Центарот за рангирање светски универзитети (CWUR) ја објави листата со 2.000 најдобри универзитети во светот за 2025 година и на неа не се најде ниеден универзитет од Македонија.
Минатата година Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ беше рангиран на 1.990. место, но годинава воопшто не се најде на листата.
Според листата, петте најдобро рангирани универзитети во светот, како и лани, се Харвард, МИТ и Стенфорд од Соединетите Американски Држави, Кембриџ и Оксфорд од Велика Британија.
Фото: CWUR
Од регионот, најдобро рангиран e Националниот и Каподистриасов универзитет во Атина, кој се најде на 287. место. На листата има 11 грчки универзитети.
На неа се најдоа и четири српски универзитети, меѓу кои најдобро рангиран е Универзитетот во Белград, кој се најде на 387. место.
Универзитетот во Љубљана е еден од двата словенечки универзитета што се најдоа на листата и тој е рангиран на 440. место. Универзитетот во Марибор, пак, се најде на 1.220. позиција.
Хрватска има три универзитети меѓу најдобрите, од кои најдобро рангиран е Универзитетот во Загреб, кој се најде на 516. место.
Бугарија има два универзитета на листата, од кои подобриот - Универзитетот во Софија - е на 1.048. место.
На листата нема универзитети од Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Насловна фотографија: Freepik