X
 06.04.2018 Наша тема

Проф. д-р Љупчо Кеверески: Богатството на една земја не е во тоа колку надарени деца има, ами да им овозможи соодветен развој и да ги задржи дома

Нашето општество треба да се откаже од практиката на упросечување на надарените и талентираните, на стимулирање сомнителни вредности за успех, развој на предрасудите кон овие деца, со тоа би им се дало шанса вистинските лични и професионални вредности да бидат високо на пиедесталот на национални приоритети


Прашањето за справување со потребите и развојот на надарените и талентираните е прашање со висок општествен, институционален и индивидуален приоритет. Не постојат посебни рецепти за успех, но постојат општи принципи, правила и стандарди кои треба да се почитуваат во процесот на препознавање, идентификација и работа со надарените и талентираните – категоричен е проф.д-р Љупчо Кеверески, раководител на програмата за втор и трет циклус постдипломски студии од областа Образование на надарените и талентираните на Педагошкиот факултет-Битола.
Темата за надарените и талентираните деца и какво образование и насоки тие добиваат кај нас е секогаш актуелна.

Кеверески е почитуван професор во оваа област и добитник на многу признанија, меѓу кои највисокото - Климентовата награда од областа на образованието на град Охрид. Од минатата година тој е редовен професор и на Универзитетот во Ново Место, Словенија.


                                                                                                                 Проф.д-р Љупчо Кеверески

Сигурнo не е едноставно да се биде родител на надарено или талентирано дете. Како треба родителите да се однесуваат за нивните деца правилно да го искористат својот талент или дарба?

- Ова прашање е од исклучително значање со оглед на тоа што семејството, односно родителите се примарната социјална група која има можност најрано да ги забележи, односно уочи сигналите, знаците за одреден вид надареност и талентираност. Особено е значајно рoдителите да имаат разбирање за задоволување на образовните, социо-емоционалните и други потреби на своите надарени и талентирани деца. Но, исто така, значајно е родителите да покажуваат разбирање за проблемите на нивните надарени и талентирани деца. Тие треба да покажуваат емоционална топлина, разбирање, флексибилност, поддршка за нивното академско напредување, нивото на аспирација и адекватно да се носат со нивниот (не)успех и друго.

Кои се најважните постулати врз кои треба да се потпира едно општество за овие деца да го добијат тоа што го заслужуваат?

- Нашите таленти во голем број мултидисциплинардни области се вистински репрезенти во светски научно-технички, спортски и други постигнувања. Но, богатството на една земја не се мери според тоа колку надарени и талентирани деца има, туку според „златното правило“ колку таа ќе успее да ги задржи во својата држава и ќе им овозможи адекватен развој, односно да ги задоволи нивните образовни, социо-емоционалните, егзистенционални и други потреби кои се дел од нивното секојдневно работење, дружење и живеење. Поголемо општествено, институционално и персонално сензибилизирање за потребите на надарените и талентираните, поддршка на развојот на надарените, талентираните и креативните кои придонесуваат за афирмација на државата. Во оваа смисла би требало нашето општество да се откаже од практиката на „упросечување на надарените и талентираните“, „стимулирање сомнителни вредности за успех“, развој на предрасудите кон надарените и талентираните, со тоа би им се дало шанса вистинските лични и професионални вредности да бидат високо на пиедесталот на национални приоритети. Oние општества, институции или поединци што не им придаваат заслужено внимание на надарените, талентираните и креативните имаат шанса да се соочат со негативните импликации на нивната инхибиција.

Вие сте раководител на постдипломските студии наменети за надарени и талентирани деца. Каков е интересот за овие студии, со оглед на тоа дека се понови?

- Посебно за одбележување е тоа што на Педагошкиот факултет-Битола во 2010 година започна со реализација втор циклус на студии од областа на образование на надарени и талентирани, а 2015 почнавме со третиот циклус на студии од областа на надареноста и талентираноста. Оваа академска новина е вистинска реткост бидејќи е единствена во поширокиот регион. Што се однесува до интересот на студирање на овие студиски насоки, може да се каже дека постојат варијации во однос на бројот на запишани студенти (досега завршиле 14 магистри), но посебно за одбележување е тоа што на студиската насока од трет циклус има студенти од соседните држави. Со тоа Педагошкиот факултет-Битола станува препознатливо место од кое почнува и трае негувањето и развојот на компетенциите на наставниот и другиот стручен кадар во поддршка на развојот на надарените и талентираните.

Проф. д-р Кеверески (лево) заедно со словенечкиот амбасадор Милан Јазбец

Имаме ли бројки, колку надарени деца имаме во Македонија? Кои се разликите помеѓу надарено и талентирано дете?

- Не може да се определи приближна бројка на надарени и талентирани со оглед на тоа што постојат различни критериуми за определување на видот и степенот на надареноста и талентираноста. Но, може да се каже дека Македонија можеби навистина е сиромашна држава, но богата со надарени и талентирани. Кога би се обиделе да направиме дистинкција помеѓу поимите надареност и талентираност, би кажале дека кога станува збор за надареност, мислиме на високи општи интелектуални способности, односно висок коефициент на интелигенција, а додека станува збор за талент, мислиме на исклучително висока способност за постигнувања во една или во повеќе научни области.




Да објасниме, зошто надарено дете според нашиот закон не смее да скока повеќе од едно одделение во основно и уште едно во предметна настава? Дали е тоа поради емоционалното созревање на децата?

- Што се однесува до постоењето законски основи кои се однесуваат за образованието и поддршката на надарените и талентираните во Македонија, може да се каже дека постојат различни можности кои се однесуваат на акцелерација, работа и други начини на поддршка на надарените и талентираните, но тие треба да се препознаат и поактивно да се користат во воспитно-образовната практика. Учениците имаат право двапати во текот на образованието да прескокнат од едно во друго одделение, по предлог на наставникот, стручните соработници, родителите и други лица, со претходна примена на психодијагностички инструменти и согласности. Но, исклучителниот мал процент на користење на овие можности е резултат на внимателноста на започнување и реализација на самиот чин, кој има и потенцијални значајни емоционални импликации и реперкусии. Исто така, опција е и предвремено да се запишат на училиште, како и додатна настава како форма за работа со надарените и талентираните.
 
Колку е важно овие деца да се дружат, да практикуваат спорт и да се занимаваат со активности надвор од тоа што го знаат најдобро?

- Во овој контекст би кажал дека кај надарените и талентираните може да се забележат карактеристики на асинхрон развој на нивните компоненти и од тие причини треба да се направи баланс во задоволувањето на нивните потреби. Тоа значи, покрај задоволувањето на образовните потреби, од посебна важност е тие да ги задоволуваат своите социо-емоционални потреби кои се дел од нивното секојдневно дружење и живеење.

Вие сте редовен професор и на Универзитетот во Ново Место, Словенија. Кажете ни за овој предизвик и на кое ниво е посветеноста на оваа земја кон надарените деца?

- Во октомври минатата година бев избран за редовен професор, што претставува вистински предизвик и големо признание за мојата академска кариера. Мојот ангажман се однесува на вториот циклус на студии на Универзитетот во Ново Место, кој работи според најсовремените eвропски образовни стандарди, особено во областите психологија на комуникација, психологија на надареноста и талентираноста и други области. Но, секако, треба да се напомене дека овој ангажман подразбира поседување и почитување на врвни професионални и лични стандарди и компетенции кои се дел од европскиот образовен простор. Кога се има предвид третманот на надарените и талентираните во Словенија секако може да се истакне нивната систематска и континуирана грижа за развојот на надарените и талентираните. Нивните концептуални основи на планирање, организација и реализација на поддршка на надарените и талентираните е вистински пример за многу европски држави.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема