X
 03.05.2023 Образование

Шест кандидати во трка за нов ректор на УКИМ, изборната комисија ги прифати сите пријавени

Билјана Ангелова од Економскиот институт, Горан Ајдински од Филозофски факултет, Ратко Дуев од Филозофски факултет, Атанас Кочов од Машинскиот факултет, Христина Спасевска од ФЕИТ и Димитар Ташковски од ФЕИТ се кандидатите за нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и ќе учествуваат на изборите на 30 мај. Нивните кандидатури се прифатени од Универзитетската изборна комисија која на состанок попладнево ги разгледа сите шест пријави што стигнале до вчера кога заврши огласот.

Претседателката на Комисијата, проф. д-р Родна Живковска, за МИА изјави дека ја утврдиле листата со шест кандидати и дека сите шестмина кои се пријавиле доставиле сѐ што е потребно за да учествуваат во трката за избор на ректор за мандатниот период 16 септември 2023 - 15 септември 2026 година.

-Констатиравме дека сите имаат доставено согласност за комуникација (контакт), дека имаат пријава, имаат програма, биографски податоци, библиографски единици, избор за редовен професор и државјанство на Македонија - рече Живковска.

Министерството за образование и наука (МОН) денеска соопшти дека по пауза од 10 години повтори ќе се доделуваат стипендии за постдипломски студии и оти конкурсите се во тек.

Според роковникот, до 9 мај ќе трае рокот за приговори, кои не се очекуваат со оглед дека се прифатени пријавите на сите шестмина што конкурираа. На 10 мај на веб-страницата на УКИМ треба да бидат објавени програмите за работа и биографиите на кандидатите.

Гласањето на факултетите и институтите во состав на УКИМ ќе се спроведе на 30 мај кога се очекува да биде избран новиот ректор на универзитетот. Тој треба да го наследи актуелниот, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој беше ректор во два мандата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование