X
 03.02.2026 Образование

Летна школа во Шведска за зелена и дигитална транзиција - повик од УКЛО КОЛОРС

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола е отворен повик за учество на летна школа во Шведска, активност од Алијансата КОЛОРС. Најновиот повик за учество на летна школа што ја организира еден од партнерите, Универзитетот Кристианштад од Шведска, ќе се одржи од 11 до 15 мај 2026 година под наслов: „Регулативите на трудовото право и индустриските односи на ниво на компанија, за развој на зелената и дигитална транзиција“.

Оваа летна школа е поврзана со школа што ќе ја организира УКЛО КОЛОРС во Македонија, во текот на 2026 година, во координација на проф. д-р Елена Тиловска-Кечеџи и Правниот факултет на УКЛО, во рамките на работниот пакет 10 на Алијансата. На тој начин се овозможува заедничко организирање и реализација на соработките во рамките на партнерството на КОЛОРС, како помеѓу студентите така и помеѓу кадрите и соработниците од Македонија и ЕУ.

Професорката Елена Тиловска- Кечеџи истакнува дека Летната школа претставува значаен образовен настан кој им овозможува на студентите унапредување на нивните теоретски и практични знаења и вештини. Во рамките на програмата е планирана организирана посета на меѓународната компанија ИКЕА, преку која студентите ќе имаат можност за директно запознавање со современите деловни практики и реалната работна средина. Дополнително, програмата овозможува интензивна академска и културна размена, како и воспоставување нови професионални контакти и пријателства со студенти од други држави и универзитети.

Инаку, програмата е наменета за студенти од прв циклус на општествени науки, кои сакаат да ги продлабочат знаењата за тоа како зелената и дигиталната транзиција влијаат врз светот на трудот, компаниите, синдикатите и вработените. Посебен акцент се става на улогата на трудовото право и индустриските односи во управувањето со овие промени на ниво на компанија и организација. Преку интерактивен и меѓународен пристап, учесниците ќе стекнат: подобро разбирање за предизвиците што ги носат зелената и дигиталната транзиција, знаења за правната рамка на трудовите односи, искуство од европска академска средина и работа во мултикултурна група.

Инаку, зелената и дигиталната транзиција претставуваат клучни процеси што суштински ги менуваат начинот на работа, организацијата на трудот и односите меѓу работодавците и вработените. Во тој контекст, регулативите на трудовото право и индустриските односи на ниво на компанија имаат важна улога во обезбедување правична, одржлива и инклузивна трансформација на работната средина.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование