X
 06.08.2022 Живот

Страв од страв? Загриженост поради грижа?

Дали е можно да ми е страв... од страв?! Збунет/а сум, не се чувствувам добро, а не ја знам причината, сѐ е ОК, а сепак не е, страв ми е, или можеби не ми е...!?? Веројатно само си замислувам!?? Но, повторно и повторно...

Страв од страв создава еден неуморлив вител од мисли, онака фино „залегнат“ во „удобна фотелја“ во нервниот систем, живее комфорен лежерен живот, со секојдневна доза на нови потенцијални опасности доставени со „луксузна достава“, a се дел од секојдневната општествена колективна паника.
....и еве го повторно она чувство на немир, напнатост, повторно не се чувствувам добро, сигурно, чувствувам страв...

Чекај, стој, страв од што!? Страв од страв !?
Како мислиш страв од страв, загриженост поради грижа !??

Звучи сосема ирационално, не си во опасност, а чувствуваш сензации како всушност да си. Едноставно, секогаш кога ќе се случи ова, се одбира моменталната компензација, се прави што било освен да се изложиме на сопствениот страв. Го лекуваме симптомот, а не причината, однесувајќи се спрема себе површно, а не проникнувајќи длабоко. Сопствената компензација нѐ смирува, но само за момент, еден краток миг (практично тоа е претходно научениот механизам за саморегулација, со цел избегнување на она со кое всушност треба да се соочиме и да го почувствуваме ).

Но од што навистина се плашиме, која е вистинската заднина на стравот!?
Стравот е всушност основна човечка емоција, тоа е едно адаптивно однесување кое ни помага во препознавање на опасноста, тоа е лична животна способност, која нѐ научила на преживување во секојдневни опасни и катастрофални ситуации.
Но...

Најголем дел од стравовите за кои денеска зборувам се научени стравови. Таквите стравови се нешто најлошо што можеме да си го направиме себеси. Со сите наши негативни чувства треба да бидеме толерантни, па така и со стравот. Разни несреќни ситуации низ животот нѐ прават плашливи, така што и самата помисла на иднината или на некоја ситуација која нѐ очекува во нас создава страв од сопственото реагирање. Таквиот начин на однесување толку многу го повторуваме, што ни станува секојдневие. Не дека не се важни, но не се пресудни околностите и проблемите со кои секојдневно се соочуваме, овде поважен е ставот кон нив и начинот на размислување во однос на нив. Не постои лице кое нема проблеми и непријатности, неприлики, но мора, би требало, храбро да ги погледне и да се соочи со нив.

Стравот е емоција која нѐ инхибира во нашите секојдневни акции. Сами одлучуваме дали ќе ја зајакнеме емоцијата на страв или не. Квалитетот на нашиот живот длабоко е поврзан со емоциите што ги носиме во себе и со кои практично ги поминуваме деновите. Изборот е наш, која емоција ја одбираме за денес, колку подобра емоционална состојба воспоставуваме, добиваме поквалитетен ден, а колку поквалитетни денови, толку поквалитетен живот.

Сите облици на анксиозност се всушност ирационални, невротски стравови. Истите се јавуваат во рамките на панично растројство, генерализирано анксиозно растројство, ПТСР, опсесивно-компулсивно растројство, социјална анксиозност, фобии.

Ирационалните стравови се ирационални затоа што нивната содржина е нереалистичка, никогаш не се остварува во реалност и најчесто не е во сооднос со надворешните околности. Ирационалните стравови се последица на имагинација и често имаат симболично, а не буквално значење. Тие стравови се настанати како последица од повеќегодишно потиснување и супримирање на реалните стравови (всушност, стравовите од кои реално се плашиме), а бидејќи стравот не може да се потисне или не може долго да остане потиснат, на некој начин испливува и се манифестира во застрашувачка фантазија.



Ирационалните стравови не значат душевна болест, туку тие се показател дека личноста поседува (се бори) некое анксиозно нарушување. Истото тоа нарушување лесно се решава со психофармаколошки и психотерапевтски третман.
Ирационалните стравови се карактеристични по имагинацијата, не се однесуваат на она што всушност се случува, туку се базираат на нешто што личноста замислува дека би можело да се случи. Обично замисленото сценарио е со катастрофална содржина. Што ако...? Прашање на кое секогаш има застрашувачки одговор.

Таквите ирационални стравови се пренагласени и интензивни. Интензивни затоа што со текот на времето се зголемувале, а резултат на тоа е одбегнувачкото однесување. Штом личноста долго време избегнува да се соочи со сопствените стравови, тие стануваат поинтензивни со текот на времето. Ирационалните стравови се упорни! Личноста не може да се ослободи од нив ни преку разуверување со логични аргументирани докази.

Но тоа е толку страшно и нерешливо само во прво време, сѐ до моментот кога лицето не побара помош и не се почне со стручна интервенција.

Еден од најтипичните и најчестите ирационални стравови е страв од губење контрола (тој е во основата на најголем број анксиозни нарушувања). Во основа на овој страв е всушност погрешна процена, дека во одреден момент ќе изгубиме контрола над своите емоции и однесување, што од друга страна, за таквите лица би било вовед во тотално лудило и целосна ментална дезинтеграција. Друг аспект на верување во идејата за губење на контролата се однесува и на контрола на емоциите. Личноста која чувствува интензивна анксиозност до паничен страв има идеја и е сигурна дека не е во состојба да ги контролира сопствените емоции (за кои зборував погоре и се залагаме истите да бидат колку што може поубави) и цело време е во исчекување на пробивање катарза - излив на непријатни емоции кои би биле преголем товар за неа. Прифаќањето и соочувањето со непријатните емоции е единствен начин за нивно интегрирање, а подоцна и разобличување. Тешко, не во секој случај, дека успешно би резултирало доколку личноста се препушти на сопствените чувства (какви и да се).

Стравот на личноста од губење на контролата е само показател дека контролата што личноста ја практикува е премногу ригидна.
Меѓу другите ирационални стравови би ги споменала стравот од отфрлање и стравот од смрт.
И иако стравовите што ги има и секојдневно се бори со нив се особено непријатни до неподносливи за личноста, тие полежат на третман!
Успехот е секогаш поголем кога стравот трае пократко време, односно се интервенира стручно уште во прво време од појавувањето. Поради предрасуди и стигма, многу стравови добиваат хроничен облик, за кој е потребен повеќегодишен третман.

Стравот е емоција која ако се третира навреме, не преминува во фобија (за фобија зборуваме тогаш кога стравот влијае и во голема мера го нарушува нашето секојдневно функционирање).
Па дури и да се дојде до фобично нарушување, пациентот треба да знае дека тоа подлежи на третман. Третманот во најголем дел е успешен, како и кај другите анксиозни нарушувања во чија основа е ирационалниот страв, што практично нѐ доведува да се плашиме од стравот!

Автор: психијатар д-р Милијана Кацарска, супспецијалист по судска психијатрија
сертифициран за РЕБ Психотерапија



Фото – Иван Каратанов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот