X
 30.05.2023 Живот

Во првите три месеци од годинава се родиле 3.656 бебиња, најмногу во Куманово, Тетово и Чаир, а ниедно во Зрновци

Бројот на живородените деца во првото тримесечје од 2023 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 8,8% и изнесува 3.656 живородени деца, соопшти Државниот завод за статистика.

Бројот на умрените лица во првото тримесечје од 2023 година бележи намалување од 29,5% во споредба со истото тримесечје од 2022 година и изнесува 5.233 лицa, а од нив 5 се умрени доенчиња.

Природниот прираст е негативен -1.577 лица, што значи за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица.

Податоците на ДЗС покажуваат дека во првите три месеци од годинава, гледано по општини, најмногу бебиња се родиле во Куманово (194), Тетово (192), Чаир (180), Битола (165) и Аеродром (156). Од друга страна, во Зрновци до крајот на март не се родило ниедно дете, во Лозово се родило едно, во Градско две, а во Вевчани, Карбинци, Пехчево и Центар Жупа по три.

Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е намален за 2,9% во споредба со истиот период од 2022 година и изнесува 2.396 бракови. Најмногу бракови се склучиле во Тетово (175), Липково (138) и Чаир (134). Истовремено, во Дебарца, Маврово и Ростуша и Пласница не е склучен ни еден брак, а во Вевчани, Зелениково, Карбинци и Конче се склучил само по еден брак во првите три месеци од годинава.

Во ова тримесечје се добиени 336 извештаи за разведени бракови, што претставува намалување од 26,8% во споредба со истото тримесечје од 2022 година. Најмногу разводи имало во Тетово (37), Прилеп (33) и Гостивар (29).

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот