X
 08.09.2023 Култура

Интересни нови филмови што доаѓаат на „Нетфликс“ овој месец

Во споредба со изминатите неколку месеци, септември не носи толку многу нови наслови на „Нетфликс“, но тоа не значи дека нема да има што да гледате. Во продолжение се неколку нови филмови кои треба да пристигнат на платформата овој месец.

„Ел Конде“ (El conde) - 15 септември

Пиноче бил суров диктатор кој владеел со Чиле во 70-тите години. Но, што ако бил вистински вампир, кој уживал во човечкото страдање? Новата хорор-комедија на режисерот Пабло Ларен ја комбинира оваа неочекувана претпоставка со магичен реализам. Филмот е историска фикција во која Пиноче е вампир стар 250 години кој продолжува да ја цица крвта на народот – буквално и метафорично.


„Љубов на прв поглед“ (Love at first sight) - 15 септември

„Љубов на прв поглед“ ја раскажува необичната љубовна приказна на Хедли (Хејли Лу Ричардсон) и Оливер (Бен Харди) кои случајно се среќаваат на аеродром. Откако се вљубуваат, секој си оди дома. Сепак, двајцата се решени повторно да се пронајдат и покрај хаосот што им го создава животот.


„Честа на извидниците: Тајните датотеки на извидниците во Америка“ (Scout's Honor: The Secret Files of the Boy Scouts in America) - 6 септември

„Извидниците на Америка“ е организација која е основана во 1908 година и им овозможува на децата да се дружат додека учат вредни вештини за преживување. Сепак, ќе испадне дека имало стотици случаи на злоупотреба на деца од нејзиното основање, а организацијата ги криела сите докази за тоа за да ја зачува својата репутација. Овој документарен филм го разгледува токму ова.


„Еден и пол ден“ (A day and a half) - 1 септември

Шведско-либанскиот актер Фарес Фарес, кој се прослави во сериите „Чернобил“ и „Тркало на времето“, првпат седна на режисерското столче и го сними трилерот „Еден и пол ден“, кој е инспириран од вистински настани. Филмот го следи Артан (Алексеј Манвелов), човек кој се обидува повторно да се соедини со својата ќерка, па ја зема својата поранешна сопруга Луиз (Алма Поисти) како заложник.


„Среќен крај“ (Happy ending) - 1 септември

Иако сексот е составен дел од животот, темата може да биде табу, дури и за паровите. „Среќен крај“ нуди возбудлива приказна за двајца луѓе кои решаваат да го „зачинат“ својот љубовен живот, но со неочекувани последици. Филмот, покрај истражувањето на личната сексуалност, зборува и за важноста на искреноста во врските и е режисерско деби на холандскиот режисер Јосје Дук.


Извор: Ekapija
Насловна фотографија: Pixabay

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура