X
 05.11.2025 Живот

Пакистански астронаут ќе стане првиот меѓународен посетител на кинеската вселенска станица „Тјангун“

Кина започна обука на пакистански астронаути кои ќе бидат избрани за краткотрајна мисија до нејзината вселенска станица „Тјангун“.

- Двајца избрани пакистански астронаути ќе учествуваат во заедничка обука со кинеските астронаути. Еден од нив ќе биде назначен за краткотрајна мисија како експерт за товар - изјави портпаролот на Кинеската агенција за управување со пилотирани вселенски мисии.

Кина и Пакистан во февруари годинава потпишаа договор за соработка за испраќање пакистански астронаут на „Тјангун“.

- За време на летот, покрај извршувањето на секојдневните задачи на екипажот, пакистанскиот астронаут ќе спроведе и научни експерименти за својата земја - додаде тој.

Кога ќе се реализира мисијата?


Жанг не откри на која мисија ќе учествува пакистанскиот астронаут. Кога тоа ќе се случи, тој ќе заземе едно од трите места во леталото „Шенџоу“, кое се лансира со ракетата „Лонг марч 2Ф“.

Мисијата „Шенџоу 22“ е планирана за околу шест месеци, кога ќе биде заменет сегашниот екипаж од „Шенџоу 21“. Следната, „Шенџоу 23“, треба да полета за приближно една година.

Иако не се објавени детали, се очекува дека меѓународниот гостин ќе им се приклучи на двајца кинески астронаути, ќе остане на станицата неколку дена, а потоа ќе се врати на Земјата заедно со двајца членови од претходната екипа кои ќе ја завршат својата шестмесечна мисија. Еден кинески астронаут ќе остане и ќе стане првиот што ќе помине цела година непрекинато на „Тјангун“.

Кинеската вселенска станица „Тјангун“ се состои од три модули и беше целосно завршена кон крајот на 2022 година. Кина планира да ја одржува оперативна и постојано населена најмалку десет години, а се очекува да има подолг век од Меѓународната вселенска станица.

Пакистан, покрај оваа соработка, е партнер и во кинескиот проект Меѓународна лунарна истражувачка станица, чија изградба е планирана за 30-тите години.

Извор: Space.com
Фото: China Manned Space Engineering Office
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот