X
 05.05.2019 Живот

Светот сега има повеќе баби и дедовци отколку внуци

Првпат во историјата, во светот има повеќе стари луѓе отколку мали деца, според податоците на ОН.

Нивните бројки покажуваат дека кон крајот на 2018 година бројот на постари лица од 65 години го надминал бројот на помлади од пет години. Сега на планетата има околу 705 милиони постари од 65 години, додека оние на возраст до 4 години се околу 680 милиони.

Сè поголем јаз


Моменталните трендови укажуваат на раст на диспаритетот помеѓу најстарите и најмладите до 2050 година - ќе има повеќе од двајца постари луѓе од 65 години на секоја личност на возраст до 4 години.

Овој сè поголем јаз е показател на трендот што демографите го истражувале со години: во повеќето земји живееме подолго, но не раѓаме доволно бебиња.

Како тоа ќе влијае врз сите? Дали е можно веќе да влијае?

stari
Фото: Getty Images

Недоволен број бебиња


- Ќе има многу малку деца и многу луѓе постари од 65 години, а тоа ќе го отежне одржувањето на глобалното општество - вели Кристофер Мари, директор на Институтот за мерење и процена на здравјето на Универзитетот во Вашингтон.

Овој академик е и автор на истражувањето од 2018 година во кое сугерира дека речиси половина од сите земји во светот доживуваат „крах на бебињата“, што значи дека нема доволно деца за да се одржува популацијата.

- Помислете само на сите општествени и економски последици за општество со повеќе баби и дедовци отколку внуци - додава тој.

Во 1960 година стапката на плодност во светот била речиси пет деца на една жена. 60 години подоцна стапката се преполови на 2,4.

Истовремено, општествено-економскиот напредок ги погоди оние што доаѓаат на свет. Во 1960 година луѓето во просек живееле малку повеќе од 52 години; актуелниот просечен животен век во 2017 година достигна 72 години. Тоа значи дека сите живееме подолго и бараме сè повеќе средства како што старееме, зголемувајќи го притисокот во областите како што се пензиите и здравството.

Старее населението

Постарото население е помногубројно во развиените земји. Тие имаат пониска стапка на наталитет од различни причини, главно поврзани со економскиот просперитет - стапката на смртност кај новороденчињата е пониска, контрацепциските средства се подостапни, а одгледувањето деца може да биде многу скапо. Во овие земји жените често раѓаат подоцна во животот и така имаат помалку деца.

Подобриот животен стандард значи дека во овие земји луѓето „траат подолго“. Главен пример е Јапонија, каде што просечниот животен век е речиси 84 години. Во 2018 година луѓето постари од 65 години опфаќаа 27 отсто од населението - што е најголема бројка во светот. Бројот на децата на возраст под пет години од вкупното население на Јапонија? Само 3,85 отсто, според податоците на ОН.

Ова со децении ги загрижува јапонските власти, а минатата година владата предложи зголемување на минималната пензија од 65 на 70 години.

Но, нееднаквата популација исто така им се заканува и на земјите во развој. Кина има многу понизок дел на постари од 65 години (10,6 отсто од населението) од Јапонија, но благодарение на строгите програми за контрола на раѓања спроведени во 70-тите, втората најсилна економска сила во светот има релативно ниска стапка на раѓање - 1,6 породувања по жена. Децата помлади од пет години во Кина денес опфаќаат помалку од 6 отсто од вкупното население.

Бројот на децата во споредба со квалитетот на живот


Африканските земји се најдобар пример за дилемата квантитет - квалитет што се однесува до стапката на раѓање: тие се на врвот на листата со земји со висока плодност.

Нигер, на пример, е „најплодна земја во светот“, со 7,2 породувања по жена забележани во 2017 година. Но, истите земји имаат висок морталитет на децата - Нигер има стапка од 85 деца на 1.000 живи породувања, една од највисоките во светот.

За потребите на одржување на популацијата, 2,1 е магичен број. Тоа е стапката на плодност за која демографите велат дека е неопходна. Но, најновите податоци на ОН покажуваат дека само малку повеќе од половина земји во светот се размножуваат со исто темпо.

Истражувачите истакнуваат дека земјите со висока стапка на морталитет кај децата и низок просечен животен век треба да имаат стапка на плодност од 2,3, праг што моментално го достигнуваат само 99 земји.

Поради опаѓањето на бројот на породувања, многу земји веројатно ќе доживеат значајно опаѓање на бројот на населението, и покрај вкупниот пораст на светската популација - се очекува да достигнеме точка од 8 милијарди до 2024 година.

Еден од најекстремните случаи е Русија: стапката на плодност од 1,75 дете по жена се очекува да предизвика стрмен пад во бројот на жители на Русија во наредните неколку децении.

Одделението за население на ОН пресмета дека населението на Русија до 2050 година ќе падне од моменталните 143 милиони на 132 милиони.

Економско влијание


Остареното население значи дека ги менува луѓето во својство на работна сила, што за возврат може да доведе до пад на економската продуктивност, а како последица ќе има негативно влијание на развојот.

Во ноември минатата година Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди дека јапонската економија може да доживее пад од повеќе од 25 отсто во наредните 40 години поради старата популација.

- Демографијата буквално влијае врз секој аспект на нашите животи - вели Џорџ Лесон, директор на Оксфордскиот институт за стареење на населението.

Постои консензус дека владите мора да дејствуваат за да ја активираат оваа „темпирана бомба на стареење“. И се обидуваат да го реализираат.

Кина во 2015 година ја преиспита „политиката на едно дете“ и во 2018 година најави крај на ограничувањето на вкупниот број породувања до наредната година. Сепак, попуштањето на строгиот закон не се покажа како магично средство: Кина во 2018 година забележа 1,5 милион породувања, што е најниска бројка во последните 60 години.

Кинеските академици овој пад го припишуваат на бројот на жени во репродуктивна возраст и семејства кои ги одложуваат плановите да имаат деца од финансиски причини, особено во семејства во кои образованите жени не се подготвени да ја преземат традиционалната улога на домаќинка.

Постари и посилни


Експертите за популација предупредуваат дека политиката што промовира поздрави постари лица мора да одигра клучна улога во ублажувањето на ефектите што доведуваат до остареност на населението. Аргументот е дека поздравите поединци се поспособни да продолжат да работат подолго и со поголема енергија, што може да резултира со пониски трошоци во здравството.

Податоците од Меѓународната организација за труд покажуваат дека стапката на учество на жените на глобалниот пазар на трудот во 2018 година изнесувала 48,5 отсто.

- Економиите со повисока стапка на учество на жените во работната сила доживуваат помал пад во развојот. Повеќе работници не ја прават економијата поотпорна на негативни економски шокови, туку работната сила со повеќе жени е моќна алатка против сиромаштијата - објаснува Екерхард Ернст, економист од Меѓународната организација за труд.

Она што е сигурно е дека часовникот отчукува.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот