X
 26.04.2021 Наша тема

Дигитализацијата на образованието – неизбежна и неопходна придобивка на нововремието или негов товар?

Ќе тргнам од тоа како изгледа скелетот на воспитно-образовниот систем, пред сè, а потоа секако и каква е улогата на родителите во време кога нештата треба да се движат нанапред, затоа што тоа е единствениот правец во кој децата треба да одат. Образованието е еден гломазен, инертен организам, ревидиран и дотеруван постојано отпочеток според менувањето на неговите уредувачи, но суштински запоставуван многу децении...

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште


Последниве недели е многу актуелна темата поврзана со дигитализацијата на образовниот процес, особено аспектот на дигиталните учебници за сметка на кои во наставата во основното образование, од четвртото одделение нагоре, повеќе нема да се користат учебниците во хартиена форма. За учениците од првите три одделенија сè уште ќе важат класичните учебници, во интерес на нивната возраст и доживувањето на училиштето, книгата и обврските што таа ги подразбира. Ќе бидам искрена и ќе речам дека за ова писание, веројатно како за ретко кое досега, ми требаше многу време, многу балансирање на емоциите како наставник, бидејќи знам што им е на децата и што сакаат, а што ни е нам, на наставниците, и што не сакаме – знам и зошто. Одамна веќе сè ми е јасно. Ми требаше да се изборам и со свесноста за околностите, за структурата на нас самите во сите улоги – родители, деца, наставници, за начинот на кој го сфаќаме одењето напред, како и причините поради кои летот в место го доживуваме како единственото движење кое подразбира квалитет, за контурите на системот, длабоко заболен, а амбициозен да се издигне над апатијата, застареноста, демотивацијата. Нејсе. Ќе се обидам на моево писание да му дадам една структура по нивоа или различни аспекти, кои сметам дека треба да бидат апострофирани како реални, но за жал, очигледно тешко сфатливи, а уште потешко надминливи и покриени со разумни решенија.

Ќе тргнам од тоа како изгледа скелетот на воспитно-образовниот систем, пред сè, а потоа секако и каква е улогата на родителите во време кога нештата треба да се движат нанапред, затоа што тоа е единствениот правец во кој децата треба да одат. Образованието е еден гломазен, инертен организам, ревидиран и дотеруван постојано отпочеток според менувањето на неговите уредувачи, но суштински запоставуван многу децении. Безмилосно поларизиран, максимално деформиран по сите основи и постојано шминкан по принципот на затскривање на воспитно-образовните брчки, без да се има доблест, како и личен и професионален габарит од сите инволвирани да се согледа дека кога самиот би се погледнал во огледало, тоа што ќе го види се истите брчки на лицето на учениците – оние за кои училиштето е сè, само не привлечна учебна средина во која раснат со љубов кон учењето и оние кои тие брчки, кои ќе ги следат цел живот, со ништо не можат да ги покријат. Оние брчки што имаат име. Се викаат Последици. Маса ученици за кои училницата одамна не е адреса на знаењето. Маса наставници за кои истата локација одамна не е предизвик. Маса родители за кои борбата за децата, во нивно име и за нивни права, ги губи фокусот и чекорот со здравото родителство.

Каква е атмосферата во ваквата констелација на околности?

Мачна е, максимално мачна за доживување и прифаќање на сите случувања, кои се сведуваат на „Реалност, тоа е.“ Навистина е тешка за следење сета упорност, сета гласност. Сето сè. Пред сè, ете ги надлежните институции во силен напор да сменат несменливо. Амбициозно позиционирани во решеноста да се следат модерните трендови, кои веќе одамна се реалност за современите системи. Не ретерираат. Наспроти нив, ете ги сите други чинители, многу гласни во манифестацијата на отпорот кон предложените резови, многу агресивни во начинот на комуникација, многу нетрпеливи и многу често обоени со колор кој многу кажува, ако внимателно се разгледа коментарот, аргументот и стилот. Не престануваат. Реформски зафати кои се толку многу потребни, а толку тешко спроведливи во средина во која ниту еден зафат ниту конструктивно се разгледува, ниту се доживува, а уште помалку се прифаќа како потребен, корисен и со позитивни ефекти врз оние за кои, ете, сите се бориме – децата. Напротив, во старт се соочува со ѕидови мерени со недостиг на решенија на инфраструктурни проблеми, со изливи на бес од типот на „Немаат сите деца еднаков пристап“ или „Оди по училиштата да видиш какви се тоалетите, па после прави реформи” или „Кој ти даде за право да се играш со судбината на децата“ и цела избрана плејада на коментари кои, пред сè, се скарани со пристојноста, одмереноста и културата во искажувањето личен став, поради што и колку да се точни, а во основа се, губат на аргументацијата. Барем кога е во прашање некој што кога ги чита, прифаќа и знае дека нештата не чинат, но и дека посочувањето на тоа што не е во ред мора да подразбере стил на однесување кој нема да го сврти фокусот на она што децата не го заслужуваат. Затоа и тие станаа гласни, еднакво дискутабилно аргументирани, но вооружани со барања, закани и напор да покажат дека тоа што сега ќе им се случи, не е она што веќе им се случило и е она заради кое толку малку знаат. И немаат проблем со тоа.

Што треба да се направи, всушност?

Пред сè, за надлежните: Сметам дека би требало да се обидат чекорите да ги одат според принципот „Третиот чекор зависи од првите два.“ Toa би значело дека пред да се воведе дигитализацијата на учебниците, на пример, треба да се утврди што ќе значи тој зафат во средина во која учебникот, кој мириса кога ќе се отвори и просто повикува на учење, нели, сè уште се смета за единствениот учебен извор, чие чепнување ете, се детектира како дидактички ерес. Во такви услови, без да сакам да заземам став на апологет (затоа што и јас ги гледам грешките во чекори, ги етикетирам и ги посочувам, но и го ценам напорот да се оди, и покрај сите сопки, неспособности и немоќ), ќе кажам дека ги сакам промените и сметам дека се многу, многу, многу потребни, но да, стојам и зад тоа дека тешко се здогледува фактот според кој за да се имплементира новина, претходно се создава почва за новите виреења. Свесност за реалните состојби подразбира суштинска анализа на теренот, утврдување на фактичките околности во поглед на интернет-пристапот, бројот на ученици кои немаат ИТ-уреди ниту за следење на наставата ниту, пак, за користење на е-учебниците, останатите инфраструктурни состојби низ училиштата, пресек на кадровата состојба, што секако може да биде тема на посебно писание (пак ќе кажам – еден образовен систем е силен онолку колку што е силен образовниот кадар и ниту еден зафат не може да се реализира, ако нема капацитет, желба и професионален огин за тоа), ревизија на учебниците (оваа состојба е особено болна тема, ако се земат предвид сите просто страшни концептуални, содржински и воспитни аспекти на дел од учебниците, на кои фелата многу долго алармира), можноста училиштето да ги печати учебниците за оние ученици што немаат пристап до нив во е-форма, или пак тоа да го прават родителите (уште еден аспект за кој треба да се размисли, ако се земе предвид капацитетот на училиштето за такво нешто, како и финансиската сила на родителите ако треба да печатат 10 учебници, да речеме). Смислата на приоритетите е да се утврди најважниот и од него да се тргне, поради што секој друг редослед на активности ќе биде осуден на пропаст. Колку и да е убаво замислен и оценет како потребен. Конечно, ако интенцијата е промена во интерес на децата, тогаш навистина треба да се направи внимателна процена дали тоа е во нивен интерес или не е.

Понатаму, за нас, наставниците: Спаѓам во оние луѓе што секогаш сакаат нештата да ги именуваат онака како што се викаат. Затоа, сметам дека од нашиот здрав, исклучиво професионален приод кон потребата од промени зависи колку истите ќе имаат шанса да заживеат. Се плашиме ли од промени? Дали опасноста од напуштање на комфорната зона, во која ние сме зборувачите на лекции и преферираме учебник во хартија, во време на огромен, отворен интернет-простор за прибирање информации, можеби нè прави несигурни? Се сомневаме ли во сопствените компетенции? Продуцираме сè послаби ученици и тоа е факт. Немоќни сме да го вратиме стариот сјај на нашите училници, и тоа независно дали сме на училиште или пред монитор. Зошто сметаме дека единствено хартиениот учебник е синоним за знаење? Сведочиме на фактот дека онака како што на почетокот на годината ќе го добијат комплетот учебници, врзан во кеса и означен со број на учебници внатре, така неодлепен, ќе ни го вратат на крајот на годината? (зборувам за средношколците) Затоа што многу сакаат да читаат? Не е до учебникот, ниту до формата на истиот. До нашиот неуспех е во градењето на културата на учење, до нашата немоќ да им влееме љубов кон знаењето како есенцијален градбен материјал на нивната личност, заради кој цел живот ќе бидат стамени, цврсти и сигурни во себе. Додека се препукуваме кој е поголем учител, си ги сликаме сертификатите од обуките за градење на ИТ-компененции и се делиме по сите основи, ги испраќаме децата во живот во кој знаењето им го мериме според тоа од што читаат, а не според тоа колку од тоа што читале останало за нив и во нив, а заради нас. Читам и многу реакции од фелата на изјавата од надлежните дека децата се несреќни и затоа има потреба од промени. Искрено, ме изненади и интензитетот и нивото на реагирање на нешто толку точно. Па нели гледаме дека се несреќни со нас и дека не им е интересно? Зошто се лутиме кога тоа некој ќе ни го каже? Тоа ни го покажуваат со тоа што не учат, што молчат од учтивост, што вреват од неучтивост, што не се слободни да ни кажат дека им е здодевно – затоа немаме право да речеме дека училиштето не е луна-парк, дека ние не сме тука да ги забавуваме и дека нивна задача и обврска е да учат без поговор. Во ова време кое плаче за промени, овие деца тоа едноставно нема да го прават. И ќе бидат несреќни и ќе си одат од нас со олеснување, наместо со копнеж.

Понатаму, за родителите: Сметам дека треба малку да се подзастане, навистина. Целиот овој галопирачки од, толку негативен, толку осудувачки, толку многу деградирачки не може да им помогне на децата. Напротив, им одмага, ако тргнеме од фактот дека наставниците и родителите треба да се партнери, кои се разбираат и надополнуваат бидејќи интересот им е заеднички – децата. Ги читам реакциите на родителите во поглед на е-учебниците, донекаде оправдани, донекаде не. Фокусот им е ставен на времето кое децата ќе го поминуваат пред монитор, пред сè, како и последиците што ќе произлезат од тоа – проблеми со видот, со 'рбетот. Факт е, точно. Но од друга страна, ако се земе предвид дека овие деца раснат во времето на силен технолошки бум, во ерата на дигитализацијата и дека за нив мониторот е единствениот прозорец кон светот, можеби фокусот како родители треба да го свртиме во правец на тоа дека многу време веќе поминуваат пред монитор, а во тоа не ги спречуваме. Со часови играат игри, се допишуваат со другарчето на чет за сè, само не за заедничко учење. Дури и не знаеме за што сè го користат интернетот. Дури и кога се многу мали, за да седат мирни и да нè остават на раат некое време, им ги даваме мобилните телефони во кои, иако едвај седат со цуцлите во устата, многу фокусирано следат цртан филм, без да трепнат. Колку до вчера, и со право секако, родителски се критикуваше дека ранците на децата се претешки и дека прво им оди главата, па потоа тие, кутрите, под товарот на многуте килограми книги во ранците. Сега наеднаш, во време кога им се нуди опцијата на учење од секогаш достапен извор на знаење, кој како што читам, би бил и интерактивен и во време кога подобро од нас се снаоѓаат низ интернетот, ете, ќе останат неписмени и осакатени за цел живот. Затоа, почесен приод кон нештата кои можат да им помогнат на децата сепак треба да биде родителскиот императив, пред да се осудува. Оти децата гледаат. И учат. И како не треба, меѓу другото.

Конечно, за децата: Секогаш сум за нив, со нив и заради нив. Но, сепак, сметам дека она што од оваа ситуација треба да го извлечат како патоказ покрај патот е желбата да гледаат нанапред, а тоа го можат само со помош на сите нас, возрасните. Немаат повеќе мотив за учење. Немаат ниту потреба. Секоја промена, благодарение на општата клима и животниот аутфит во кој сите сме со дискутабилен изглед, и за нив ја губи бојата на предизвик и станува баласт, против кој се бунат без да одмерат што тука е добро, а што не е. Па потоа заедно со нас, да инвестираат во доброто, а да сигнализираат за она што не е во ред. Вака како ги учиме сите ние, секој по една лекција и тоа, за жал, истата, тешко дека ќе сфатат дека промена значи подобро и дека со неа ќе се сменат тие самите – она што толку многу им е потребно.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема