X
 04.06.2021 Здравје

Зошто многу напредни земји лошо се справија со пандемијата?

Во првата година од пандемијата се чинеше дека богатите земји беа потешко погодени од ширењето на ковид-19, и покрај тоа што имаат подобри здравствени системи. Зошто се случи тоа?

Истражувачите Рејчел М. Џизелквист и Андреа Вакаро ги анализирале статистичките податоци поврзани со пандемијата за да ја објаснат необичната ситуација. Тие ги анализирале авторитетот, капацитетите и довербата на граѓаните во земјите низ светот како клучни показатели на ефективноста на државите. Според овие показатели, земјите како Кина со голем авторитет, оние со капацитети како Финска и оние во кои граѓаните имаат доверба во политичарите, како Канада, би требало најдобро да се справат со пандемијата.


Фото: Pixabay

Истражувачите откриле дека овие показатели не може да го предвидат развивањето на епидемиолошката состојба во државите бидејќи земјите што се оценети добро според показателите имале високи стапки на заразени лица и смртни случаи како последица од ковид-19. Впрочем, анализата на Џизелквист и Вакаро покажала дека колку се поефективни државите, толку послаби мерки за спречување на ширењето на ковид-19 биле воведени.

Освен тоа, земјите оценети како ефективни биле побавни во донесувањето соодветни мерки, додека држави како Сомалија и Јемен побргу вовеле мерки иако се оценети како помалку ефективни.


Фото: Pixabay

Сепак, истражувачите велат дека постојат повеќе фактори што ги објаснуваат овие разлики. Земјите што граничат со држави во кои имало многу заразени лица се во поголем ризик, што ја направило Јужна Европа ризичен регион во првиот бран без разлика што земјите таму се оценети како ефективни.

Освен тоа, земјите со постаро население се поранливи за време на пандемија, а во Јапонија и Германија над 20% од населението се постари од 65 години. Џизелквист и Вакаро додаваат дека можна причина е и тестирањето на повеќе луѓе во ефективните земји, поради што се откриваат повеќе случаи.

Според нив, кога во анализата се земени предвид и овие фактори, се добива заклучок дека земјите со поголеми капацитети за јавни услуги имале помалку заразени лица и смртни случаи, а државите со авторитет имале помалку случаи на заболување што воделе до смрт, иако немале помал процент на заразени жители. Од друга страна, нема врска помеѓу епидемиолошката состојба и довербата на граѓаните во владата.

Извор: The Conversation
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје