X
 23.09.2018 Наша тема

НАЈГОЛЕМИТЕ КУЛТУРНИ БОГАТСТВА НА МАКЕДОНИЈА: По еден век, требенишките кнезови повторно заедно

Колегите ја почувствуваа нашата искрена намера и желба да го прославиме значајниот јубилеј. Увидоа дека не сме оптоварени со политика и дека идејата е чисто археолошка. Не ги претставуваме само прекрасните археолошки артефакти, туку и текот на истражувањата на локалитетот, кои сами по себе се историја, вели археологот Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија


Беше пролет. Чекореше бос низ влажната трева, сосема несвесен дека за шест месеци ќе заврши Војната на нациите и ќе си оди дома. Од местото каде што работеше не можеше да го види Волшебниот рид. Единствено далеку, на хоризонтот можеше да ја забележи утринската маглина и чудниот отсјај кој доаѓаше од длабокото езеро. Иако Големата војна пустошеше, околу него никој не пукаше. Тој имаше друга задача – да обезбеди добра патна комуникација од Охрид до Кичево за потребите на бугарската војска. Секако дека не беше сам, со него работеа и други војници. Одејќи напред, загледан во темносиниот отсјај на длабокото езеро, се препна и падна. Влажната земја го спречуваше златниот човек да си го покаже својот лик. Но, војникот чувствуваше, знаеше дека е тука, пред неговите очи.


Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија   Фото: Археолошки музеј на Македонија

Помина скоро еден век, кога археологот роден на Волшебниот рид влезе во својот кабинет во Археолошкиот музеј на Македонија, во Скопје, и почна да го пишува текстот за големата изложба во Германија. „Поминаа 96 години од спектакуларното откритие на Требенишката некропола...“ Се сепна. Знаеше дека тоа е моментот... кога неговиот сон почна да се претвора во јаве.

Денес археологот Перо Арџанлиев постојано патува. Во Софија, во Белград, до родниот Охрид и назад во Скопје. Треба да се договорат уште многу детали за големото патување на златниот човек од Требениште, кој по сто години ќе се врати близу местото каде што мирно почиваше долги 2.500 години... И самиот вели дека многумина се обиделе да ги обединат артефактите од кнежевските гробови, пронајдени пред сто години на охридскиот локалитет кај селото Требениште, а денес се раштркани во музеите во Македонија, Србија и во Бугарија. Заедно со Вера Крстиќ од Народниот музеј од Белград и Крсто Чукалев од Националниот археолошки музеј (НАИМ) при Бугарската академија на науките и уметностите од Софија, се наоѓаат пред голем подвиг. Првпат предметите ќе бидат изложени заедно, на едно место. Во ноември во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, па во Софија, па во Белград.


Златната маска, со ракавица и прстен пронајдени на Горна порта во Охрид   Фото: Археолошки музеј на Македонија/автор: Владо Кипријановски

- Идејата за заедничко претставување на ова, според многумина, најзначајно откритие на територијата на Република Македонија, па и пошироко, постои повеќе од 30 години. Многупати постарите колеги се обидувале да организираат ваква изложба. За жал, безуспешно – вели Арџанлиев.

Зошто досега не била отворена ваква изложба?

Идејата се родила во 2014 година. Археолозите ја подготвуваа изложбата „Златните лица на македонските кралеви“, која требаше да биде отворена во Келтско-римскиот музеј во Манхинг, Германија.
- Пишував текст за оваа изложба: „Поминаа 96 години од спектакуларното откритие на Требенишката некропола...“ Ми стана јасно дека за четири години би можеле да прославиме голем јубилеј - 100 години од откривањето на овој најзначаен археолошки локалитет во нашата земја. Колегите од Белград и од Софија ја прифатија без двоумење. Оттогаш ја подготвуваме – објаснува Арџанлиев.


Дискоидна апликација со претстава на розета   Фото: Археолошки музеј на Македонија/автор: Владо Кипријановски

Сто години исполнети со бурна историја. Две светски и една студена војна, формирање и распаѓање на големата федерација Југославија, осамостојување на Република Македонија.
Покрај овие факти излишно е прашањето зошто досега предметите ниту еднаш не биле обединети во една изложба. Како на тројцата археолози им појде од рака тоа што многумина досега се обидувале да го направат? Арџанлиев вели:

- Колегите ја почувствуваа нашата искрена намера и желба да го прославиме значајниот јубилеј. Увидоа дека не сме оптоварени со политика и дека идејата е чисто археолошка. Не ги претставуваме само прекрасните археолошки артефакти, туку и текот на истражувањата на локалитетот, кои сами по себе се историја. Преку тој историски преглед може да се реконструира и историјата на Балканскиот Полуостров во 20 век. Дополнително, тука е и огромната желбата на тимовите од Македонија, Бугарија и од Србија да им докажат на останатите колеги од светот дека се способни да организираат една ваква голема изложба. Да покажеме дека нешто што до вчера нè разделувало по многу основи, сега може да нè обедини. Тоа се должи и на позитивната политичка клима која во последниот период се чувствува помеѓу трите земји. Во многу нешта тоа ни помогна околу организирањето на изложбата – објаснува Арџанлиев.

На едно место 400 предмети до три земји

Најзначајните предмети откриени на Требенишката некропола (околу 400) публиката првпат ќе ги види изложени заедно, на едно место. Златните посмртни маски, ракавици, сандали и останати апликации направени од злато. Сребрените ритони, килибарните ѓердани, прекрасните бронзени садови, оружјето, керамичките наоди. Нема да бидат изложени само предметите што не се во кондиција за транспорт и презентација.

Златната маска од банкнотата од 500 денари     Фото: Народен музеј од Белград

Предметите ќе бидат хронолошки подредени според етапите (периодите) кога биле откривани. Така ќе се потенцира јубилејот од 100 години од откривањето, но и контекстот во кој се откриени, т.е. на кој гроб му припаѓаат. Покрај предметите ќе биде презентиран и архивски материјал за тимовите што истражувале на некрополата, дополнети со нивни лични предмети, преку кои кустосите ќе ја доловат таа историја на голем дел од 20 век.

Какво е значењето на Требенишката некропола, не само за Македонија, Бугарија и Србија, туку воопшто за Балканот и за светското културно наследство? Арџанлиев вели дека токму таа го свртела целокупното внимание на археолошката, па и на пошироката јавност кон овој регион. Ова откритие може да се земе и како почеток на археолошките ископувања на територијата на Република Македонија. За нашите соседи е значајно бидејќи нивни тимови учествувале во откривањето на некрополата и дел од наодите се наоѓаат и се дел од постојаните поставки во нивните централни музеи.

- Требенишката некропола е значајна за светската археологија. Првпат токму таму беа откриени вакви богати гробови од архајскиот период. Потоа вакви погребувања се откриваа и на други локалитети на просторот на т.н. Централен Балкан – на локалитетите Петилеп-Беранци близу Битола, Синдос близу Солун, Архонтико кај Пела и на други места и секогаш беа споредувани со хронолошки првото откритие – Требениште. И по 100 години од откривањето, вниманието за овој локалитет и за наодите сè уште не стивнува. Напротив, со организирањето на оваа јубилејна изложба се надевам дека дополнително ќе поттикнеме голем број истражувачи повторно и повторно да се позанимаваат со мистериите што ги крие Требенишката некропола – вели Арџанлиев.

Историјатот на истражувањата на Требениште

Тој раскажува како некрополата е случајно откриена во мај 1918 година. Бугарските војници воспоставувале патна комуникација Охрид-Кичево за потребите на воените операции. Откопувале камења од блиските пунктови, кои како купишта се забележувале по површината недалеку од патот, кога наишле на првите гробни прилози. Така се откриени првите пет богати гробници. Два месеца подоцна на местото на откритието дошло првото стручно лице, археологот Карл Шкорпил од Народниот музеј во Софија. Тој откопал само уште два гроба.

Од колекцијата на Народен музеј во Белград

- Овие седум гроба предизвикале вистинска сензација во тогашниот археолошки свет. Подоцна материјалот од овие гробови е префрлен во Софискиот народен музеј, а по десет години, во 1927 година, бугарските археолози Богдан Филов и Карл Шкорпил го објавиле овој материјал – објаснува Арџанлиев.

Нови историски околности. Од 1930 до 1934 година истражувањата ги продолжил српскиот археолог и филолог Никола Вулиќ. На почетокот, во два наврата открил пет гроба, а во 1933 година го открива последниот „кнежевски“ гроб. Следната година во северниот дел од некрополата открива уште 9 гроба кои ги нарекува „сиромашни“.

Во 1953 и 1954 година по третпат се вршат истражувања на некрополата Требениште. Овој пат систематските истражувања ги изведува Народниот музеј во Охрид под раководство на Васил Лахтов и Јоже Кастелиц. Тие откриле вкупно 11 гроба. Во 1972 година последен пат се вршени сондажни заштитни и систематски археолошки истражувања на локалитетите Сува Чешма, Три Чељусти и Вртуљка. Тоа се трите локалитети на кои се протегала некрополата. Истражувањата ги спровел Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид, а со нив раководел археологот Владо Маленко. Резултатите од истражувања во вид на извештај се публикувани во 1975 година. Тогаш на локалитетите Три Чељусти и Вртуљка се откриени нови 23 гробни конструкции, некои со двојно погребување. Овие истражувања во монографија се публикувани во 1985 година.

Златната маска од Националниот археолошки музеј (НАИМ) во Софија     Фото: НАИМ

Научниците и денес велат дека некрополата во Требениште сè уште е обвиена со мистерија.
- Токму така. Требениште е МИТ. Откритието и артефактите со себе носат многу мистерии и неодговорени прашања. И секогаш кога ќе одговорите на некое од нив, или барем мислите дека сте го сториле тоа, се отвораат низа нови проблеми и прашања. Затоа и по 100 години истражувачи од целиот свет се навраќаат на Требенишката некропола да ја истражуваат, без разлика дали тоа ќе бидат археолошки ископувања или, пак, кабинетски истражувања – објаснува Арџанлеив.

Кои биле великаните што со толкаво богатство, со такви почести биле испратени во задгробниот живот во 6 век пред новата ера? Каде живееле, како живееле, со што се занимавале, на кој јазик зборувале...

Бронзен кратер   Фото: НАИМ од Софија

- Ги нарекуваа кнезови, локални владетели, моќници, елита, локални кралеви (basileus), па и великани. И сиве овие епитети ги заслужуваат. Toa биле луѓето што во 6 век пр.н.е. го контролирале овој, по сè изгледа доста значаен регион. Значаен поради својата геополитичка позиција во овој дел од т.н. Централен Балкан, контролирајќи го Кандавискиот пат кој ги поврзувал Јонското/Јадранското Море со Егејот, како и трговскиот пат кој го поврзува Медитеранот со северните области околу Дунав. Покрај тоа, регионот бил богат и со други ресурси - сребрена и златна руда, богат со риби и плодно земјиште. Сето тоа на овие локални владетели им овозможило во еден кус период да стекнат големо богатство со кое ќе си овозможат и ваков задгробен живот, достоен само за избраните, за полубоговите – раскажува Арџанлиев.

Огромното значење на изложбата денес

Како место на живеење ги одбрале најстратешките позиции во регионот, т.е. ридовите во заднината на езерскиот брег, од каде што контролирале сè. Такви се населбите кај Требенишко кале, Кулишта-Св.Еразмо, тврдината кај Делогожда, Вајтос кај с. Октиси.
- И секако Волшебниот рид, како што го нарекуваме стариот дел на Охрид за кој сме сигурни дека станува збор за антички Лихнидос. Во науката засега немаме информации за нивната писменост и јазикот кој го зборувале, но имаме доста информации за нивното значење во општеството, за нивниот истенчен моден вкус, за нивното богатство, за развиените трговски врски што ги имале и многу други работи – објаснува Арџанлиев.

Златна ракавица со прстен    Фото: НАИМ од Софија

Тој вели дека обединувањето на изложбата денес е од огромно значење.
- Со неа ние, како генерација, се вградуваме во историјата на Требенишката некропола. Значењето не е големо само поради претставувањето на Требениште во целосен формат. Со оваа изложба почнуваме и значаен процес на културна соработка со колегите од Србија и од Бугарија. Докажуваме дека нешто што скоро еден век нè разединувало, можеме да го искористиме за обединување во еден проект со кој и ние ќе дадеме придонес во истражувањето на еден од најзначајните археолошки региони на Балканот, па и пошироко. Со некои од колегите ги зацврстивме старите пријателства, а со некои првпат се спријателивме. Тоа ме прави особено среќен. Во изминативе 4 години тимовите полека стануваа како едно големо семејство кое има многу светла иднина. Мислам на соработка и на многу други проекти што се во зародиш и наскоро ќе допрат до јавноста – вели Арџанлиев.

Изложбата во Скопје ќе биде отворена шест месеци, а во 2019 и 2020 година ќе биде претставена во Белград и во Софија. Интересот кај стручната и пошироката јавност е огромен и веќе има светски музеи кои се заинтересирани да ја добијат изложбата.
Бидејќи е опфатен музејскиот материјал со непроценливо значење од три различни земји, осигурувањето на артефактите е комплицирана ситуација.
- За една ваква изложба гаранции треба да дадат владите на трите држави. Археолошкиот материјал е од непроценливо значење не само за трите земји, туку и за светското културно наследство. Поради тоа, се преземаат сите потребни мерки за безбедност и се следат сите светски протоколи за организирање на една ваква изложба. Професионализмот на секој член од тимовите од трите земји е на највисоко ниво – вели Арџанлиев.

Златен рог    Фото: НАИМ од Софија

Во подготовката на изложбата тројцата археолози имаат безрезервна поддршка од владите на трите земји, од министерствата за култура, од директорите на институциите, Горан Санев, Бојана Бориќ-Брешковиќ и од Људмил Вагалински. Тука се и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, многу еминентни истражувачи од трите земји и пошироко, куратори, конзерватори, фотографи, документатори, архитекти и други кои активно се вклучени во изработката на каталогот.

Арџанлиев вели дека ова е само почеток во соработката меѓу трите тима.
- Пред сè, сакаме достојно да го одбележиме јубилејот и да покажеме дека сме способни за вакви големи работи. Потоа планираме поголем проект, кој ќе вклучува и тимови од други земји, не само од Македонија, Бугарија и од Србија. Проектот ќе користи доста напредна технологија која денес ни е достапна и веќе се користи во европската археологија. Идејата е да се направат анализи на веќе откриениот материјал и со тоа да се понудат одговори на многу од отворените прашања. Секако, останува и можноста повторно да се направат истражувања и на самиот локалитет. Како археолог, сметам дека Требениште го нема кажано својот последен збор – вели Арџанлиев.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема