X
 07.12.2022 Наша тема

„Сакам да се вратам во Македонија како врвен стручњак по математика“, вели Јован Андреевски, најдобар студент на Универзитетот во Гронинген

„Како нација поседуваме многу млади луѓе со немерлив талент и посветеност кон науката и сметам дека можеме да постигнеме многу. Би сакал да сум дел од таа приказна и повторниот развој на науката во Македонија и се надевам дека ќе придонесам што повеќе“, горделиво истакна Јован Андреевски, студент по теоретска математика на Универзитетот на Гронинген по добивањето на наградата за млади таленти која ја доделува Кралската академија на науки и уметности во Холандија.

Оваа награда им се доделува на најдобрите девет студенти по математика во целата земја, а тој врз основа на неговиот успех, бил номиниран како најдобар студент по математика на Универзитетот во Гронинген.

- Наградата за млади таленти што ја доделува Кралската академија на науки и уметности во Холандија им се доделува на најдобрите девет студенти по математика во целата земја. Мислам дека сум прв од Македонија што ја добива оваа награда. Голема чест и задоволство ми е оваа награда затоа што гордо ја претставив мојата земја, моето семејство и себеси како поединец - истакна Андреевски.



Јован завршил средно образование во „Раде Јовчевски-Корчагин“ во 2017 година. Одлуката да замине во странство не ја донел спонтано, туку поради одредени семејни околности. Мајка му неколку години живеела во Германија и заедно со родителите одлучил своето образование да го продолжи таму. А дека ќе студира математика, знаел уште во првите средношколски денови.

Научници од универзитетот се нобеловци и добитници на наградата „Спиноза“

- Отсекогаш сум ја сакал математиката, додека живеев во Македонија имав освоено прва награда на Град Скопје и прва на државно ниво во 2016 година. Љубовта кон неа беше присутна од мали години. Во моето семејство повеќето се доктори и желбата на баба ми беше да станам доктор. Вујко ми има завршено економија и машински факултет и е видно талентиран математичар, па можеби оттаму потекнуваат гените. И мајка ми и татко ми се талентирани со бројки и основното образование го добив од нив. Бројките, способноста да решавам проблеми, моментот да дојдам до фасцинантно решение беа пресудни. Во средно образование сфатив дека тоа ми е животна желба и еве денес сум тука во Холандија и работам на мојата математичка кариера – раскажува Јован Андреевски.

Првиот впечаток на Јован за холандската академска средина и особено за универзитетот во Гронинген, најголемиот студентски град во земјата и град со најмногу велосипеди по глава на жител, бил неверојатен.



- Кампусот се простира низ цел град, факултетот има 11 катедри и повеќе од 35.000 студенти. Непроценливо е чувството да се наоѓаш на универзитет чии научници добивале Нобелова награда или наградата „Спиноза“ - која е најпрестижната холандска награда. Имаш можност да си ученик на професори кои се стручњаци во областа, добиваш вистинско знаење кое може да го развиеш и да дадеш сопствен придонес.
Условите се прекрасни и се става максимален фокус на истражувањата – раскажува Јован.

Односот професор-студент е посебна приказна и непроценливо искуство кое може да се доживее во отворена средина каква што е Гронинген и каде што не постои чувство на надмоќ кое некогаш, како што вели Јован, може да се сретне на македонски факултет.

- Професорот не те гледа како некој што е аматер, туку те цени и верува во твојата способност и те гледа како еднаков на себе. Ми влева поттик дека и јас поседувам нешто што можам да го искористам за да дојдам еден ден на нивно ниво и да дадам нешто кон науката. Неодамна добив највисока оценка по предметот статистичко моделирање, а потоа добив лична е-пошта од професорот во која ми честита за успехот и ми нуди можност доколку сакам, некогаш заедно да работиме на истражување. Професорот не гледа конкуренција, туку верува дека поседуваш нешто и сака да ти даде шанса да се доразвиеш. Тоа е колективно чувство за унапредување на знаењето - истакна Андреевски.



Професорите се отворени кон критики, коментари и го слушаат нашето мислење

Холандија има најдолга академска година во Европа, која почнува од септември и завршува до крајот на јуни. Поделена е на четири блока и во секој блок се изучуваат по три предмети, а професорот го задржува правото како да оценува: преку колоквиуми, преку домашни проекти или само преку краен испит.

- Професорите се отворени кон критики, коментари и го слушаат нашето мислење. Фокусот не е да се пресмета крајниот успех, туку да се овозможат услови за совладување на материјалот и добар перформанс на крајниот испит. Постои механизам на факултетот кој ти овозможува да контактираш со академски советник за сите проблеми со учењето и условите. Има голема организација која работи совршено и наше е само да испорачаме знаење - објасни најдобриот студент по математика.

Покрај регуларните студии по математика, Јован Андревски е дел и од програмата „Студенти со почести“, наменета за студенти кои покажуваат особен талент за тоа што го студираат. Идејата на Јован е да остане во Холандија и да заврши докторски студии по математика. Но, долгорочниот план му е да се врати дома, во Македонија.



- Верувам дека има квалитетни луѓе кои сакаат да ја изучуваат математиката. Ние можеме многу како држава, само треба малку труд и посветеност. Во иднина сакам да се вратам како врвен стручњак по математика со надеж да станам професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје - раскажува Јован за своите планови.

Кога не решава математички проблеми, Јован обожава да игра тенис и да скија, а обожава и да гледа фудбал, да чита и да патува со воз нив Европа затоа што му е омилено превозно средство. Обожава и да доаѓа во Македонија.

- Минувам време со девојка ми, со мајка ми, кога имам време, ги посетувам најблиските во Македонија, баба ми, дедо ми, татко ми. Тоа чувство на родољубие е неоткоренливо и многу си ја сакам државата. Некогаш ми е тешко што не сум таму - вели Јован.




Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема