Автори на истражување спроведено на Универзитетот во Пенсилванија тврдат дека првпат откриле директна каузална врска помеѓу престанувањето на користењето на социјалните мрежи и подобрувањето на здравјето на луѓето.
Временското ограничување на користење на социјалните мрежи води до намалување на симптомите на депресија и осаменост, се наведува во резултатите од истражувањето.
Во период од три недели истражувачите го набљудувале однесувањето на 143 студенти и студентки, кои биле поделени во две групи. Едни продолжиле да ги користат социјалните мрежи како што ги користеле, додека тие од другата група ја ограничиле употребата на само 10 минути дневно.
Фото: Thinkstock
Припадниците на другите групи на истражувачите им испраќале слики од екраните на своите мобилни телефони со податоци за трошењето на батеријата, што покажувало колку време е потрошено на работата на секоја апликација.
Резултатите од експериментот покажале дека симптомите на депресија кај студентите што користеле „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Снепчет“, а го ограничиле на 10 минути дневно, значително се намалиле.
- Фактот што немав можност да го споредувам мојот живот со животите на другите луѓе многу повеќе влијаеше врз мене отколку што очекував. Се чувствував многу попозитивен кон самиот себе во текот на тие три недели - изјави еден од
студентите по завршувањето на експериментот.
- Иронично е, но не и толку изненадувачки што намалувањето на употребата на социјалните медиуми, кои треба да служат за поврзување на луѓето, всушност кај луѓето предизвикува помалку осаменост и депресија - се наведува во заклучокот на истражувањето.