X
 08.12.2018 Култура

Никој во Холивуд повеќе не ја сака оваа работа

Американскиот комичар Кевин Харт вчера се откажа од улогата водител на церемонијата на доделување на Оскарите само два дена по именувањето, поради реакцијата на неговите стари хомофобични твитови.

Харт на „Твитер“ напиша дека се повлекува бидејќи не сака да го тргне вниманието од Оскарите.

-Искрено ѝ се извинувам на ЛГБТ заедницата поради нечувствителните зборови од моето минато - наведува тој.

Тој се откажал од водењето на Оскарите еден час откако одбил да се извини поради твитовите кои биле вратени во прв план бидејќи во вторникот беше најавен како водител на доделувањето на Оскарите.

Во снимката објавена на „„Инстаграм“, Хар наведува дека од Академијата за филмски уметности и науки, која ги доделува најпрестижните филмски награди, му дале ултиматум, да се извини или ќе бидат приморани да најдат друг водител.

hart
Фото: Getty Images


-Избрав да не се извинам - наведува Харт.

Академијата сѐ уште нема излезено со коментар.

Харт во меѓувреме избриша некои од твитовите, најголем дел напишани помеѓу 2009 и 2011 година. Сепак, повеќето од нив биле сликани и раширени на интернет.

-Ако мојот син дојде дома и се обиде да игра со куклите на мојата ќерка, ќе му ја скршам од главата и ќе му речам: „Престани, тоа е геј“ - пишува во еден од избришаните твитови од 2011 година.

Тој вчера преку „Инстаграм“ им порача на критичарите да престанат да бидат негативни поради неговите поранешни коментари.

-Имам скоро 40 години. Ако не верувате дека луѓето се менуваат, растат, созреваат, не знам што да ви кажам - вели Харт.

Ставовите на Харт за хомосексуалноста беа дел од неговите стендап настапи. Во еден од тие настапи, во 2010 година рече дека еден од неговите најголеми стравови е син му да стане хомосексуалец.

Активистичката група за ЛГБТ правата, „ГЛААД“, соопшти дека се обратила до Академијата, телевизиската куќа Еј-би-си и претставниците на Харт за да разговараат за реториката кон ЛГБТ на Кевин во минатото.

Ова не е првпат водител на Оскарите да биде променет поради изјавите за ЛГБТ заедницата. Пред доделувањето на Оскарите во 2012 година, продуцентот Брет Ратнер се повлече неколку дена затоа што на прикажувањето на филмовите користел навредливи зборови. Кратко време после тоа се повлече и вториот планиран водител, актерот Еди Марфи.

Таа година Оскарите ги водеше актерот Били Кристал, на кого му бил осми пат да ја води церемонијата. Овој пат се шпекулира дека скоро никој во Холивуд не ја сака оваа работа.

Академијата ја премести церемонијата на доделувањето на Оскарите на 24 февруари, што на продуцентите не им дава многу време за да пронајдат замена за Кевин Харт.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура