Соработката помеѓу УКЛО и гимназијата „Јосип Броз-Тито“ – Битола претставува пример за успешно поврзување на средното и високото образование во насока на промоција на европски вредности, академска отвореност и поддршка на младите.
Свеченото одбележување на патрониот празник на гимназијата, на кое присуствуваше и раководството на УКЛО, беше потврда за длабоката и континуирана соработка помеѓу двете институции. Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, и проректорите проф. д-р Јасмина Буневска Талевска и проф. д-р Горан Илиќ ја истакнуваат важноста на ваквото партнерство, насочено кон охрабрување на младите уште во раните фази на нивниот образовен пат.
Гимназиските ученици, поддржани од своите професори и директорката Лидија Споа, редовно се вклучуваат во активности и настани организирани од Универзитетот. Особено се издвојува нивното креативно учество во конкурсот „Корени и крилја – Европска диплома дома!“
Истовремено, младите од „Горната“ гимназија беа дел и од Отворениот ден на УКЛО 2025, каде што со својот музички настап ги збогатија содржините на настанот. Под водство на професорката Емилија Стефановска, бендот составен од учениците Теодора Дрангоска, Веда Мавровска, Карло Чеваповиќ, Тео Прчков, Марко Крстевски, Лука Куновски и Ана Ангелевска, како и триото „Интерарт“, се претстави со квалитетни изведби кои го нагласија културно-уметничкиот дух на новите генерации. Со својата активна вклученост во настаните организирани во рамките на заложбите на УКЛО за европски вредности и академска отвореност, учениците од „Горната“ гимназија уште еднаш докажаа дека се значајни чинители во градењето мостови помеѓу средното и високото образование. Тие даваат важен придонес во темите поврзани со европскиот идентитет, културното наследство и граѓанското образование – прашања кои се во сржта на визијата на Алијансата КОЛОРС, чиј активен член е и УКЛО. Овие млади луѓе, инспирирани од соработката со Универзитетот, успешно ги здружуваат „корените“ на локалната традиција со „крилјата“ на европските перспективи, со што не само што ја афирмираат својата гимназија, туку и придонесуваат кон реализацијата на заедничките цели на македонската и европската академска заедница.
Од УКЛО нагласуваат дека ова партнерството засновано на доверба, поддршка и заеднички вредности не само што ја афирмира улогата на Гимназијата како расадник на таленти, туку и го зацврстува местото на УКЛО како универзитет кој ги отвора своите врати за млади, амбициозни и европски ориентирани ученици.
Во времиња кога образованието бара нови мостови и нови сојузи, гимназијата „Јосип Броз-Тито“ и УКЛО покажуваат дека вистинската промена започнува токму со вакви иницијативи – каде што младите го наоѓаат својот пат, а образовните институции им го покажуваат патоказот.
(Комерцијална објава)