X
 29.10.2019 Економија

Меѓу најдобрите извршни директори на светот има само четири жени

Долгогодишниот претседател на управата на американската информатичка компанија „Nvidia“, Џенсен Хуанг, е прогласен за најдобар извршен директор на светот во годинашниот избор на списанието „Харвард бизнис ривју“.

56-годишниот Хуанг ја предводи листата со 100 најдобри извршни директори на светот во годинашниот избор на списанието што го издава угледниот американски универзитет.

И второто место го зазеде човек кој е на чело на информатички гигант - извршниот директор на „Salesforce“, Марк Бениоф, додека на третото место се најде Франсоа-Анри Пино, извршен директор на „Kering“.

Меѓу најдобрите десет извршни директори на светот во овој избор се и Ричард Темплтон (Texas Instruments), Игнасио Галан (Iberdrola), Шантану Нарајен (Adobe), Аџај Банга (Mastercard), Јохан Тијс (KBC), Сатја Надела (Microsoft) и Бернар Арно (LVMH).

Меѓу стоте најдобри менаџери на светот, според „Харвард“, има само четири жени. Станува збор за Ненси Мекинстри, шеф на холандската компанија за рекламни услуги „Wolters Kluwer“, Лиса Су, која е извршен директор на ИТ-компанијата „Advanced Micro Devices“, Дебра Кафаро од „Ventas“, компанија од полето на недвижностите, и Мерилин Хјусон од „Lockheed Martin“.

Светските медиуми забележуваат дека на годинешната листа нема некој од водечките светски менаџери, како основачот на „Амазон“, Џеф Безос. Сепак, Тим Кук, извршниот директор на гигантот „Епл“, се најде на 62. место.

На минатогодишната листа Хуанг беше на второто место, а пред него беше само Пабло Иса, водач на шпанскиот малопродажен синџир „Inditex“.

Доселеникот од Тајван, кој студирал инженерство и електроника, во 1993 година заедно со партнерите ја основал компанијата и веднаш се фокусирал на создавањето можни компјутерски чипови за создавање графика за брзодвижечки видеоигри. Само во периодот меѓу 2015 и 2018 година вредноста на неговата компанија се зголемила 14 пати.

Тука можете да ја погледнете целата листа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија