X
 06.06.2018 Култура

Чудо на архитектурата: Градат хоризонтални облакодери



Нов модел на градење облакодери би можел да биде и вистинско решение за пренаселеноста на градовите.


Хоризонтална архитектура
(Фото: Facebook)


Цела армија од 6.000 градежни работници внимателно работи на голема и комплексна локација со поглед на реките Јангце и Џиалинг на југозапад од кинескиот мегаград Чунцин. Осум облакодери растат на бреговите на реката, два високи по 350 метри и шест со висина од 250 метри. Проектот „Raffles City Chongqing“ го води архитектот Моше Сафди, кој во тој дел од градот ќе креира нови 134.000 квадратни метри станбен простор, трговски центар, канцелариски простор, забавни содржини, транспортни можности и голем парк.

Светска слава ќе му донесе и „хоризонталниот облакодер“, долг 300 метри, кој ќе се протега низ четири главни кули на висина од 42 ката. Со оглед на тоа што градбата е сместена во сеизмички активна зона, објектот „плови“ на врв од кули за да ја задржи стабилноста.

Овој спектакуларен облакодер може да се пофали со највисокиот воздушен мост што ги поврзува кулите. Покрај двата облакодера поврзани со помали мостови, сега работниците, а во иднина жителите, ќе може да се движат во овие делови без да ја допрат земјата.

„Во градовите како овој, на земјата нема место за големи јавни паркови, поради што моравме да ги дигнеме во воздух“, изјавил Сафди, кој проектот го нарекол најкомплексен досега, пишува „Гардијан“.

Во градот навистина повеќе нема место. Улиците се пренатрупани со пазари, трговци кои продаваат стока на секој чекор, штандови со храна и сл. Тој додава дека новиот тренд на изградба го заменува традиционалниот пристап.

„Доаѓа време кога планирањето ќе биде повеќе тродимензионално. Наместо на просторот да се гледа низ две димензии, градбата ќе бара поврзување на еден објект со друг, прво на нивото на земјата, а потоа и над неа“, нагласил тој.

Во воздушниот мост ќе има клуб, хотелски салон и неколку ресторани, а ќе има отворени делови, видиковци. Сафди и неговиот тим веќе се обиделе да поврзат слични мостови помеѓу кули во нивниот проект „Sky Habitat“ и „Marina Bay Sands“ во Сингапур.

Вакви експерименти има уште неколку. Минеаполис е дом на најопсежниот систем на воздушни мостови, а во азиските градови како Хонгконг и Накока, воздушните простори се јавни и ги поврзуваат градби и железнички станици. Тие најчесто се само неколку метри над земјата, но растот на градовите ќе го следат и мостовите, кои ќе стануваат сè повисоки.

Во Пекинг на тој начин е поврзан комплекс од кули со пониски воздушни мостови, помеѓу 12 и 18 ката. Проектот „Pinnacle@Duxton“ во Сингапур е голем станбен проект со седум блока кои досегнуваат висина до 51 кат, а се поврзани со воздушни мостови и паркови, додека кулата Вело во Сеул има две кули поврзани со мост на 30. кат.

„Мислам дека се движиме кон развој во кој улиците би можеле да се подигнат на ниво на 25. кат. Тоа ни отвора низа можности кои се многу повеќе од она што може да ни го понуди една парцела земја“, додава тој.

Ако воздушното поврзување е иднината, се чини дека ќе го следи и технологијата. Минатата година германската компанија „ThyssenKrupp“ го претставила својот нов хоризонтално-вертикален систем на лифтови. Тој овозможува повеќекратни лифтови во еден дел, ги отстранува ограничувањата на висината и со хоризонталните лифтови овозможува превоз од една до друга зграда. Зградите би можеле да достигнат повеќе нивоа, создавајќи мрежа што е меѓусебно поврзана низ целиот град.

„Тоа ни овозможува градбата да ја гледаме на поинаков начин. Сега повеќе не морам да размислувам лифтот да го ставам во средина на зградата, туку можам да го ставам каде сакам. Хоризонталното движење овозможува многу слобода“, рекол Михаел Чезарц, шеф на проектот „Мулти“ од „ThyssenKruppa“.

Дали овој нов тренд ќе доведе до разделување на луѓето и ќе создаде два социјално, но и физички одвоени градови?

Метју Клифорд, шеф на енергетски и одржливи системи во „JLL Asia Pacific“, смета дека станува збор за позитивно придвижување што би можело да го избегне негативното влијание на загадувањето. Но, исто така и предупредува.

„Треба внимателно да размислуваме за тоа како луѓето ќе ги користат овие згради. Тие воздушни мостови всушност би можеле да се преполнат со луксузни содржини и ресторани. Ризикот е во тоа што овие простори би ги посетувале само мал број луѓе.“

Во овие спектакуларни кинески облакодери поголемиот број воздушни мостови ќе бидат отворени за јавноста. Проектот вклучува и јавни паркови што ќе ги опкружуваат кули, па оттука и директната поврзаност со метро или со автобуска станица. Сафди, пак, смета дека целосното отворање за јавноста на ваквите облакодери всушност се коси со концептот на ексклузивност.

„Желбата е да има неколку отворени катови, близу земјата, а горните катови да бидат резервирани за луксузна употреба. Не можеме против тоа, против таа култура и барањата на пазарот, горните делови да бидат луксузни“, додава тој.

Според него, во градовите луѓето се вклучени различни нивоа, а за демократизирање на зградата, на нејзиниот врв ставиле нешто сосем јавно, нешто што ќе ги привлече луѓето кон проектот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура