X
 30.08.2021 Наша тема

Фоторепортерката Арбнора Мемети: Почнував со работа во 3 часот наутро и секој ден ми беше полн со адреналин

Секогаш сакам да бидам таму каде што е веста, за сите да се информираат навреме и точно. Додека бев таму, на самото место, прочитав многу лажни вести кои немаа врска со тоа што се случуваше таму. Дури имаше вести кои по 24 часа информираа за пожарите кои веќе беа локализирани. Зашто да биде така? Берово не е во Германија за ние да не можеме да одиме и да информираме од самото место, изјавува фоторепортерката Арбнора Мемети, која деноноќно информираше за пожарите што ја зафатија Македонија

Фоторепортерката Арбнора Мемети е уште еден очевидец на огнената стихија што ги извади на виделина сите доблести на човештвото и сите маани на општеството. Таа деноноќно беше на терен и создаваше слика за сето она што се случува кога природата е во пламен, а животот во ризик. Паралелно со пожарникарите, локалното население, сите инволвирани лица, водеше битка помеѓу огнените јазици. И наоѓаше начин преку фотографскиот објектив да ги раскаже и сподели  инцидентите. 


Успеавте преку Вашиот објектив на свој начин да раскажете што се случуваше на терен за време на пожарите... Од аспект и од позиција на фоторепортер, како изгледаше ова сценарио? 

- Големи и мали, мажи и жени, сите во некоја форма се обидоа да помогнат, на првата линија се борea со огнот кој се приближуваше до нивните домови. Тажни, вознемирени и беспомошни, ниту еден од нив не можеше да го прифати фактот дека гори малата Швајцарија. Заедно со Малешевијата гореа и нивните срца затоа што немаше како да помогнат, а единствена нивна надеж беа австриските и словенечките пожарникари. 

Како изгледаше еден Ваш ден?

- Мојот ден почнуваше обично во 3 часот сабајле. Поради ниските температури, пожарот се гаснеше сам, така и секој ден ни се менуваше теренот. По 10 часот почнуваше пак да чади, па според тоа имавме и ориентација. Бидејќи терените беа непристапни, честопати им бев гостин на припадниците на АРМ во нивниот камион. Секој ден ми беше полн со адреналин, со експресно работење, праќање фотографии и видеа во реално време, така што и не знаев како ми поминува денот. 

Што Ви беше најсилен предизвик од ова фотоинформирање? 

- Од работење на терен секогаш се учи. Јас учам од моите теренски грешки и се обидувам да не ги повторам и секогаш да бидам подготвена. Најтежок дел, ако можам да издвојам, ми беше тоа што немав соодветна опрема, а тоа ме спречуваше да се доближам до огнот. За тие што не знаат, медиумските работници во Македонија немаат никаква заштитна опрема, ниту кацига ниту гас-маски, и не знам уште колку долго ќе трае таа состојба. 

Додека бев на терен, маските за заштита од пожарите ми беа подарени од словенечки пожарникар. Најсилен предизвик ми е да одам секогаш најдалеку. Јас таму бев 8 дена по ред, првиот ден бев спроти пожарите, на 1 километар воздушна далечина, а на 8. ден бев 20 метри од пожарите во најнепристапните терени. Тоа не беше воопшто лесно, патував со часови, одев пешки до планините за да бидам поблиску до тоа што се случуваше таму. 

Преку Вашето непоштедно вложување на терен, непотрошливата енергија, неуморниот дух, каква порака сакате да испратите со своите дела? 

- Секогаш сакам да бидам таму каде што е веста, за сите да се информираат навреме и точно. Додека бев таму, на самото место, прочитав многу лажни вести кои немаа врска со тоа што се случуваше таму. Дури имаше вести кои по 24 часа информираа за пожарите кои веќе беа локализирани. Зашто да биде така? Берово не е во Германија за ние да не можеме да одиме и да информираме од самото место. 

Понекогаш добиваме критики за неблагодарна професија, додека луѓето страдаат, ние известуваме... Непријатна ситуација и за нас и за набљудувачкото око... Како се соочувате со невкусни коментари, како да останеш имун и доследен на себе во такви моменти?

- Секогаш ќе има некој што ќе даде некаков негативен коментар или ќе се обиде да ја дефокусира јавноста од фотографиите, коментирајќи нешто сосема друго. На пример, додека јас бев таму, цело време објавував слики на моите профили и профилите на медиумот за кој работам, и добив коментари од типот: „А ти кога ќе го оставиш апаратот и ќе почнеш да им помагаш да гасат пожар?“ Додека јас се чувствувам убаво за тоа што го работам, не постои коментар кој би можел да ме запре или да ме демотивира. Секој го прави тоа што најдобро го знае. Јас фотографиите, пожарникарите - гаснење на пожарите. 


Огнот е сложен и чувствителен за фотографирање. Кои се најголемите пречки за фотографирање инциденти од пожар? Тешко ли е да се направи добра фотографија? 

- Беше многу тешко да се направи фотографија имајќи предвид дека многу дуваше, а пожарот се ширеше со непредвидлива брзина. Неколку пати постоеше можност да нè опкружи пожарот, па така цело време требаше да бидеме подготвени и да гледаме пат каде да бегаме. Имајќи предвид дека првпат бев на таков терен, припадници на АРМ и словенечките пожарникари ме поучуваа како да се однесувам. 

Фоторепортерството е деноноќна професија, ризична, нималку лесна. Која е убавината на оваа професија, која Вие на своја кожа секојдневно ја доживувате?

- Колку и да беше тешко, раните на нозете што ги добив, изгорената веѓа, сè се заборава. Чувството кога медиумот за кој работиш станува главен извор на точна и брза информација во вонредна ситуација е неописливо. Тоа е таа убавина која е неисплатлива. 

фото: Фејсбук страна на “DW Македонски“ 


Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема