X
 28.10.2022 Наша тема

По скалилата на успехот со Татјана Стојановска: Не треба да се покаже пристрасност или да се наметне свое мислење при интерпретацијата на веста

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Медиумот е магија која ако те фати, нема бегање, вели Татјана Стојановска, која веќе 30 години е нашата најпрепознатлива ТВ-презентерка. По освојувањето на титулата мис на Македонија во 1992 година, инаку прва по осамостојувањето, таа почнала со обука кај менторите, подоцна и нејзини колеги во МТВ за совладување техники на говор, правоговор, интонација, дикција и настап пред камера. Кариерата ја почнала како водител на утринската програма „Добро утро Македонијо“ на МТВ, а по 3,5 години добила понуда да биде презентер на вести. 

- Секако дека имав трема и учев како да ја совладувам затоа што при појавувањето пред камера и јавен настап неизбежна е тремата. Но умешноста во нашата професија е да се научи како таа да се надмине или да се затскрие. Немав некоја желба, случајно влетав во медиумската работа и почнав да учам и да навлегувам сѐ повеќе и повеќе во водителството и во презентерството. Почнав да модерирам и настани и ете ме тука веќе 30 години. Затоа често пати велам дека сѐ е судбина, но и ние си ја кроиме судбината, нели – вели Татјана.

Таа има добиено награди за ТВ-лице на годината во категоријата на ТВ-презентери на весникот „Вечер“ за 1997 и 1998 година, како и признанието „Златна бубамара“ на популарноста за ТВ-презентер. Татјана моментално работи како презентер на информативната програма на телевизија „Канал 5“. Според нејзина груба пресметка, во изминатите 25 години има водено приближно 13.500 вести.

- И ден-денес понекогаш ја имам таа мала трема, креативна енергија, која те држи да бидеш сосредоточен на работата. Би рекла дека таа трема сега преминува во еден вид одговорност, што се јавува кај оваа професија, па и кај секоја јавна професија каде што се настапува пред аудиториум - додава Татјана.

 

Прв водителски ангажман ѝ бил како осмоодделенка на патронат на училиштето

Уште во раните школски денови во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ кај Татјана се наѕирал талентот за говор и правоговор, кој бил препознаен и од нејзината професорка по македонски јазик. На тој начин таа како ученичка постојано била ангажирана во подготовка на рецитали, монолози и настапи на приредбите во училиштето.

- Мојот прв водителски ангажман беше на патронат на училиштето во осмо одделение. Тогаш и не бев свесна дека тоа ќе ми биде моја професија, но некои работи ни се случуваат со причина. Моја детска желба беше да бидам професорка, но откако се запишав во средното економско училиште, планот ми беше да работам во таа област. На моменти си велев дека ќе завршам Економски факултет и ќе можам да бидам професорка по економски предмети, што значи желбата да бидам професорка не ме одминувала ни тогаш кога сум се определила за економија.

Да не се покаже пристрасност или да не се наметне свое мислење

По обуката во МТВ, Татјана почнала да се појавува во живо пред камера, а нејзин посериозен ангажман бил утринската програма каде што водела емисии и снимала прилози. По три и пол години добила понуда од колегите спикери да премие во информативната редакција на МТВ во секторот спикери и по кратка обука почнала да води вести.

-  Секако дека учев од моите колеги, тие постојано ме водеа низ процесот, ми укажуваа на грешките, учев и се градев. А и сѐ уште учам затоа што учиме низ работата, и секој настап ми е нов предизвик. Она што сметам дека е многу важно и што го научив од нив е да не се покаже пристрасност или да не се наметне свое мислење при интерпретацијата на веста. Да не се доминира со интонација или гестикулација, туку да се пренесе веста неутрално и строго информативно за гледачот да ја добие без да му се сугерира и наметнува мислење. Исто така, многу е важно да не се наметнеш и со изгледот и да не покажеш наметливост или ароганција затоа што тоа може многу лесно да те оддалечи од гледачот и да му станеш одбивен. За да траеш и за да го задржиш вниманието на гледачите долги години, не смееш да создадеш дистанца со нив - кажува Татјана.

 

Многу е значајно гледачот да разбере што му кажуваш

Правилен изговор, пријатен глас и изглед се едни од главните предиспозиции што според Татјана треба да ги има еден успешен ТВ-презентер. Тука, секако, многу е важно одлично да се познава стандардниот јазик, да се почитуваат правилата за акцентирање, да се совлада правилната интонација, да се има правилна дикција при читањето.

- Како и за секоја професија, така и за мојава треба да се има желба и мотивација. Секако дека треба да се поминат и обуки за читање. Многу е важно како ќе бидат презентирани вестите и ако сакаме да постигнеме квалитет и гледаност, тогаш мора да се внимава на професионалноста. Многу е важно гледачот да разбере што му кажуваш. Затоа е важно вестите да бидат презентирани со разговетен говор, со правилно изговорени самогласки, со чисти вокали, со умерено темпо на говор за да допре до увото на секој гледач. Затоа сметам дека презентерството е посебна професија и треба да се издвојува од новинарско-уредувачкиот дел на подготовка на вестите. Секоја чест на оние што ги имаат квалитетите и на презентер и на уредник/новинар – додава Татјана.

Имав понуда да работам во банка, но останав на ТВ

По дипломирањето на Економскиот факултет на отсекот Банкарство и финансии, Татјана имала можност да ја смени професијата и да го напушти ТВ-презентерството за да работи во банка. Сепак, не се одлучила за тој чекор.

- Додека студирав, паралелно почнав хонорарно да работам во МТВ како водител на утринската програма, а потоа и како презентер на вести. И така мислев дека тоа е една минлива фаза и дека потоа ќе работам како економист во банка, или можеби професорка во економско училиште, но ете судбината имала друг план за мене. Пред 10 години завршив и магистратура по менаџмент на човечки ресурси и претприемништво. Сѐ уште сум во медиумите, но никогаш не се знае каде ќе те одведе патот. Вложувањето во знаење и можноста за преквалификации и учење никогаш не треба да се отфрлат. Имав понуда пред 25 години, по завршувањето на факултетот, да работам во банка, но во тој момент одбрав да останам во телевизија - завршува Татјана.

 Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема