X
 01.08.2018 Живот

Во Данска стапи во сила Законот за забрана за бурката

Забраната за носење на облека која го прекрива лицето, како што се муслиманските марами ниџаб и бурка, на јавни места денеска стапи во сила во Данска, јави МИА. Законот со кој се забранува носење облека која го прекрива лицето предизвика дебата. Маркус Кнут од владејачката либерална партија Венстре изјави дека облеката што ја носат некои конзервативни муслиманки е „прилично депресивнa“, додека Саша Андерсен, активистка на „Парти реблс“ наведе дека во текот на денот ќе се организираат демонстрации поради „дискриминаторската“ мерка насочена кон малцинските групи.

Протести се предвидени во главниот град на Данска, Копенхаген и Орхус. Законот познат како „Забрана за бурката“ беше предложен од десничарската коалиција и усвоен на 31 мај годинава со 75 гласови „за“ и 30 „против“. Но, Законот се однесува на покривање на целото лице, како што е никабот, но важи и за носење на скијачки маски, маски за лице и лажни бради, но не и за заштитни маски. Со Законот не се опфатени зимската облека и шаловите, како и костимите и маските за карневал.

За кршење на Законот предвидена е казна од 1.000 дански круни (околу 156 долари), додека при секое следно кршење се зголемува висината на казната. Ако Законот четврти или повеќе пати е прекршен од исто лице, тоа ќе плати и казна до 10.000 круни (околу 1.560 долари).
Данската Влада претходно наведе дека Законот не е насочен ниту кон една религија и не забранува марама на глава, турбан или традиционалните еврејски капи.
Сличен закон е усвоен во Австрија, Франција и во Белгија.

фото: Pixabay

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот