X
 04.10.2020 Живот

Концепт за уживање на отворено по кој се водат Норвежаните

Норвежаните имаат традиција за надворешни активности дури и во студените периоди. Во земја во која зимите се долги и темни, жителите научиле како да ја прифатат реалноста и да искористат најмногу од надворешните површини преку концептот „friluftsliv“, кој се сфаќа како радост да се биде на отворено. Тој е сличен на данското „hygge“, но Данците се посветуваат на наоѓање удобност внатре, за разлика од Норвежаните.

„Friluftsliv“ е дел од одморите и слободното време на повеќето Норвежани. Дури и во најстудените денови Норвежаните наоѓаат време да се поврзат со природата, да дишат чист воздух и да ја ценат едноставноста на отворениот простор.

- Животот на отворено не се фокусира на натпреварување или мерење време, туку на физичка активност со свое темпо, како релаксација, мир и време за себе или со другите - објаснува Даг Терје Кларп Солванг, генерален секретар на Норвешката асоцијација за пешачење.

За уживање на отворено не мора да се трошат пари. Доволна е едноставната прошетка со семејството, кампување со пријателите или одење на риболов со роднина.


Фото: Pixabay

Изразот бил составен во 50-тите години на 19 век од страна на норвешкиот писател и поет Хенрик Ибзен, кој објаснил како времето на отворено може да ја подобри духовната и ментална благосостојба.

Норвежаните долго време ја негуваат својата страст за отворено, но за време на пандемијата таа станала уште посилна. Според Норвешката асоцијација за пешачење, апликацијата за следење патеки има 70% повеќе корисници годинава во споредба со 2019.

Во Норвешка има и закон за рекреација на отворено со кој луѓето имаат право на пристап до селските предели. Според законот, секој може да ја користи земјата за кампување, пешачење, скијање, возење велосипед итн. Сè додека ја оставаат земјата таква каква што ја откриле, жителите може да користат сечија земја за рекреативни цели.

Автор: Саша Брејди
Извор: lonelyplanet.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот