат биологијата практично, преку експерименти. И најважно од сè, тоа го прават тимски, заедно. Основците од кумановското училиште „Крсте Мисирков“ имаат несекојдневна можност преку проектот „Изработка на хидропонична градина“, кој доби поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој во рамките на повикот „Предизвик за млади истражувачи“, да експериментираат, набљудуваат, да заклучуваат или да побиваат хипотези...

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема