Вљубениците во патувањата веројатно поминале одреден период во најпознатите градови во светот. Но, дури и тие не ги знаат сите факти поврзани со нив.
Поентата на овој текст е да се разјаснат некои често повторувани, а лажни информации за неколку познати градови.
Заблуда: Биг Бен е името на џиновскиот часовник во Лондон
Лондон е најпознатиот град во Англија, а Биг Бен е веројатно неговото најзначајно обележје. Дури и луѓето што не биле во главниот град на Велика Британија можат веднаш да ја препознаат украсената кула со масивниот часовник - само што Биг Бен не е името на часовникот. Прекарот, всушност, му припаѓа на големото ѕвоно што одѕвонува над Вестминстерската палата секој час.
Инаку, во викторијанската ера часовникот се викал кула „Свети Стефан“, а во модерната ера најчесто се нарекувал Часовна кула. Тоа било сè до 2012 година, кога била преименувана во Кула на Елизабета во чест на дијамантскиот јубилеј на кралицата Елизабета II. Тоа е сè уште нејзиното официјално име, иако Биг Бен е широко прифатено како кратенка за структурата како целина.
Заблуда: Лондонско око е панорамско тркало
Биг Бен не е единствената често погрешно етикетирана знаменитост во британската престолнина. Многу луѓе претпоставуваат дека Лондонското око е џиновско панорамско тркало, но технички е највисокото конзолно тркало за набљудување во светот. Конзолно се однесува на начинот на кој е конструирано - наместо сидра од двете страни на тркалото, се држи на една А-рамка од едната страна.
Додека повеќето панорамски тркала се помали возни паркови со кабини на отворено, тркалата за набљудување имаат тенденција да бидат поголеми туристички атракции со затворени стаклени кабини, што им овозможуваат на патниците да стојат и да се движат наоколу.
Заблуда: Лондонското метро е целосно под земја
Лондонското метро е исто така погрешен назив. И покрај своето име (London underground), помалку од половина од метро-системот на Лондон поминува низ тунели.
Заблуда: Прекарот на Чикаго е референција за ветеровитоста на градот
„Ветровиот град“ (Wind city) можеби е најпогрешно разбраниот градски прекар на сите времиња. Чикаго, Илиноис, е познат по своето бурно време, поради што многу луѓе претпоставуваат дека фразата е референција за ветер. Сепак, историчарите имаат поинакво мислење. Најраната употреба на прекарот се појавува во статија во „Синсинати енквајрер“ од 1876 година со наслов: „ТОЈ ВЕТРОВИТ ГРАД. Некои од чудата од последното чикашко торнадо“. Според истражувачот за зборови Бери Попик, изборот на тој израз се однесувал на неодамнешни временски настани, а воедно поентата била да се имплицира дека градот е полн со луѓе кои „зборуваат во ветер“ (зборуваат многу, кажуваат малку).

Заблуда: Главните градови се секогаш најголемите градови
Најголемиот и најпознат град во една земја често е нејзин главен град, но тоа не е секогаш случај. Ова води до тоа многу градови од светот погрешно да се етикетираат како политички центар на нивната нација. На пример, Кејптаун не е главен град на Јужна Африка - и покрај тоа што е најголемиот град во земјата.
Заблуда: Забранетиот град во Пекинг е навистина забранет
Еве уште нешто што можеби не го знаете за Пекинг: Забранетиот град всушност не е забранет. Царската палата е нарачана од царот Минг Жу Ди на почетокот на 15 век и служела како дом на 24 цара во текот на следните 500 години. Во тој период, поголемиот дел од структурата бил забранет за цивилите, а само на царот и неговиот најблизок круг им бил дозволен целосен пристап. Тоа правило се променило во 1925 година, кога последниот кинески цар абдицирал од престолот и палатата се отворила за јавноста како музеј. Денес, Забранетиот град е една од најпопуларните туристички атракции во Пекинг и е отворена за сите - освен во понеделник и на празници.
Заблуда: Катедралата Нотр Дам отсекогаш била сакана од парижаните
Катедралата Нотр Дам е една од најпознатите знаменитости на Париз, заедно со Ајфеловата кула и Триумфалната порта. Освен што е една од најпрепознатливите карактеристики на Париз, таа е и меѓу најстарите, чија изградба датира од 12 век. Можеби е изненадувачки да се чуе дека готската црква не била секогаш ценета од парижаните како што е денес. Таа била честа цел на вандализам за време на Француската револуција: во 1793 година статуите на кралевите во катедралата биле отстранети од толпа хулигани. Исто така, во тоа време сите нејзини ѕвона, освен едно, биле стопени за да се направат топовски ѓулиња.

Заблуда: Бродвејските театри во Њујорк мора да бидат лоцирани на Бродвеј
Бродвеј во Њујорк е една од најпознатите улици на планетата поради поврзаноста со продукцијата на висококвалитетен театар. Но, кога зборуваме за продукции, местото не мора физички да се наоѓа на Бродвеј за да биде „на Бродвеј“. Додека 41 театар во Њујорк се квалификуваат како бродвејски театри, само четири од нив имаат адреса на Бродвеј.
Театар на Бродвеј е секое место лоцирано на островот Менхетен, кое има повеќе од 500 места, додека називот „надвор од Бродвеј“ се однесува на театрите на Менхетен со 100 до 499 седишта.
Извор: mentalfloss.com
Фото: Freepik