Кога сте во потрага по авантура, страста, желбата и професијата можат да ве однесат на далечни дестинации до кои не секој има шанса да стигне и не секој би прифатил да живее на тие места. Д-р Невена Ефремова од Свети Николе патот ја однел прво во Лондон, а потоа и на егзотичните, но временски сурови Шетландски Острови кои се дел од Шкотска и најсеверна точка на Велика Британија.
Триесет и осумгодишната Невена имала можност да работи и во Лондон, но решила да прифати сосема поразличен предизвик.
- Целта ми беше да работам во Лондон, каде што имав неколку можности. Но, една агенција за работа ми понуди работа на Шетланд и кога видов на мапата каде се наоѓа ординацијата, сфатив дека треба да се впуштам во таква авантура. Ми беше навистина интересно и различно, не секој има шанса и не секој би прифатил да дојде тука. Јас го сфатив како авантура со дополнителна желба повторно да се вратам во Лондон или некоја друга урбана средина - раскажува Ефремова за Факултети.мк.
Стоматологијата е дефицитарна во крајните области на Шкотска и лекарите можат да одбираат, а мештаните сметаат дека странците, особено од Балканот, се многу вредни работници.
Ефремова завршила на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, но во Велика Британија цели пет години не можела да работи како стоматолог бидејќи нострификацијата на дипломата во оваа земја траела пет години.
Откако завршила со нострификацијата на дипломата, веднаш ѝ пристигнале понуди за работа, меѓу кои и работното место на Шетланд. Авантурата, необичниот остров и гостопримливите домаќини биле рецептот за останување. Невена е таму веќе две години.
- Првпат дојдов во ординацијата откако веќе го потпишав договорот.. Малку е тешко да се најде сместување, не се градат нови објекти, има доста туристи и претпоставувам дека капацитетот не е доволен. Добредојдена сум од првиот момент, почнувајќи од првиот лет кога жената која седеше до мене во авион, кога слушна дека ќе работам како стоматолог, се понуди да ме префрли до градот со автомобил. Цел час ме возеше иако таа живееше во друг правец - открива Невена.
Гостопримливоста и позитивната енергија на мештаните ги почувствувала веднаш. Вели дека тие имаат сличен менталитет на балканскиот и многу голема важност му придаваат на семејството, што е поразлично од она што го доживеала во Лондон.
- Луѓето се гостопримливи, сакаат да помогнат, отворени се, почнувајќи од вработените во ординацијата. Пациентите се многу благодарни кон мене и кон сите странци. Свесни се за тешката клима тука, со ветрови кои постојано дуваат. Студено е, немам чувство дека има друго годишно време освен зима. Тие велат дека на Шетланд има 9 месеци зима и три месеци екстремна зима. Многу се свесни дека човек тешко може да се приспособи на климата и затоа се благодарни што сме дојдени да помогнеме, вели нашата докторка.
Шетланд е архипелаг североисточно од брегот на Шкотска. Островите се наоѓаат североисточно од Оркниските Острови и околу 280 километри југоисточно од Фарските Острови. Вкупната површина на островите е 1.466 км², а на нив живеат само околу 22.000 жители. Невена живее во Лервик, единствениот град на Шетланд, кој има само 7.500 жители.
Вели дека мештаните се грижат за денталното здравје и ретко ги испуштаат прегледите.
- Се грижат за своето здравје, имаат преглед на секои шест месеци, закажуваат и ретко го испуштаат, освен ако се болни. Имам впечаток дека доста влечат трауми од претходно поради дефицитот на стоматолози, не им биле достапни заболекарските услуги како сега. Но, не се откажуваат, многу се послушни како пациенти - открива Невена.
Поради малата средина, Невена е блиска со пациентите кои ги среќава секојдневно на улица, што не било случај со пациентите во Лондон кои ги гледала еднаш на шест месеци.
- Јас лично сум влезена во комфорна зона бидејќи можам да остварам контакт надвор со пациентите, ги сретнувам по улица, за разлика од Лондон кога ги гледав еднаш на 6 месеци. Многу е безбедно, на островот нема криминал, а најголем прекршок е брзо возење. Граѓаните спијат со отклучени врати на домовите и на автомобилите. Мирно е, јас сум од мала средина од Свети Николе и живеам исто како да сум дома - вели Ефремова.
Таа потенцира дека жителите се занимаваат со риболов, одгледување на познатата шетландска овца и дел од нив работат на нафтените платформи. Освен мeштаните, на островот живеат и странци кои работат како лекари, стоматолози, но и инженери, чии работни места се на нафтените платформи.
Најважно од сѐ, смета Ефремова, е што граѓаните ги имаат сите привилегии како на британскиот остров.
- Граѓаните добиваат комплетна здравствена услуга. За сѐ што не е достапно во болницата тука, фондот за здравство им плаќа повратна авионска карта и сместување до Единбург, Абердин, Глазгов... Сѐ функционира и ги имаат сите привилегии. Луѓето со посебни потреби имаат најголеми привилегии, општината се грижи за нив. Има два маркета во кои работат лица со посебни потреби - раскажува Невена.
Климата на Шетланд е сурова, со силни ветрови и дождови, но тоа не влијае врз топлината на луѓето и нивните навики и обичаи кои се слични на македонските.
- Морам да споменам дека жителите се љубопитни, кога ќе кажам од каде сум, веднаш раскажуваат некои детали за Македонија. Често летуваат во Грција и знаат за нас. Кој не знае, ќе оди дома и ќе „изгугла“, ќе научи некој збор на македонски и ќе се врати да ми раскаже. Имам и пациенти што кратко живееле во Скопје, па ги познаваат и нашите традиционални јадења.
Заедничко со нас им е тоа што многу се дружат. Си одат по гости, прават домашни забави. Но, тоа е така можеби поради тоа што на островот нема многу забава. Има неколку пабови, кино, ресторани, но не е како во Единбург или Глазгов. Тие се задоволни, среќни се, не наоѓаат мана на климата. На островот нема бутик за женска гардероба, но тоа на никој не му пречи, сите се на онлајн шопинг - потенцира докторката од Свети Николе.
Пациентите на Шетланд веќе ја познаваат Невена и имаат стекнато доверба во неа, но авантурата на архипелагот наскоро може да заврши.
- Си велам само уште малку, сѐ зависи од мене. Засега сум задоволна, но имам опции да одбирам. Претпоставувам дека ќе останам уште една-две години, но не се гледам тука за цел живот, ми недостига сонцето. Може да живеам во мала средина, но ако е блиску до голема средина. Сепак, на одредени моменти може да се почувствувате клаустрофобично поради тоа што не е сѐ достапно кога вие ќе го посакате. На пример, иако како островјани имаме 50 отсто поевтини билети за авион и брод, сепак конекциите се лоши и јас до родното Свети Николе патувам три дена - завршува Невена.
Фото: приватна архива