Астрономите од Меѓународниот центар за радиоастрономски истражувања ја создадоа најдеталната радиотелескопска снимка на Млечниот Пат досега, користејќи детекција на нискофреквентни радиобранови.
Оваа спектакуларна нова слика го прикажува Млечниот Пат од јужната хемисфера во живописни бои, благодарение на различните радиофреквенции што ги откриваат невидливите структури на галаксијата.
Истражувањето овозможува нови начини за проучување на раѓањето, еволуцијата и смртта на ѕвездите во нашата галаксија.
Силвија Мантованини, докторанд од Универзитетот „Картин“, која е дел од Меѓународниот центар, посветила 18 месеци и повеќе од 40.000 часа за конструирање на сликата, користејќи суперкомпјутери во истражувачкиот центар „Поуси суперкомпјутинг“ за обработка и спојување на податоците од две обемни истражувања.
Истражувањата биле изведени со помош на радиотелескопот Ем-дабјлу-еј во опсерваторијата Мерчисон, Западна Австралија.
Новата слика, фокусирана на нашата галаксија, има двојно поголема резолуција, десетпати поголема чувствителност и покрива двојно поширок простор од претходната слика направена во 2019 година.
- Оваа живописна слика ни овозможува невидено богат поглед на нашата галаксија во ниските радиофреквенции. Таа открива значајни сознанија за животниот циклус на ѕвездите, од нивното создавање во различни региони на галаксијата, преку нивната интеракција со другите небесни тела, па сè до нивната смрт - изјави Мантованини.
Нејзиното истражување се фокусира на остатоците од супернови, облаци гас и енергија што остануваат по експлозијата на ѕвезда на крајот од нејзиниот животен циклус. Иако досега се идентификувани стотици вакви остатоци, астрономите веруваат дека илјадници сè уште чекаат да бидат откриени.
Сликата овозможува да се разликува гасот околу новородените ѕвезди од оној што останал од мртвите ѕвезди, откривајќи појасни обрасци во космичкиот пејзаж.
Професорката Наташа Харли Вокер, член на истиот тим од Меѓународниот центар и водечки истражувач на проектот „ГЛЕАМ-екс“, истакна дека ова претставува голем чекор напред во проучувањето на структурата на Млечниот Пат.
- Оваа слика овозможува откривање на огромни астрофизички структури во нашата галаксија кои е тешко да се снимат на повисоки фреквенции. Никогаш досега не била објавена радиоснимка на целата јужна галактичка рамнина на толку ниски фреквенции. Ова е навистина возбудливо достигнување во астрономијата - нагласи Вокер.
Мантованини додава дека само најголемиот радиотелескоп во светот, „СКА-лоу“, дел од проектот „СКА обезравотри“, кој треба да биде завршен наредната деценија, ќе може да ја надмине оваа слика по чувствителност и резолуција.
Фото: Screenshot/Vineo