X
 25.10.2019 Наша тема

Нѐ интересираат приказни што поставуваат прашања и нудат одговори засновани на факти, вели Марина Лазаревска од Истражувачкиот филмски фестивал - Скопје

Интригантни наслови со елементи на истрага за тековните глобални проблеми и феномени, сите визуелно различни се избрани за третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал - Скопје, кој ќе се одржи од 31 октомври до 2 ноември во „Кино Култура“ во Скопје. Сето тоа е обединето под мотото „Кон дигиталното“. За изборот на филмовите и годинава се погрижи Марина Лазаревска.

Во првите две изданија им се посветивте на свиркачите и на потрагата по вистината во време на дезинформации. Што ќе донесе Истражувачкиот филмски фестивал - Скопје годинава? 

- Фестивалот го отвораме со „Големиот упад“ (Тhe Great Hack) за најголемата истражувачка сторија во изминатиов период – скандалот „Кембриџ аналитика“ и злоупотребата на личните податоци на 87 милиони корисници на „Фејсбук“ за политички цели. Филмската програма на ИФФС опфаќа и документарци за децентрализиран интернет (The Decentralized Web is Coming), модерирање на содржините што се шират по социјалните медиуми (The Cleaners), онлајн-закани кон новинарки (A Dark Place), поттикнување популистичко востание во стилот на Доналд Трамп во Европа (How Steve Bannon’s far-right ‘Movement’ stalled in Europe) и за иновативниот истражувачки колектив Белингкет (Bellingcat – Truth in a Post-Truth World).


Марина Лазаревска во дискусија со новинарот Мет Сарнецки

ИФФС годинава се проширува и содржински и просторно, па така првпат ќе прикаже и игран филм, драмата „Официјални тајни“ (Official Secrets) заснована на вистински случувања. Филмот каде што Кира Најтли ја игра Кетрин Ган, која споделувајќи тајни документи се обидела да ја спречи американската инвазија врз Ирак, ќе се прикаже во киното „Фросина“ на 4 ноември како дополнителна програма на третото издание. Ова ќе биде, исто така, единствена можност да се види филмот кај нас во кино, оти ќе има само едно прикажување.

Новитет во програмата се и интерактивните содржини, па првпат за времетраење на фестивалот на посетителите им се нуди увид во виртуелната и проширена, т.е. аугментирана реалност. Во холот на „Кино Култура“ со помош на VR-очила фестивалските гости ќе имаат можност одблизу да ги доживеат документарните приказни на иновативното студио „Контраст“ од дигиталниот оддел на „Ал Џезира“, а пак преку интерактивниот краток филм „Крадејќи ти ги чувствата“ секој ќе може да открие како апликациите ги читаат емоциите од вашето лице користејќи вештачка интелигенција. И овој сегмент, како и останатите фестивалски содржини, е бесплатен и отворен за сите посетители.


Тимот на ПИНА на првото издание на фестивалот

Како на светско ниво се развива документаристиката која му дава простор на истражувачкото новинарство? Се охрабруваат ли авторите да отвораат големи прашања?

- Нам како фестивал нѐ интересираат приказни што се внимателно истражени, кои или поставуваат прецизни прашања или нудат одговори засновани врз факти, без оглед дали се тие во форма на документарен или игран филм. Сепак, документарците го чинат најголемиот дел од програмата оти околу нив се отвораат простор и можности за понатамошни дискусии и разговори. Веројатно никогаш не било поважно од денес да се разбере документарниот филм. Живееме во време на голема комуникациска револуција која ги подрива институциите, медиумите, политичките системи, па погледите кон „вистината“ се сѐ поматни и едноставно имаме потреба од темелни истражувања за да се справиме со оној збунувачки и фрагментиран дневен проток на вести. Снимањето истражувачки документарен филм е пожелен проект за медиуми што се базираат на видеа. Тоа е добар пример за ефикасна повеќекратна употреба на нивните истражувачки материјали. Исто така, може да е одличен дополнителен извор на приходи.


Марина Лазаревска

Добрата вест е што илјадници документарни филмови се достапни преку интернет-емитување и сервиси каде што најголемите играчи ги кршат копјата. Погледнете во каталогот на „Нетфликс“ каде што речиси секојдневно расте бројот на документарни филмови. Тие прават повеќе долгометражни документарни филмови и оригинални документарни серии од кој било друг, вклучувајќи истражувачки документарци. Прво Ејч-би-о, па во последниве години „Нетфликс“ високо ја подигнаа летвичката за документарниот филм и истовремено на некој начин тоа ги поттикна и емитувачите да продуцираат долгометражни документарни филмови. А и некои легендарни медиуми, како „Њујорк тајмс“ и новите и амбициозни играчи како „Вајс“, „Базфид“ и „Вокс“ (Wice, BuzzFeed, Vox) сѐ повеќе продуцираат. Сите овие играчи обезбедуваат пристап до документарни филмови за кои претходно ќе имавме проблеми да ги гледаме, воопшто.

Задоволни ли сте како се развива приказната на ИФФС и како ја придобива публиката?

- Изминатите две години фестивалот работеше на градење публика. Привлековме стотици гости, домашни и странски. Тргнавме од идејата дека новинарската работа има потреба од јавна поддршка, а настаните во последните години го направија тоа поочигледно од кога било. Со прикажување документарци и ангажирање во дебати и работилници сакавме да ја едуцираме и да ја информираме пошироката публика за важноста на слободниот печат и за пречките што стојат меѓу вистината и луѓето. Изминатите изданија ни покажаа дека јавноста е желна да го знае процесот кој води до откривање на непријатните факти. И годинава фестивалот го задржува форматот составен од филмска програма, како и дискусии и разговори и работилници во голема мера посветени не само за новинари, ами и за други креативци, документаристи, млади претприемачи, луѓе од технологијата и ИТ-индустријата, за споделување мисли, најдобри практики, вмрежување, нови идеи. Нашата цел е да развиваме свест на разни теми кај поширок круг публика. За овие три години успеавме да изградиме однос со различни организации со цел достапност до пошироката публика и работиме во таа насока и понатаму. Сите фестивалски содржини се бесплатни и отворени за сите посетители.

Ниту на светско ниво нема многу фестивали од ваков тип. Дали гостите реагираат позитивно кога ги каните?

- Фестивалот е платформа каде што новинарите, медиумите, претставници на визуелните медиуми, лидерите во индустријата, граѓани, институции и други чинители за унапредување на сеопштата благосостојба ќе можат да се сретнат и да разменат идеи и добри практики. Како прв ваков фестивал во регионот, обединивме локални, регионални и светски теми поврзани со предизвиците и проблемите во медиумскиот делокруг. Листата со гости на фестивалот веројатно најдобро зборува за нивните реакции за фестивалот и програмата, а на неа се светски признати медиумски професионалци, новинари што работеа во тимови кои добија Пулицерова награда... Исто така, сите продуценти со радост ја прифаќаат поканата нивниот филм да се прикаже во фестивалската програма.
Изминативе две години имавме актуелни теми од јавен интерес, како лажните вести, свиркачи, нови трендови во дигиталниот свет и во медиумите. Годинава ќе видиме како може да преживее новинарството и да биде рамо до рамо со доминантните социјални медиуми, што би можеле медиумите да ѝ понудат на публиката опремена со лични дигитални редакции во своите телефони и кои алатки и платформи може да се исползуваат за сеопфатно пласирање на новинарските приказни.


Марина Лазаревска

Од годинава со ПИНА почнавте и со повеќе програми и активности за млади новинари. Ако се знае дека сѐ помалку млади сакаат да студираат новинарство, како да ги привлечеме кон истражувачкото новинарство?

- Годинава на студиите по новинарство на Правниот факултет се запишале само 12 студенти, наспроти повеќе од 120 колку што бевме во мојата генерација пред повеќе од една деценија. Затоа и една од дискусиите на фестивалот ја посветивме на нови можности и иницијативи за неформално образование за младите што се заинтересирани за новинарство. На фестивалот ќе разговараме и за можностите што ги нуди Програмата за мобилно новинарство што ПИНА ја почна во септември, а ќе погледнеме и дел од работата на учесниците во обуките на ПИНА. Целта на програмата е да создаде капацитети кај младите новинари во областа на мобилното новинарство и преку менторство од странски експерт за мобилно новинарство и домашни искусни новинари и експерти да продуцираат видеостории од области важни за нашето општество.
ПИНА истовремено годинава почна и програма за зајакнување на капацитетите на жените-новинари преку обука и пракса во сферата на мобилното и мултимедијалното новинарство, што им овозможува поголема самостојност во работата.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема