X
 09.02.2019 Наша тема

НАЈГОЛЕМИТЕ КУЛТУРНИ БОГАТСТВА НА МАКЕДОНИЈА: Приказната за архајските Ромео и Јулија од Горна порта-Охрид

Скафандерите фрчеа на Марсовото небо, а потоа одлетаа во бескрајот на вселената. Ние сите сме ја изгубиле свеста, а кога се освестивме, бевме во сондата покрај гробот 132 на Забранетата лединка/Горна порта на планетата Земја. Пред нас светеше златната маска на лихнидската принцеза

„Тогаш, пред многу години, Клитиас од Египет, крстен по деда си – храбар Птолемеев војник кој бил Македонец од „род лихнидски“, тргнал да го види земскиот рај на езерската Лихнитида. По долго и возбудливо патешествие стигнал во градот Лихнид. Таму го запишал преданието за дванаесетте езерски луѓе кои пред многу години излегле на бели коњи од длабочините на Лихнидското Езеро. Петтемина од нив биле во кралски облеки, со златни маски на лицата. Другите седум биле нивни послужители и придружници облечени како воини со бакарни шлемови на главите. Никој не можел да им ги види лицата.

Фото: Flickr.com

Кои биле тие непознати луѓе? Долго јавале на белите коњи по пределите на езерската земја. Кај местото Тројани, во планината северно од езерото, во една скриена долина наишле на населба во која живеело племе од прастариот народ на Бригите. Тука одбрале дванаесет најубави девојки и се ожениле со нив, создавајќи пород кој потоа се населил по целата езерска земја наречена Лихнитида. Хроничарот се вратил во Египет, а неговиот запис за лихнидската земја подоцна бил изгубен со пожарот во Александриската библиотека“.

Оваа приказна за предците на луѓето кои со златни посмртни маски биле погребувани во охридските некрополи пред повеќе од 2.500 години е запишана во книгата од повеќе автори, а еден од нив е археологот Паско Кузман. Тој раководеше со тимот археолози кои во 2002 година, на Горна порта ја открија последната златна маска од архајско време. Сите златни маски што во изминатите 100 години беа пронајдени на површината на денешна Македонија кон крајот на месецов, првпат ќе бидат обединети на историскаста изложба која ќе биде отворена во Археолошкиот музеј на Македонија. Во изложбата рамноправно учествуваат и Народниот музеј од Белград и Националниот археолошки музеј (НАИМ) при Бугарската академија на науките и уметностите од Софија.

Паско Кузман / Извор: Јутјуб

- За тие великани од нашите краишта нема податоци во историските извори, нема ни во митовите, легендите и преданијата. За тие богаташи најсигурни сознанија овозможија нивните „задгробни куќи“, полни со археолошки факти и артефакти од злато, сребро и бронза. Речиси сите се украсени со уметнички претстави изведени во духот на нивото време, предмети од железо, главно како воена опрема, керамички садови со црнофигурални претстави врз светла основа и килибарен накит по потекло од балтичките земји. Така е заклучено дека нашиве требеништанци и лихниѓанци, кои живееле пред повеќе од 2,5 илјади години на самиот крај од последната праисториска епоха, припаѓале на најбогатите слоеви од племенското жителство на Лихнитида, на тогашната племенска аристократија - локални владетели, кнезови и кнегињи, врховни претставници на божества и духовни достоинственици од највисок ранг - вели Паско Кузман во интервјуто за Факултети.мк.

Каде живееле, како живееле, со што се занимавале, на кој јазик зборувале, каква облека носеле, какво вино пиеле...?

- Сè уште не постојат точни локации на кој простор живееле бидејќи не се откриени „надземните куќи“ под земјата, туку само знаеме за гробовите - обични правоаголни јами заградени со аморфни камења и камени плочи. Врз основа на локациите на гробовите и гробниците од некрополата Требеништа, местоположбата на нивната населба се убицира некаде во подножјето на Вишовската Планина, поточно во атарот на селото Горенци. За тоа има археолошки показатели, но потребни се натамошни истражувања. Што се однесува до лихниѓанците, за нив повеќето археолошки околности укажуваат на архајска населба на просторот меѓу Плаошник, Античкиот театар и крајниот северозападен дел од подградието на охридската крепост, каде што се одвивала предурбаната фаза на античкиот Лихнидос, денешниот Охрид. За жал, досега не се откриени никакви архитектонски траги од таа населба и затоа „палатите“ на тие племенски големци сè уште се мистерија во неотворените стратиграфски архиви на земјата. Една од археолошките логики е: имајќи предвид како изгледале „подземните куќи“ на овие жители (скромни четвртести гробни јами заградени со камења без врзовно средство), сигурно дека изгледот на „надземните куќи“ не бил монументален или раскошен. За разлика од ентериерот кој секако ги овозможувал сите удобности во времето во кое живееле овие големци, имајќи го предвид богатството приложено во внатрешноста на „задгробните куќи“ за да „им се најде“ во безвремието на вечноста.

Реконструкција на гробот на Горна порта, денес изложен во Охридскиот музеј / Фото: Завод и музеј во Охрид

Како живееле, со што се занимавале? Живеејќи го сè уште „херојското време“, главно биле воини, а есенцијалната смисла на постоењето им го облагородувала животот со подвизите на нивните предци и со нив самите во битките, помали или поголеми. Тоа не значи дека овие жители на Лихнитида немале и други видови занимања: занаетчиство, трговија, лов и риболов, духовни и уметнички преокупации и култни собири и церемонии.

На кој јазик зборувале? Сигурно на некој што не го измислиле тие, туку го имале како наследство. Ако биле Илири, а не биле, ќе зборувале илирски. Ако биле Грци, а исто така не биле, тогаш ќе зборувале грчки. Ако биле со старомакедонска етничка провениенција, ќе зборувале на нивниот старомакедонски јазик, или уште пологично, тие зборувале на некој старобригиски дијалект кој пак во разни варијанти влијаел врз формирањето на старомакедонскиот јазик. Го користеле сигурно и Енхелејците/Енгеланите од нашата Лихнитида, како и уште некои други племенски заедници во југозападните делови на Балканот, се разбира и со примеси на хеленскиот јазик од навистина силно развиениот хеленски југ.

Каква облека носеле? Сигурно најомилени им биле наметките, пократки или подолги (хламиди, химатиони), но нозете, особено рацете да им бидат слободни. Ова особено било важно за воините кои облекувале наметки-хламиди, кожени заштитни облеки стегнати преку горната половина од телото, бронзени шлемови на главите, бронзени кнемиди на потколениците и лесни кожени обувки на нозете. Ако погледнеме сцени од црнофигуралното сликарство општо, а и на керамичките вази со црнофигурални претстави откриени и во некрополата Требеништа и во гробницата од Горна порта-Охрид, женските фигури се претставени главно со облека во два дела: горен дел кој делумно го покрива долниот-подолг фустан или едноделна со подврзија околу половината. Имајќи го предвид накитниот арсенал во архајските гробови, се добива впечаток дека жените, особено девојките, се кителе со златни или позлатени апликации-розети, златни триаглести низалки, апликации со палмети, особено на горниот дел од облеката, но и со златен и сребрен накит-обетки, ѓердани од килибар, прстени и белегзии на видливите делови од телото. Иако биле во заднината на развиениот хеленски југ, во таканаречените „варварски“ средини, благодарение на своето богатство, тие успевале да ги следат современите трендови на тогашниот свет и по пат на трговските врски успевале да купуваат тореутски производи од развиените грчки центри и грчките колонии од Јужна Италија и Сицилија (Magna Graecia), па дури и килибар по потекло од балтичките земји. Кога сме кај трговската размена на производи, да ги споменеме и ексклузивните масивни бронзени кратери (откриени во гробовите I и VIII од некрополата Требеништа) со волутни вертикално поставени држалки, украсени со антропоморфни и зооморфни претстави со митска симболика, кои служеле за мешање вино и вода и биле употребувани особено на гозбите по победата во некоја битка. Виното било „божји пијалак“. Темното го пиеле бесмртните богови и полубоговите, а мешаното смртните луѓе. Од кратерот се црпело вино со помали чаши - кантароси, скифоси и рогови.

Бронзен кратер откриен во Требеништа / Фото: НАИМ од Софија

Во контекстот на секојдневието од живеењето во ова далечно време, а со „оживување“ на археолошките факти, можеме да ги наслушнеме и звуците на фрулите и окарините, ако притоа ги замислиме и околностите: шума, љубовна игра, цветна ливада со извор, птици, залез, шумолење на поток, далгите на езерото, приквечерина... Секојдневието на нашите луѓе од архајскиот период може да се дефинира со три есенцијални контексти: звукови, крикови, болни извици и радосни восклици во честите битки и уште почестите помали конфликти вклопени во една димензија, штимунгот во златарската и другите занаетчиски работилници, влегување на карван со натоварени коњи во населбата, пасторална идиличност која се одвива по полињата, шумите, ридовите, меѓу трските и другата густа вегетација покрај езерото, заедно со звуците на брановите, содржани во друга димензија, и свечената духовна тишина која зуи во храмовите и другите култни места, во третата димензија. Таа вкупност можете да ја замислите како еден архајско-временски полнеж во пазувите на дивата убавина и во таканаречената племенска варваристика на Лихнитида, иако Кадмо, легендарниот основач на Лихнидос, уште од тие архајски времиња припаѓа на „неварварската“ митска хеленска сфера.

Дали биле населени, дојденци, или автохтоното население што стигнало до високо цивилизациско ниво?

- Првата теорија ја изнесе Богдан Филов во описот и анализата на првите седум гроба откриени во 1918 година, изнесени во публикацијата за некрополата Требеништа на германски јазик во Берлин-Лајпциг 1927 година. Тој кажа: „...гробовите од Требеништа биле на грчки војници кои својата воена вештина ја ставиле во служба на некој локален владетел. Знаеме дека таква имале грчките војници во Египет во времето на Псаметих. Но нив ги среќаваме и во 5 век пр.н.е. во служба на македонските кралеви“. Оваа претпоставка ја поддржува и вториот истражувач на требенишките кнежевски гробници, Никола Вулиќ, кој со археолошките истражувања во 1930-1934 година на истата некропола ја откри втората групација на богатите кнежевски гробови (гробовите VIII-XIII).

Рог / Фото: НАИМ од Софија

Но уште во првите реакции на публикацијата од Б. Филов, грчкиот истражувач А. Керамопулос во 1927-1928 година и српскиот научник М. Васиќ искажале мислења дека богатите гробови од некрополата Требеништа му припаѓале на автохтоно население со македонска етничка провениенција, или блиско на македонскиот кралски двор во Ајга (Керамопулос), или пак од времето на македонската кралска династија од IV век пр.н.е. (Васиќ). Подоцна се појавиле поголем број претпоставки за етничката припадност на покојниците од богатите гробови. Така тие биле не само гробови на грчки наемници и македонски, туку и илирски, пајонски, тракиски, дури и келтски. Така е создадена „требенишката етничка контроверзија“. Одговорот на прашањето е: погребаните богати покојници во архајските некрополи Требеништа - Горенци, близу Охрид и Горна порта-Охрид припаѓаат на автохтоната племенска заедница Енгелани (Енхелеи) осведочени во старите историски извори на просторите од Лихнитида.

Зошто токму во околината на Лихнид се издигнала оваа група на моќници? Какви биле историските и геополитички околности што довеле до тоа?

- Оваа позиција е исклучително поволна не само поради географските и климатските околности создадени со постоењето на Лихнидското Езеро, туку и со исклучителната стратешка позиција на крајезерскиот регион, заштитен со планински венци од сите страни, со речната долина на реката Црни Дрим кон север и запад кон Јадранското Море. Со природна низинска комуникација преку Корчанската Котлина кон Егејското Море, со главната патна и трговска магистрала Кандависки пат (идната Виа Егнација) од запад кон исток. Со силната стратешка позиција на Вишовскиот Рид на северното крајбрежје од Лихнидското (Охридското) Езеро од кој може да се контролира главната патна комуникација и целосната просторност на Струшкото и Охридското Поле, како и уште поисклучителната позиција на Охридскиот Рид, кој со своите волшепства собрани во себе и од тајните на езерските длабочини имал императивна привлечна сила за населување.

Билјанини Извори / Фото: Wikimedia Commons   

Домородноста на населението започнува уште во раниот неолит (5.891 година пр.н.е., потврдено со дендрохронолошка анализа и C14) на палафитната населба која егзистирала во источниот низински дел на денешниот Охрид, на мочурливиот терен источно од Охридскиот Рид до Билјанини Извори покрај водите на Охридското Езеро. Во 6 и 5 век пр.н.е. на споменатиот простор веќе егзистирал моќен клан од енгеланската племенска заедница и уште еден таков во подножјето на Вишовската Планина, на просторите од селото Горенци. И едните и другите имаа исклучителна пристапница кон Кандависката патна комуникација која го врзуваше ова население со тогашниот праисториски свет, а со својата географска егзотичност го привлекуваше истиот тој свет кон своите позиции и вредности.

Во што верувале овие луѓе и која е симболиката на златните маски со кои биле испраќани во задгробниот живот?

- Сигурно имале свои космогониски сфаќања и особено оригинални есхатолошки погледи кои им овозможувале најбезболен начин за живеење по смртта. Ова е дел од мојата најнова анализа за улогата и симболиката на златните маски. За нивната улога во фунерарните ритуалии и натаму во задгробниот живот на нивните носители, кажани се сите можни логични претпоставки во поновата археолошка литература: од толкувањето во врска со пчелата претставена меѓу веѓите на маската од Гробот I (Требеништа) како најстар симбол на кралството во Египет и како „душа“ на покојникот која влегува во друштвото на боговите (еден вид дивинизација на хероизираниот „кнез“ од „Требеништа“, В. Поповиќ, 1966), до „златното лице“ на посебниот покојник кое треба да означува промена на целата негова суштина, да добие виша форма на сакралност, статус на антроподемон (да оживее во подземниот свет) и така посмртно маскиран „да ја одржува врската меѓу световите“ (Валерија Фол, 1993). Н. Теодосиев пак смета дека архајските посмртни маски имале првенствено соларен симболизам - „златото ја претставува светлината на сонцето“. Со овој светол симбол „главите на мртвите биле слични на сонцето, додека погребаните аристократи станувале идентични со соларното божество“. Идејата доаѓа од Индоевропејците, каде што човековото тело се поистоветува со структурата на космосот, каде што главата обично била симбол на небото (Н. Теодосиев, според Lincoln B.). Во прилог на овие сфаќања може да се вклучи и нашиот орнамент „плетенка“, кој може да симболизира „венец од ѕвезди кои го осветлуваат небото-глава“.

Орнаментот „плетенка“, детаљ / Фото: НАИМ од Софија

Требенишките сепулкрални маски, заедно со охридската од Гроб 132, „во чиста уметничка смисла укажуваат на почетоците на антропоморфизација на просторите од старомакедонските области, богато придружена со разновидна геометриска орнаментика од преплетени системи, спирали, кругови, розети, меандри и пекторали. Овие изразни уметнички форми имаат, меѓу другото, и длабока врска со соларната идолатриска симболика која пак претставува и еден вид суверено обележје на старите македонски династии“. Орнаментот „плетенка“ (сврзани осумки) како сончева светлина (венец од сонца) и златото како вечна енергија ја обиколуваат и заштитуваат главата-сонце на дивинизираниот антроподемон кој ќе трансмисира меѓу световите (според В. Фол, 1993). Орнаментот „плетенка“ го има на трите требенишки златни маски, на златната маска од Горна порта-Охрид, на златните имитативни раце од Требеништа и Горна порта, како и на сите златни маскирни апликации од детскиот архајски гроб од Горна Порта.

Според мене, тој орнамент има исклучително симболично значење за енгеланската племенска заедница од Лихнитида. Го симболизира соларниот култ кој ги „заштитува со светлина“ хероизираните покојници врамувајќи ги нивните лица и покривајќи ги нивните други витални телесни органи кои би играле улога во задгробниот живот според веројатните есхатолошки поимања и верувања на повисоките слоеви од тогашното жителство на овие простори. Како што пет века подоцна ќе биде забележано на еден лихнидски епитаф врежан во надгробна ара: „Аптирис, ти како блескава скапоценост и меѓу мртвите ќе светиш, исто така прекрасна како што си била и меѓу живите“.

Кој сè бил достоен со златна маска да замине во вечноста?

- Со златната маска и другите златни маскирни наоди од Горна порта се дополнуваат досегашните сознанија за употребата на златните посмртни маски, кои како фунерарни ритуалии играле значајна улога во есхатолошката сфера на племенските заедници кои живееле покрај големата патна магистрала. Бидејќи наодите на овие „златни лица на покојниците“ досега се откриени, покрај во некрополата Требеништа (Охридско) и Горна порта-Охрид, во Петилеп-Беранци (Битолско), во Архонтико кај Пела, Синдос кај Солун и на Халкидик. Има и други слични есхатолошки сфаќања, порано за околу илјада години (Микена) во Грција, Етрурија (бронзени посмртни маски), келтска бронзена маска од Klein-Glein во Австрија од 7-6 век пред н.е., како и на други региони и континенти во светот, но сите со различни споредности (мотиви, побуди, различни варијанти на фунерарни постапки). Ваквите специфични златни ритуални фолии со отпечатоци на лицата од покојниците кои ја сочинуваат Балканската архајска група на златни маски имаат доминантна припадност на племенски или племенско-клански локални предводници-владетели. Освен во две гробни манифестации со поинаква припадност на овие златни ритуални егземпларии.

Златна маска од Требеништа / Фото: Народен музеј од Белград

Дека златните маски не се ставале само во погребниот ритуал на лицата воини-предводници, туку и на други „одбрани“ личности од родовите на племенската заедница, ни зборува маската од Гробот IX (Требеништа), која припаѓала на женски покојник од висок род, која сигурно имала значајна улога во високите кругови на таа заедница. Како компаративен прилог на оваа архајска животна и задгробноживотна стварност се посочува Гробот 132 (Горна Порта) во кој со кремација се погребани две млади индивидуи (барем со досегашните анализи) и во кој се приложени златна маска, златна имитација на рака, сребрени сандали и повеќе други предмети од злато, сребро, бронза и килибар, стакло и керамика, како и краток железен меч, две копја и нож.

Реконструкција на гробот на архајските Ромео и Јулија / Фото: Завод и музеј од Охрид

Сево ова упатува на необичен заклучок: златната маска припаѓала на женска јувенила, златната рака на машки јувенил на кој уште во гробот му биле ставени мечот, копјата и ножот. За полесно да се разбере оваа фунерарна ситуација, судбинската надгробна „предисторија“ на двајцата погребани јувенили со спалување истражувачите ја нарекоа „Сторија за архајските Ромео и Јулија“. Примерот со Гроб 132 (двајца погребани со кремација, со прилози на златна маска и златна рака со прстен за покојниците) и Гроб 167 (инхумација на дете, со прилози на златни маскирни апликации на очите, устата, срцето и ’рбетниот столб) покажуваат паралелен обичај на ритуална постапка во архајскиот период, фунерарна појава кај Македонците во времето на 6-5 век пр.н.е. (мислење на А. Керамопулос, потврдено на Горна порта-Охрид, 2002 г.) и на појава на практика, погребување со златна маска на лицето од покојникот кој не е предводник-владетел, туку роднина на племенските првенци (мал принц или принцеза).

Раководевте со тимот кој во 2002 година го откопа последниот гроб со златна маска, која е всушност единствената што денес е во сопственост на Република Македонија. Опишете ни го чувството...

- Таа година како да вршев археолошки истражувања на Марс. На 40-тиот ископ во сондата се појави културен слој со артефакти од развиена цивилизација. Според особеностите, движните предмети со фини фактури од непознат метеорит беа стари цирка 3.200.000 години, компаративно едновремени со прамајката Луси од нашата планета Земја. Од возбуда го фрлив скафандерот во безвоздушниот простор. Истото го сторија и сите членови од мојата екипа. Скафандерите фрчеа на Марсовото небо, а потоа одлетаа во бескрајот на вселената. Ние сите сме ја изгубиле свеста, а кога се освестивме, бевме во сондата покрај гробот 132 на Забранетата лединка/Горна порта на планетата Земја. Пред нас светеше златната маска на лихнидската принцеза.


Зошто Требенишката некропола (и таа на Горна порта) сè уште се вбројува во живите легенди на светската археолошка наука?

- Затоа што се работи за уникатно откритие за бесмртност на Животот. Бидејќи микенските златни маски почнаа да стануваат мит и легенда, беше потребно ново откритие во оваа филозофска димензија на живеење за да се врати Надежта. И се случи реинкарнацијата на богатите кнезови од Лихнитида со златни маски на лицата. Сега тие сакаат да бидат легенда. Светот ни во овој, а ни во идните векови не може да функционира без легенди и преданија. Ако пак ја исклучиме „живоста на легендата“, тогаш ќе ви ја кажам сувопарната „нечувствителна и нееротична“ вистина. Бидејќи за богатите покојници од некрополата Требеништа кои беа откриени на крајот од Првата голема војна нема пишувани податоци во историските извори, не се споменуваат ни во митовите, легендите и преданијата, научниците ја започнаа големата битка за осветлување на ова богато откритие со речиси мистериозна симболика на некои од прилозите во тие гробници.

Кантарос / Фото: Археолошки музеј на Македонија/автор: Владо Кипријановски

Ова, меѓу другото, предизвика и големо внимание поради тоа што се појави закопано во земја на „варварска“ територија, па научниците не можеа да си признаат себеси дека вакво „организирано богатство“ не е откриено на површината од развиениот хеленски Југ и не е барем близу до некоја позната старогрчка колонија. Потоа, силната наука, првенствено археологијата, откако донекаде ги осветли околностите на оваа необична археолошка појава, почна да се расправа, речиси со студенокрвна препотентност, кои биле овие луѓе во етничка смисла, па бидејќи до ден-денес тоа прашање не е расчистено, веќе станува непремостлива контроверзија, а тоа аргонаутски патува кон легендите. Денешните истражувачи, далеку повеќе од постарите, со перфидна супремација се стремат да презентираат научни заклучоци така што етничката припадност на „требенишките кнезови“ ја објаснуваат пристрасно и зависно од својата етничка припадност. Па и нека е така! Требеништа не губи ништо. Тоа е на науката, а нема да му наштети никому, ако го сакаат сите и надвор од науката. За мене, ете, важен е родниот крај!
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема