X
 30.08.2023 Наша тема

Книга на Зоран Ѓоргиев за битолските Евреи стана дел од најголемата библиотека за холокаустот во светот: „Битола има спомен за Евреите, но не го негува“

„Траги на еврејското наследство во Битола“, книгата која ја содржи и приказната за единствената битолчанка што го преживеала „Аушвиц“, сега е дел од ризницата во „Јад Вашем“

Зоран Ѓоргиев е единствениот битолчанец, а веројатно и еден од ретките Македонци чија книга напишана и објавена на македонски јазик за Евреи од Македонија стана дел од вредното пишано наследство на библиотеката „Јад Вашем“ во Ерусалим, најсеопфатната збирка на објавени материјали во светот за холокаустот. Оваа библиотека во Ерусалим, Израел, содржи над 169.000 наслови на 64 јазици и се обидува да го собере целиот материјал објавен за холокаустот, правејќи го достапен за читателската публика и чувајќи го за идните генерации.

„Јад Вашем“

Авторот е постдипломец на Универзитетот во Хаифа, Израел, на програмата за холокаустот

Во книгата „Траги на еврејското наследство во Битола“, објавена годинава, на 200 страници со стотина црно-бели фотографии се претставени 11 приказни за еврејски фамилии и три фактографски податоци за синагогата Арагон, верското училиште „Талмуд Тора“ и пергаменти во спомен на 11 март 1943, кога битолските Евреи биле депортирани во „Треблинка“. Делото ги оживува спомените за големите битолски фамилии Албала, Нахмијас, Франко, Асео, Ароести, Шами Калдерон, Колономос, Де Мајо, Батино, Медонса и Јаков Ароести со точните локации каде што живееле. Авторот е хроничар на градот, по професија правник, а посетува магистерски студии на студиската програма Холокауст при Универзитетот во Хаифа, Израел.

Од промоцијата на книгата

- На двегодишните постдипломски студии на програмата за холокаустот, каде што го проширувам моето знаење, научив и се запознав со многу непознати работи за животот на Евреите за време на Втората светска војна во Европа и во Русија. Но, за жал, во програмата имаме многу малку работи за Балканот и воопшто за Македонија и Битола. Се надевам дека со оваа моја публикација за битолските Евреи ќе дадам еден мал придонес за збогатување на нивното знаење и проширување на програмата со дел за Македонија - вели Ѓоргиев.

Македонија во холокаустот изгуби над 7.000 Евреи, од кои 3.000 битолчани. по депортацијата во Полска. Книгата открива дека битолските Евреи само 40 минути поживеале во концентрациониот логор „Треблинка“, а потоа биле убиени во гасни комори.

Материјали за битолските Евреи во „Јад Вашем“

Вистинска приказна за братот и сестрата кои ги преживеале „Аушвиц“ и Маршот на смртта

Ѓоргиев вели дека од животните приказни што ги истражувал, а се објавени во книгата, при срце му прираснала онаа за фамилијата Шами Калдерон. Ја пренесува битолчанката Сунху Шами (нагалено Алегра и Гита), единствената која се спасила од озлогласениот логор „Аушвиц“ и на враќање назад во Битола се сретнала со љубовта од младоста, Симо Калдерон, со кого ја добиле ќерката Сарале, првото еврејско девојче родено во Битола по завршувањето на Втората светска војна.

Фотографија од семејството Шами

Сарала, односно Сара Гудман денес живее со нејзината фамилија во Кфар Сиркин, во близина на Петах Тиква - Израел. Таа во 2016 година присуствуваше на комеморацијата во Битола и раскажа дека нејзината мајка и брат ѝ Шарло побегнале за Костур, каде што поживеале половина година, а во март 1944 година биле фатени од нацистите и однесени во „Аушвиц“, најголемиот комплекс на концентрациони логори во нацистичка Германија. За среќа, биле ставени во работните единици, па така ја одбегнале смртта. Во јануари 1945 „Аушвиц“ бил евакуиран. Мнозинството затвореници биле испратени на таканаречениот Марш на смртта, долг 50 километри, на студено време под нулата. Затворениците биле во тенка облека, а кој ќе се обидел да побегне, бил стрелан. Братот и сестрата од Битола најверојатно биле единствените Македонци што преживеале. Од 60.000 затвореници преживеале само 15.000.

Записи за семејството Шами во „Јад Вашем“

Шарло починал три дена по ослободувањето, хармониката му е зачувана во „Јад Вашем“

Преживеаните биле качени на возови и однесени во логорот Берген-Белзен на северот на Германија. Но, патешествието на Гита не запрело таму. Таа била испратена со група од 300 жени во камп во планините, на принудна работа во фабрика за правење авионски делови. Иако војната била на крајот, повторно ја пратиле во логор, овој пат во Матхаузен во Австрија. Таму американската војска ја ослободила на 2 мај, неколку дена пред капитулацијата на Германија. И нејзиниот брат ја дочекал слободата, но изнемоштен од малтретирањата, починал три дена по ослободувањето.

Ѓоргиев во книгата објавува дека Сара ја пронашла старата куќа во која била родена, а сопствениците ѝ го дале стариот клуч на подарок. Воедно, битолчанец ја чувал хармониката на вујко ѝ и ѝ ја предал, па таа денес се наоѓа во музејот „Јад Вашем“.

Хармониката на Шарло

Во новата книга е и животната приказна за битолскиот рабин кој спасил многу луѓе во Франција

Книгата веќе е преведена на англиски, а во тек е преводот на хебрејски јазик. Промоцијата во Израел се планирана за октомври годинава. Но, тука не завршуваат истражувањaта на Ѓоргиев.

Зоран со Даниела Касорла, роднина на рабинот

- Во Израел, при секоја моја посета носам маица на која пишува Битола, имам неколку такви, и при една мала прошетка низ улиците во Ерусалим бев застанат од постара госпоѓа која го виде мојот натпис и ме праша дали сум од Битола бидејќи нејзината фамилија имала битолско потекло. И така сега од неа ја имам приказната за битолскиот рабин од фамилијата Касорла во Тулуз, Франција, кој со неговата мисија спасил многу луѓе таму. Приказната ќе ја претставам во мојата втора и пообемна книга за битолските Евреи, се надевам за 11 март 2024 година - рече Зоран.



Изучувајќи ја трагичната историја на Евреите, дошол и до сознанија дека тие во Србија биле задушени со специјално возило на отровен гас за кое самите платиле.

- За убивањето на српските Евреи било користено специјално возило, камион со отровен гас, и на тој начин тие биле убивани во возење уште во околината и внатрешноста на Белград, и тоа бил најголемиот процент на убиени Евреи на Балканот. И замислете, на голем дел од нив им била наплатена карта за самото возење, бидејќи тие се надевале дека ги носат на поубаво место за престој и живеење - вели Ѓоргиев.



Дали Битола доволно го чува споменот за Евреите?

- Битола како град го поседува споменот за Евреите, но не го негува. Има многу што да се облагороди, што да се раскажува бидејќи тука во најубавите времиња живееле повеќе од 7.000 Евреи. Немаме ниту еден музеј или поставка за нив каде што посетителите на едно место би се запознале со нивниот живот и обичаи на овие простори. Голем дел од постарите битолчани ни заминаа и не успеавме да собереме раскажувања од нивните сеќавања. Голема среќа се книгите на Ѓорги Димовски Цолев - Џоџа, „Битолски Евреи“, книгата на Жамила Колономос, „Монастир без Евреи“ и „Плима и слом“ од Жени Лебл, во кои има еден знаменит дел од тоа време и колку-толку може да ни долови од тогашната слика на животот во Битола - вели хроничарот.

Додава дека имало иницијатива за збратимување на Општина Битола со град во Израел, но поради незаинтересираност на локалната власт, тоа не се случило, а, како што вели Зоран, можеме многу да добиеме бидејќи таа е богата земја, со иновации и грантови.

Зоран со Сара Арoести

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема