X
 03.05.2017 Образование

Колку Македонија се грижи за надарените и талентирани ученици?

Овие деца немаат можност да работат по специјална програма, да учат од поинакви учебници, со ментори кои будно ќе следат како напредуваат, во кој правец се движат интересите на секој поединечно. Во моментот не постои податок колку надарени, а колку талентирани деца седат во училишните клупи во Македонија. Ниту постои начин како системот да ги открие



Дете од Скопје на три години зборува англиски јазик скоро како да му е мајчин, друго на иста возраст ги знае сите главни градови на земјите во светот и како од пушка ги посочува на карта, трето на неполни три години ги препознава сите букви на кирилица и латиница и веќе ги чита првите зборови. Дали станува збор за надарени, или за талентирани деца и која е разликата? Или едноставно е одреден афинитет и сѐ завршува тука?

Прескокнување одделение, додатна настава, посетување на секции во рамките на училиштето, одење на натпревари. Генерално ова се активностите наменети за надарените и таленирани ученици во нашиот јавен образовен систем. Овие деца немаат можност да работат по специјална програма, да учат од поинакви учебници, со ментори кои будно ќе следат како напредуваат, во кој правец се движат интересите на секој поединечно. Во моментот не постои податок колку надарени, а колку талентирани деца седат во училишните клупи во Македонија. Ниту постои начин како системот да ги открие. Логично, следува прашањето како државата се грижи за потенцијалите кои можат да прераснат во вистински генијалци?

Бирото за развој на образованието пред неколку години се обиде да одговори на ова прашање. „Развивање систем на работа со надарени и таленирани ученици во основните училишта во Република Македонија (истражување)“ е резултатот од истражувањето што го спровеле 16 образовни работници во училишта на територија на целата земја. Истражувањето нуди многу интересни податоци за темата. А ние ќе ги раскажеме во неколку продолженија за да опфатиме повеќе аспекти.

Истражувањето е спроведено во последните три месеци во 2010 година. Биле формирани шест фокус групи за дискусија со 46 наставници, три групи со 31 стручен соработник и десет групи со 96 ученици од градски, приградски и селски населби од цела Македонија.

- Според анкетите спроведени на факултетите кои во наставата вклучуваат предмети кои се однесуваат на надарени и таленирани уленици, нивните студенти делумно се оспособуваат за идентификување и поддршка на овие ученици. Само еден факултет има направено анализи и истражувања поврзани со надарени и талентирани ученици. Фондациите немаат направено анализи ниту истражувања – пишува во извештајот.

Сите институции кои учествувале во анкетите на Бирото сметаат дека е важна поддршката на таленираните и надарени ученици во основните училишта и дека Министерството за образование и наука треба да биде носител на нивната поддршка. Една од институциите дури смета дека треба да постои посебно тело кое ќе се грижи за оваа група ученици.

Во истражувањата, 58 отсто од наставниците и 70 отсто од стручните соработници не дале конкретна дефиниција за талентираност, надареност и креативност, но прават разлика меѓу поимите.

- Само едно училиште има стратегија и тим за идентификација на надарените и талентираните ученици, а мал број од кадарот ја знаат точната бројка на овие деца во нивното училиште. Најголем дел од наставниците сметаат дека идентификацијата на овие деца треба да почне многу рано, кога тие имаат 5 години. Најголем број од нив се категорични дека треба да постои посебен пристап и начин на работа со нив, зашто тоа е нивна потреба, а и за да се постигнат подобри резултати – пишува во извештајот.

Во основните ушилишта најчесто се организираат натпревари, секции и индивидуално поттикнување на овие деца, а помалку награди, додатна настава и приредби. Стручните соработници најчесто не планираат, ниту реализираат активности со надарените и таленирани деца, пишува во извештјот.

Најголем дел од наставниците (дури 84 отсто) и 60 отсто од стручните работници сметаат дека не се обучени за работа со овие деца и чувствуваат потреба да се дообучат и доедуцираат. Учениците кои учествувале во истражувањето предложиле секој ден во училиштата да има додатна настава секој ден, повеќе секции.

- Повеќе да се изведуваат експерименти и практични активности, да се збогатат библиотеките и кабинетите, да има поорганизирана настава, подобро организирани натпревари, почесто да користиме компјутери во наставата, повеќе да се слуша нашето мислење, да се зборува за нашите интереси – велат учениците.
Подготвил: В.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование