X
 28.12.2024 Наука

Погледнете ги единствените фотографии што човештвото ги има од површината на Венера

На 5 март 1982 година советското летало „Венера 14“ влезе во историјата поради успешно допирање на површината на Венера, втората планета од Сончевиот Систем. Работејќи импресивни 57 минути, леталото успеало да сними и да пренесе извонредна панорама во боја на околината, пред да подлегне на екстремните услови на планетата.

Децении подоцна, оваа слика останува најсвежиот поглед на површината на Венера достапен за научниците. Венера, често опишана како близнак на Земјата, дели многу физички сличности со нашата планета, вклучувајќи големина, состав и густина. Сепак, овие паралели завршуваат кога станува збор за населување на планетата. Венера е свет на крајности, обвиена во густа атмосфера од токсични, кисели облаци кои ја прават нејзината површина многу непријатна. Ефектот на стаклена градина ја заробува сончевата топлина со катастрофална ефикасност, што доведува до просечни температури на површината од 464 Целзиусови степени.

фотоизвор: Rare Historical Photos/Don Mitchell

Атмосферскиот притисок е еднакво брутален - речиси 100 пати поголем од оној на Земјата, што е еквивалентно на длабок океан. Дизајнирањето летало способно да ги издржи овие брутални услови се покажало како монументален предизвик за научниците. И покрај ова, имало успешни обиди да се соберат податоци директно од површината на планетата.

Помеѓу 1961 и 1984 година, советската вселенска програма презела амбициозна серија на мисии, испраќајќи 16 сонди за да ја истражат енигматичната планета. Во 1966 година „Венера 3“ стана првото вселенско летало што навлегло во атмосферата на друга планета, додека „Венера 7“ во 1970 година го постигна првото успешно меко слетување на површината на друг свет.

Иако ниту еден од осумте слетувачи на Венера не работел повеќе од два часа, а најдолго траел „Венера 12“ со 110 минути работа, програмата поставила невидени пресвртници. Ова летало било првото што ги пренело и сликите и звуците од друга планета назад на Земјата. До денес, ова останува единствената програма што испраќала визуелни и аудиоподатоци од површината на Венера. Венера 13 и 14 снимиле звук, додека Венера 9, 10, 13 и 14 снимиле панорамски снимки од нивните места за слетување.

фотоизвор: Rare Historical Photos/ Venera 13

Со децении, овие фотографии останаа единствениот визуелен запис на човештвото за површината на Венера. Следниот значаен пробив може да дојде со мисијата „ДАВИНЧИ+“ на НАСА, која треба да биде лансирана следната деценија.

фотоизвор: Rare Historical Photos/Don Mitchell


Извор: rarehistoricalphotos.com

Фото: Rare Historical Photos

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука