X
 02.10.2025 Живот

Граѓаните на ЕУ добија инструкции да подготват „пакет за преживување“ - еве што треба да содржи

Некои европски земји веќе сериозно се подготвуваат за мрачно сценарио и дури им изготвија водичи за преживување на своите граѓани во случај на конфликт.

Во услови на зголемени тензии меѓу Западот и Русија, во медиумите повторно се појави темата за комплетите за преживување во екстремни итни ситуации. Европската Унија покрена иницијатива со која ги повикува граѓаните на земјите членки да подготват сетови за преживување за 72 часа во случај на екстремни итни ситуации, вклучително и можни вооружени конфликти.

Оваа стратегија за подготвеност, која годинава ја претстави еврокомесарката за управување со кризи Хаџа Лахбиб, е дел од поширокиот план за зајакнување на отпорноста на Европа кон сложени и меѓусебно поврзани закани.

Од лекови до карти за игра

Според препораките, граѓаните треба да обезбедат резерви од вода, конзервирана храна, батериски ламби, кибрити, енергетски барови, лични документи во водоотпорна торбичка, готовина, лекови, швајцарски нож, карти за игра и радио на батерии.

- Знаењето што да се направи во случај на опасност ја спречува паниката - истакна Лахбиб, потсетувајќи на празните полици со тоалетна хартија во текот на првите денови од ковид-пандемијата.

Иницијативата се заснова на извештај на поранешниот фински претседател Саули Нинисто, кој ја нагласил потребата од стратешка подготвеност. Исто така, ЕУ планира да создаде стратешка резерва на клучни стоки, меѓу кои и противпожарни авиони, медицинска опрема и алати за справување со хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани.

Некои европски законодавци предлагаат секое домаќинство да добие прирачник за подготвеност, инспирирани од примерите на Германија и нордиските земји, кои веќе дистрибуираа информативни летоци и развија апликации со совети за кризни ситуации.

Три дена вонредна состојба

Лахбиб ја најави новата стратегија на ЕУ за подготвеност со десетина точки, меѓу кои и основање центар за координација на кризи и инструкции до сите граѓани да спакуваат комплети за итни случаи со доволно храна и резерви за да ги пребродат првите три дена од вонредната состојба.

Таа го откри и сопствениот пакет за итни случаи и порача секоја земја членка да состави список со предмети специфични за заканите со кои се соочува нејзиниот регион.

Пакетот треба да содржи фотокопии од лични документи, готовина, радио на батерии, полнач и надворешна батерија за телефон, батериска ламба, кибрити и запалка во случај на прекин на струја, прибор за прва помош, вода, храна и друштвени игри.

- Секако дека сите се надеваме дека никогаш нема да ни затреба, но дури и во ситуации како поплави, бури, пожари, не е лошо некои работи да ни се подготвени - изјави тогаш данскиот европратеник Стина Босе.

Крајната десница ја критикуваше иницијативата, обвинувајќи ја Европската комисија за ширење страв.

- Тоа создава паника, страв и ништо не помага бидејќи немаме војна во Европската Унија и се надевам дека никогаш нема да имаме - рече Кинга Гал од групата „Патриоти за Европа“.

Земјите најблиску до Русија најподготвени

Неколку земји веќе презедоа слични мерки. Не е изненадување што најподготвени се токму земјите најблиску до Русија.

Полска најави дека секое домаќинство до крајот на годинава ќе добие водич за преживување.

Шведска во ноември 2024 им дистрибуира на домаќинствата „жолта книга“ со инструкции за време на криза или војна.

Финска објави онлајн водич за справување со прекини на струја, телекомуникации или воени закани. Според анкета, 58 отсто од Финците веќе имаат обезбедено резерви за криза.

Литванија започна кампања „знаењето штеди“, за подигнување на свеста за цивилна заштита.

Естонија и Летонија дистрибуираа ажурирани водичи „Бидете подготвени!“ и „Што да се прави во криза“.

Франција претстави пакет за итни случаи, но главно насочен кон природни катастрофи.

Германија уште во 2021 објави содржина на пакет за преживување по поплавите и ковид-пандемијата.

Белгија ги советува граѓаните да набават вакви пакети и да се регистрираат на „Биалерт“ за навремени предупредувања.

Извор: Nova.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот