X
 05.03.2024 Наша тема

94,8 отсто од жителите на Македонија имаат близок иселен во странство, 77,7 отсто би тргнале по истиот пат... Што покажа анкетата за иселувањето

Кога ја правевме анкетата за тоа дали имате некој близок иселен во странство, потсвесно очекувавме резултати какви што добивме, но имаше некоја тронка надеж дека процентите ќе бидат помали. Анкетата наиде на огромен одѕив и добивме 921 одговор, а резултатите, накратко кажано, се поразителни. Желбата за напуштање на татковината кај жителите на Македонија очигледно е многу голема, а причините за тоа се многубројни.

Огромни 94,8 отсто од испитаниците одговориле дека имаат некој од фамилијата што ги спакувал куферите и заминал да живее во друга држава. Само 5,2 отсто одговориле негативно на ова прашање.



Најголем дел од иселениците си доаѓаат во Македонија само еднаш годишно (40,6%), 34,2 отсто ја посетуваат татковината 2-3 пати годишно, 20,9 отсто го прават тоа еднаш на неколку години, додека 4,2 отсто си доаѓаат дома и почесто од 2-3 пати.



Според одговорите на нашите испитаници, две третини од иселениците, односно 71 отсто не им помагаат финансиски на своите во Македонија, додека 29 отсто испраќаат средства за да им помогнат на фамилиите. Годишниот износ што го испраќаат иселениците во најголем број случаи е до 200 евра (27,7%), потоа 23 отсто испраќаат од 200 до 500 евра годишно, 19,5% испраќаат од 500 до 1.000 евра, а 10,3% испраќаат од 1.000 до 2.000 евра годишно. Повеќе од таа сума испраќаат 19,5% од нашите испитаници.




На прашањето дали и вие би ја напуштиле Македонија, добивме одговор кој слободно можеме да кажеме дека е поразителен. Неверојатни 77,7 отсто од нашите испитаници би се иселиле од татковината, додека 22,3 отсто би си останале дома.



И тука следуваат илјада причини зошто би се иселиле од Македонија и зошто не. Испитаниците кои би ја напуштиле земјава како главни причини ги наведуваат митото, корупцијата, политизираноста на општеството, незадоволството од образованието, здравството, законодавството, загаденоста и нормално, финансиите. Често во одговорите наведуваат дека се чувствуваат деградирани и немоќни во сопствената татковина, но и дека државата свесно ги брка младите. Во продолжение се некои од нивните одговори.

-Лошо образование, здравство, судство, лош квалитет на воздух, вода, чести неправди, непреземање одговорност од  лицата на власт, дозволување од сите страни и секој да се меша во политиките на државата, народ кој е верски заслепен, но со нула емпатија, корупција итн.

-Потценување, неправда, нееднаквост на луѓето, законите за едни важат, за други не важат, непочитување на основните права, за некои „државата“ е мајка, а за други (како мене и моето семејство) е маќеа од најлош тип (направи вандализам, уништување на приватна сопственост и крадење на приватна сопственост без обесштетување, еден од многуте случаи), немање иднина и перспектива и, се разбира, немање какво било вработување, односно немање никаква егзистенција итн.

-Подобри можности за кариера, квалитет на живот, подобра иднина, образование, здравство, работнички права, подобар финансиски статус, загаденост на воздухот, пензиски придобивки и многу други предности.

-Лош образовен, здравствен и правен систем. Стандардот со платите не се совпаѓа, овде не се живее, туку се преживува. Платите на луѓето со високо образование се премногу ниски, што значи со години треба да работат само за да си ги вратат парите вложени во своето образование. Исто така, при вработување не се гледа квалификацијата на работникот, туку дали тој има врски или партиска книшка. Затоа не сакам да останам во држава каде што ќе бидам потценувана и граѓанин од втор ред. Подобро да бидам странец во друга држава отколку во сопствената.

-Поради секојдневие со страшна неправда, корупција, мизерни плати, невреднување на квалификуван кадар и партиски систем на вработување. Тука нема место за неопределените!

-Немаме луѓе што ќе стојат зад народот. Немаме закони, здравство, образование судство. Се распаѓаме како држава ....и нормално ниски плати, народот крпи крај со крај.

-Корупција, нефункционални државни институции (здравство, образование, култура), загаден воздух, минимални плати, партизација, позиции според врски, а не според заслуга, ужасен меѓуградски транспорт, депонии, нерешавање на ситуацијата со бездомните животни, корумпирано судство, политички елитизам итн.

-Не сакам да живеам во држава каде што политиката е вмешана во секоја сфера од нашите животи, а корумпираноста е џокерот што ни е потребен за да можеме да ги извршиме основните потреби.

-Основни елементи на функционално општество се здравствен, образовен и правен систем. Ни едно од трите не е функционално тука. Ако нема основни услови, што правиме со сите покомплексни од нив? Ама тука се оди по логика: ако се нема за леб, нема ни да се има идеја за суши.

-Комплетно сум разочарана од државата, ниедна институција не е функционална, имам многу искусено, но нема да навлегувам во тоа. Не наоѓам среќа или надеж во ниеден сегмент, неправди на секој чекор, на државата воопшто не ѝ е гајле за својот народ. Се сметам за баксуз што сум родена во оваа мизерија. Престанав да верувам дека ќе нѐ биде. Посакувам од дното на душата сите да се иселат.

-Веќе сум во процес на иселување. Овде немам можности за кариера поврзана со мојата струка. Исто така, државата не дава добри бенефити за раѓање дете. Породилното отсуство е многу пократко и нема паричен надоместок како во многу други европски земји.

-Поради менталитетот, поради мрзливоста од сите, поради тоа што сите сакаат да работаат во т.н. администрација. Сите завршуваат со врски, сите се преокупирани со партија, а не со кариера, младиве се осакатени и отруени, а тоа е многу страшно и сериозно.

-Треба желудник да се поднесе бескрупулозното продавање на образи заради некои ситни и лажни (не)вредности. Човештината и другите вредности полека стануваат мисловна именка, партиската книшка главна карта за влез во овој циркус!



Оние, пак, што сакаат да останат да живеат во Македонија велат дека не сакаат да се разделат од фамилијата и блиските тука во Македонија, како и од родното огниште, но остануваат и поради пристојна заработка која успеале да ја достигнат тука, како и поради љубовта кон својата татковина и надежта дека нештата може да тргнат на подобро, но чест одговор на ова прашање беше и дека мораат да останат затоа што веќе остареле за да менуваат живеалиште. Ова се дел од нивните одговори.

-Ако одиме сите од Македонија, кој ќе остане тука? Ова е нашата татковина и тука треба да ги подобриме условите за живот и работа.

-Доколку ги засукаш ракавите, Македонија нуди многу можности.

-Работам за странска фирма од дома и платата ми е како во странство, но приврзан сум за местото кај што сум израснат, имам пробано да живеам надвор, но никаде не е како дома.

-Затоа што имам добри примања, убав живот тука, покрај моите родители. Не би сакала да ги поминам годините далеку од нив и од блиските. Затоа што дома си е дома.

-Имам родители на кои им треба грижа од децата, како што тие се грижеа за нас.

-Не треба да се откажуваме кога е тешко, треба да направиме нешто за да биде подобро.

-Уште ми се мали дечињата и ми треба повеќе помош.

-Страв од фактот дали би се вклопиле во нова средина, а и не заработуваме лошо во моментот.

-Сметам дека условите за живот тука и таму не се нешто драстично различни, може и тука да се просперира и да се живее добро доколку сте дел од ИТ-сектор.

-Би се иселил само доколку следните 3 работи се задоволени (што е тешко изводливо):
- да се добие кариерен предизвик што не се одбива (и прифатлива кариерна ситуација за партнерот/ката);
- да е една од малкуте добри локации во светот за живеење кои имаат добра иднина во наредните 100+ години и каде што има смисла да расте фамилијата (климатски, финансиски, образовно, здравствено);
- да е локација каде што ќе бидеме прифатени како нормални граѓани со еднакви можности како и сите други.
Во останатите случаи поверојатно е дека квалитетот на живот во Македонија ќе ми биде подобар и затоа веројатноста за иселување е мала.

-Затоа што нема поубава земја на светот. Штета што за овие 30 години на чело не застана некој на кој интересот за Македонија ќе му биде пред личниот интерес.

-Зошто сум заглавен во кредити до немај каде, како со фирма така и приватно, и не постои опција во странство со која било плата да ги покријам сите камати. Доколку имав само станбен кредит и доколку фирмата ми беше без кредити - ја затворам, отпуштам 14 вработени и си бегам во странство, пред сѐ, за иднината на моите деца.

Насловна фотографија: Unsplash

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема