X
 07.10.2025 Образование

Успешно одржана меѓународната конференција „Наука за храна, нутриционизам, иновативни технологии и одржливост“

Технолошко-техничкиот факултет – Велес, единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, беше домаќин на меѓународна научна конференција посветена на најновите достигнувања во прехранбената технологија, нутриционизмот и одржливите системи за храна.

Конференцијата обедини над 100 учесници од 11 земји – научници, експерти и практичари, со цел размена на знаења, искуства и идеи за решенија на современите предизвици во исхраната и прехранбената индустрија.

Со повеќе тематски сесии, меѓународниот научен собир понуди силна интердисциплинарна платформа која ги обедини науката, технологијата, здравството и одржливиот развој.

2

Во воведниот дел се обратија истакнати говорници од Организациониот одбор: вонр. проф. д-р Везирка Јанкулоска, декан на ТТФ – Велес, проф. д-р Весна Антоска Книгхтс, продекан за наука и меѓународна соработка, вонр. проф. д-р Александар Станковиќ, продекан за наука и меѓународна соработка на Факултетот за применети науки од Ниш, Србија.

Како поканети предавачи учествуваа и се обратија: проф. д-р Јасенка Гајдош Кљусуриќ, Прехранбено-биотехнолошки факултет, Загреб, Хрватска, проф. д-р Гокхан Дурмаз, Инону Универзитет, Малатија, Турција и Универзитетот во Масачусетс Амхерст, САД - кои говореа за современи техники и методи за развој и одржлива трансформација на храната и исхраната.

2

Презентираните трудови и дискусиите што произлегоа од оваа конференција отворија нови хоризонти за истражување и соработка, со фокус на создавање поодржлив, побезбеден и поздрав прехранбен систем. Конференцијата воедно претставуваше инспирација не само за сегашните, туку и за идните генерации научници и стручњаци од оваа значајна област. Во рамките на конференцијата што се одржа на 3 октомври 2025 година издадена е Книга на апстракти, а во подготовка е и Зборник на трудови.

Организацијата на овој меѓународен научен собир го истакнува Технолошко-техничкиот факултет – Велес како значајна академска институција во рамките на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, со клучна улога во развојот на применетите науки и современото истражување. Со фокус на теми поврзани со прехранбените системи и јавните здравствени политики, Конференцијата претставува пример за тоа како науката може активно да придонесе во адресирање реални општествени предизвици. Настанот ја отсликува стратешката определба на ТТФ – Велес и УКЛО кон интернационализација, интердисциплинарна и инклузивна соработка, и силната поврзаност со заедницата – вредности кои се во сржта на европската универзитетска Алијанса КОЛОРС, каде што УКЛО е рамноправна и активна членка. Преку вакви активности, Универзитетот не само што ги следи, туку и ги обликува европските академски текови и ја зајакнува улогата на науката како двигател на одржливиот развој.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование