X
 14.11.2018 Наша тема

Сите со душа ги чекаат образовните реформи, на МОН сѐ уште не му се брза

Професорката Елизабета Секирарска вели дека предолго трае санирањето на штетите, а уште потешко станува воспоставувањето на нови, исправни одредници кои допрва претстојат

„Нема да брзаме бидејќи брзите промени во минатото доведуваа до намалување на квалитетот на образовниот процес во земјата“. Ова е одговорот што го добивме од Министерството за образование и наука на прашањето до каде се реформите во основното и во средното образование кои се подготвуваат веќе една и пол година.
Со смената на челната позиција во МОН пред околу половина година стопираа сите најавени реформи во основното и во средното образование. Учениците ја почнаа новата учебна година без помалку часови, без помалку предмети, без намалување на бројот на паралелки, со козметички измени во учебниците, а дел од нив и без учебници. Затоа, прашавме во ресорното министерство до каде се подготовките за новите законски решенија кои треба да ги овозможат овие реформи.



Законот е во фаза на изработка

- Новините што ги посочувате треба да ги овозможи новиот Закон за основно образование. Тоа се клучните ветувања во владината програма за реформи во образованието и тие секако ќе се реализираат. Станува збор за смела реформа која подразбира посериозни поместувања во образовниот систем и од таа причина потребно е Министерството за образование и наука и училиштата да бидат целосно подготвени пред воведувањето на најавените реформи во образовниот процес. Законот е во фаза на изработка, односно доработка по одредени членови, по што ќе биде предложен на јавна дебата и дури потоа, по усвојувањето на забелешките од сите засегнати чинители, ќе биде предаден во собраниска процедура на усвојување. Нема да брзаме бидејќи брзите промени во минатото доведуваа до намалување на квалитетот на образовниот процес во земјата - ни одговорија од МОН.

Но, атмосферата меѓу наставниците, родителите, учениците веќе врие. Сите сакаат промени, пред сѐ, новини кои ќе донесат поквалитетно образование.
- За жал, искуствата што ги разменуваме како фела и реалните состојби „на терен“ потврдуваат дека очекуваните промени, кои требаше да го зацврстат разнишаниот воспитно-образовен систем, предолго изложен на импровизации и необмислени зафати, сепак одат бавно и сѐ уште не ги чувствуваме подобрувањата - вели професорката Елизабета Секирарска, која предава во средното училиште „Перо Наков“ во Куманово.
Таа додава дека оптимизмот пораснал по укинувањето на, според неа, најлошо осмислената алатка за вреднување на наставниците што образованието ја памети - екстерното тестирање. Но, работите застанале тука.
- Останува горчливиот впечаток на закоченост, да - вели Секирарска.


Извор: Јутјуб

Нема време за чекање

Единствено оправдување на МОН за доцнењето со реформите со кое излегува во јавноста е дека не смее да се брза. Но, дали имаме време за чекање? Секирарска вели дека едно од оправдувањата што може да се земе како алиби во одредена мера е секако фактот дека годиниве наназад сме сведоци на избрзани, непроверени и инстант етаблирани зафати.
- Тие оставија пустош во воспитно-образовната сфера и нивните последици уште долго ќе ги чувствуваме. Како сфера која во секое здраво општество треба да биде фундамент на општественото живеење и креатор на базата за непречено, професионално и стабилно функционирање на сите други сфери, се обидуваме да бидеме трпеливи и да разбереме дека за санирање на последиците, потребно е многу време. Свесни сме колку нештата се погрешно дефинирани и поставени, но, сепак, сметаме дека попрофесионалниот однос на надлежните, подготвеноста навистина да се фатат во костец со деформациите, како и поголемиот интерес на надлежните за консултации со просветниот кадар, со базата, преку нашето поголемо вклучување во креирањето на излезите од оваа тешка воспитно-образовна деформација можат да помогнат.

Секирарска вели дека предолго трае санирањето на штетите, а уште потешко станува воспоставувањето на нови, исправни одредници кои допрва претстојат.
- Дали имаме време? За генерациите што излегуваат од ваквите клупи, се покажува дека, за жал, немаме – децидна е професорката.


Ученици без учебници

Поранешната министерка за образование и наука Рената Дескоска на 10 април оваа година го стави на јавна расправа Законот за основно образование. Планот беше тој да биде донесен од страна на Собранието пред почетокот на новата учебна година. Во креирањето на предлог-законот учествуваа и претставници на Наставничкиот пленум, во кој членува и Секирарска. Ја прашуваме дали сега се консултирани околу менувањето на одредени членови? Таа вели дека по неколкудневната макотрпна и посветена работа на измената на законите за основно и за средно образование нема никакви сигнали дека она што било сработено ќе ја здогледа светлината на денот.

- Како Пленум, немаме консултации со надлежните во поглед на тоа до каде е стасано со пакувањето на предлозите во официјална, законска форма, ниту кои предлози се прифатени. Колку што мене ми е познато, нема официјални пленумски преставници кои се консултирани по ова прашање. За жал, морам да напоменам дека со оглед на околностите, и тоа така силно оформено тело, исклучиво професионално обединето околу целите и интересите на сферата во која се вложуваме себеси со децении, полека, но сигурно, ја изгуби својата професионална острица. Апсолутно се намали, ако не и изгуби оној професионален ентузијазам со кој битките за училницата ги почнавме како едно здраво, посветено и би рекла храбро ткиво за одбрана на заболениот воспитно-образовен организам - вели таа.



 На почетокот од учебната година МОН најави корекции во 22 учебници кои се применуваат во основното образование, направени по сугестии од страна на наставниците. Но, не сите учебници стигнаа до учениците.
- Учебниците што се во сопственост на издавачките куќи се набавени (по цена која е за 40% пониска во однос на изминатите години) и целосно, согласно нарачаните количини од училишните комисии, дистрибуирани до сите училишта. Додека за учебниците што се во сопственост на МОН, односно МОН ги поседува авторските права, поради судски процес, јавната набавка за избор на компанија која ќе ги испечати почна малку подоцна. По завршувањето на процесот учениците ќе ги добијат и тие учебници - велат од Министерството.

Проблемите се напластени и многубројни

Но, учебниците не се единствениот проблем со кој секојдневно се соочуваат учениците, наставниците и родителите. Секирарска објаснува дека проблемите се напластени и многубројни. Болните точки се распространети и тешко се санираат.

- Обемни наставни програми, упорното опстојување на катастрофалните учебници, полни со и неточни, но и со, за младата популација, контаминирачки содржини кои го дерогираат целиот систем. Оптовареноста на наставниците со административни обврски кои, според најавите, требаше да се сведат на неопходен минимум за да можеме да им се вратиме на децата и на базичната работа со нив, најавените, за жал, се чини еднакво неосмислени докрај реформски зафати кои се пласираат како достигања кои ќе го подобрат системот - се само дел од низата проблеми со кои се соочуваме.
Таа нагласува дека постои огромна нетрпеливост кај колегите, учениците, родителите бидејќи нема промени во образованието.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема