X
 01.11.2018 Технологија

Почетната страница на „Фејсбук“ сѐ повеќе ја губи важноста

Повеќето корисници го поистоветуваат „Фејсбук“ со почетната страница, односно News Feed. Тоа наскоро би можело да се промени, најави соосновачот и извршен директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг.

Сообраќајот на новите платформи - како „Сторис“ (приказни) на „Фејсбук“ и на „Инстаграм“ - како и на апликациите „Вацап“ и „Месинџер“, расте толку брзо што го намалува влијанието на почетната страница и би можел да го тргне од тронот најголемиот извор на приходи.

- Луѓето се однесуваат поприродно кога нивната содржина ќе ја види помала група на луѓе, а објавите нема да останат видливи засекогаш - истакна Закерберг.

Во третиот квартал „Фејсбук“ заработил 5,1 милијарди долари, со приход од 13,7 милијарди долари. Но, причината за загриженост е забавувањето на растот на профитот, кој во текот на тоа тримесечје паднал на 9 отсто, што е најбавен раст во повеќе од три години, со зголемување од само 1 отсто во споредба со претходниот квартал.

Закерберг ги припиша лошите резултати на милијардите долари што тие ги трошат на подобро управување и надзор на платформите, како и на тоа што корисниците трошат повеќе време на платформите во кои „Фејсбук“ сè уште не прикажува многу огласи, па ни приходите не се големи.

Самонаметнатата поделба на публиката на „Фејсбук“, истакна Закерберг, е еднакво голема промена за „Фејсбук“ како кога пред шест години сфатиле дека корисниците повеќе сакаат до социјалната мрежа да пристапуваат преку паметни телефони наместо преку компјутери.

- Ако последните десет години на „Фејсбук“ беа за поврзување пријатели и фамилии, следните десет ќе бидат за создавање заедници - истакна Закерберг.

Тој додаде дека наскоро „Фејсбук“ ќе биде поголем фактор во помагањето на луѓето да си најдат работа, да продаваат и да купуваат нешта, да создаваат настани, да собираат финансиски средства и да си наоѓаат партнери. Марк рече дека промената се случува толку брзо што во следните месеци корисничката интеракција со „Сторис“ ќе ја надмине онаа со почетната страница.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија