X
 08.02.2026 Забава

Три пријателки, смрт и многу црн хумор: во најава нова серија на „Нетфликс“

Креаторката на веќе култната серија „Девојките од Дери“, Лиса Мекги, се враќа со нов проект кој предизвикува огромен интерес кај публиката. Станува збор за комедија со елементи на трилер - „Како да стигнете до рајот од Белфаст“, која ветува уникатна мешавина од неизвесност, мистерија и препознатлив ирски хумор.

Светската премиера на „Нетфликс“ е закажана за 12 февруари. Заплетот ги следи трите долгогодишни пријателки од Белфаст кои се во доцните триесетти години, а секоја од нив води сосема различен живот. Сирпе (Роисин Галагер) е паметна, но хаотична телевизиска сценаристка, Робин (Шинеад Кинан) е гламурозна мајка на три деца која постојано е под стрес, додека Дара (Коилфион Дјун) е негувателка која ги потиснува сопствените желби. Иако нивните патишта се разделиле, нивната врска останала силна.

Нивниот секојдневен живот се менува кога добиваат е-пошта за смртта на Грета (Наташа О'Киф), четвртиот член од нивната училишна група со која одамна го изгубиле контактот. Она што започнува како одење на бдеење од должност брзо се претвора во мрачна, опасна и, како што најавуваат авторите, урнебесна одисеја. Серија морничави настани ќе ги принуди да патуваат низ Ирска за да ја откријат вистината за нивното минато и околностите на смртта на Грета, при што серијата истражува теми за пријателство, спомени и справување со фактот дека животот честопати не излегува онака како што сме го замислувале.

Лиса Мекги повторно ги здружи силите со режисерот Мајкл Ленокс, со кого го создаде глобалниот феномен „Девојките од Дери“, а нивната докажана синергија гарантира висок квалитет на продукцијата и автентично прикажување на северноирската култура.

„Како да стигнете до рајот од Белфаст“ е најавена како серија од осум епизоди, а судејќи според првите најави и објавениот трејлер, публиката може да очекува напната приказна која вешто балансира помеѓу трилер и црн хумор, со ликови кои се несовршени, смешни и трогателни.


Со оглед на успехот на претходните проекти на Лиса Мекги, очекувањата се исклучително високи, а многумина веруваат дека серијата има потенцијал да стане нов глобален хит.

Извор: miss7.24sata.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава