X
 01.11.2023 Наша тема

Помалку „експерти“ на ТВ, повеќе научници и наставнички имунитет може да го решат проблемот со малиот интерес за наставна физика, вели проф. д-р Боце Митревски

Во услови кога училиштата кубурат со наставен кадар по физика, оваа академска година има само еден студент запишан во прва година на насоката наставна физика на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Намалениот интерес за студирање наставна физика е присутен неколку години. Физичарите велат дека ако незаинтересираноста продолжи, дефицитот ќе се продлабочи и државата ќе дојде во ситуација да нема кој да предава физика.

Најголем интерес за астрономија и астрофизика, а најмал за наставана физика

Од шесте студиски програми на Институтот по физика, најголем е интересот да се студира астрономија и астрофизика, а најслаб за наставна физика и геофизика и метеорологија. На што се должат ваквите состојби и кои се можните решенија, ги прашавме д-р Даница Крстовска, раководител и редовен професор на Институтот за физика при ПМФ, и д-р Боце Митревски, исто така редовен професор на Институтот и член на Друштвото на физичари на Македонија.

- Насоката астрономија и астрофизика е најактуелна можеби паради интересот на студентите за проучување на вселената, големиот напредок во оваа област со оглед на многубројните напредни техники, како и можноста нашите студенти по завршувањето на студиите на Институтот за физика слободно да го продолжат своето образование на некои од европските универзитети бидејќи нашите студии се целосно признати. Од друга страна, значително слабиот интерес за наставна физика и/или геофизика и метеорологија укажува на тоа дека најверојатно студентите не сметат дека ќе имаат просперитет во смисла на можностите што ги нуди државата, вработувањата и условите за работа - вели професорката Крстовска.



Физиката бара ментален напор, а општеството не го препознава како достигнување


Според професорот Митревски, факт е дека дипломиран физичар како кадар е дефицитарен, било инженери било наставници, а овие професии во нашето општество не се вреднуваат доволно.

- Проблемот со малиот интерес за студирање физика во поглед на причините е комплексен. Студирањето физика бара ментален напор, искрена желба, посветеност. Со таков проблем се соочуваат и универзитети во други држави, на пример, оние од поранешна Југославија, освен Словенија. Важен предуслов, исто така, е минимум познавање на содржини од математика и физика стекнати во основното и средното образование. Да се постигне таа цел, не е едноставно. Од друга страна, општеството и институциите не го препознаваат тоа како достигнување и не го вреднуваат доволно - вели Митревски.

Раководителката на Институтот, Крстовска, додава дека порано насоката наставна физика била многу актуелна за студентите, но сега сликата е поинаква.

- Моментално државата се соочува со недостиг на овој кадар и ако трендот продолжи, тој уште повеќе ќе се продлабочува и ќе еден ден ќе нема кој да предава физика во основните и средните училишта - вели таа.

Да се создадат услови нашите физичари од странство да се вратат и да работат тука

Наспроти ваквите состојби во високото образование, во средните училишта има интерес кај учениците за изучување на физиката, судејќи според високите резултати постигнати на меѓународните олимпијади по природни науки од каде што се враќаат со медали. Но, по завршувањето на средното училиште, мал број од тие ученици се студенти на Институтот за физика. Поголемиот дел заминуваат на студии во странство.



- Преку активностите на Друштвото на физичарите на Македонија (ДФРМ) и со поддршка од ПМФ многу средношколци успешно ја претставуваат Македонија на меѓународни натпревари, односно олимпијади. Еден дел од овие млади таленти заминуваат на странски универзитети и тоа не е спорно. Тие ќе поминат неколку години во друга средина, ќе стекнат знаење и способности, искуство, ќе се соочат со проблеми и предизвици во еден друг свет. Она што е поважно е да ги привлечеме, односно да овозможиме такви услови, таква средина и можности за тие да се вратат, да работат, да создаваат и да се борат со предизвиците во Македонија - додава Митревски, кој е дел од тимот професори што досега предводеле наши ученици на меѓународни олимпијади во странство и се враќале со големи успеси.

Државата дава стипендија од 18.000 денари месечно за студентите по физика

На прашањето што прави Институтот по физика за да привлечи студенти, Крстовска одговара дека организираат кампањи за промоција на наставните програми, отворени денови каде што учениците од прва рака се информираат за насоките, начинот на студирање и бенефициите. Се организираат и натпревари, како и популарни предавања. Воедно, Владата доделува стипендии за дефицитарни кадри во износ од 18.000 денари месечно и студентите на физика не само што се информирани, туку и најголем број се приматели.

Наставнички имунитет предвидува плата за наставник колку онаа на пратеникот


Професорот Митревски излезот од ситуацијата го гледа во подобрување на статусот и угледот на професијата наставник.

- Иако во денешно време зборот наставник (даскал, учител, професор) го има изгубено значењето, сепак, неговата мисија останува. Прво, општеството треба да препознае дека наставникот првенствено извршува мисија, а не работни обврски изразени во работни часови, предмети и оценки. Кога општеството ќе сфати дека мисијата е важна, дека наставникот е најважна алка за успехот на младите и прогресот на државата и општеството, тогаш и конкуренцијата ќе помогне во надминување на проблемот за кој зборуваме - вели тој.



Како можно решение тој предлага, слично на пратенички имунитет, легално и правно да се воведе наставнички имунитет. По дефиниција тој имунитет му гарантира на наставникот дека не може да зема плата помала од платата на пратеник во собранието на Македонија. Со наставнички имунитет се стекнуваат сите наставници што предаваат предмет за кој ќе се утврди дека нема доволно дипломиран стручен кадар, односно е дефицитарен.

Помалку петки, а повеќе знаење во училиштата

Понатаму Митревски предлага секоја учебна година да се распишува јавен повик за напредување на наставниците од основните и средните училишта. Стапката на напредување да расте со три до пет наставници во наставник-ментор и од еден до три наставници во наставник-советник во секоја година, за секое училиште. Притоа, насоки за овој процес на напредување, односно кариерен развој да бидат квалитетот на наставниците и успешноста на нивната мисија.

- Наместо пари од буџетот да одат во комерцијалните медиуми за јавни кампањи, парите да се насочуваат во медиумите кои вклучуваат текстови, емисии, филмови, серии и содржини поврзани со образование и наука. Наместо некритичко гледање само на Запад, да погледнеме и да се свртиме на Исток. И таму има земји со прогресивен образовен систем. Помалку декларативно, повеќе перманентно вложување во образование и наука. Помалку „експерти“ на ТВ, повеќе научници. Помалку петки во училиштата, повеќе знаење, способности и вештини - предлага Митревски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема