Факултетот за биотехнички науки - Битола, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, официјално започна со имплементација на проектот NATURE OF AQUATIC ENVIRONMENT: INCLUSION AND RISING AWARENESS IN DIVERSE SOCIETIES (NIDA), финансиран преку програмата Erasmus+ 2024-1-TR01-KA220-HED-000251988. Проектот е координиран од страна на Karadeniz Technical University, Трабзон, Турција, а ФБН е една од партнерските институции кои ќе ја реализираат оваа иницијатива во следните 30 месеци.
Професорките од ФБН Весна Карапетковска - Христова и Билјана Трајковска предводени од раководителот на проектот Дијана Блажековиќ - Димовска, зедоа учество на првиот kick off - meeting каде се дефинираа насоките за текот на проектот НИДА што претставува интердисциплинарен и транснационален пристап кон справување со климатските промени и еколошката деградација, со посебен фокус на водните екосистеми – слатководни и морски.
Според раководителката, професорката Дијана Блажековиќ - Димовска, главната мотивација за неговата реализација произлегува од согледаната потреба за подигнување на јавната свест за значењето и заштитата на водната средина, особено меѓу студентската популација и ранливите општествени групи. Проектот се стреми да го затвори јазот во знаењето и одговорноста кон овие прашања, преку воспоставување на образовни, информативни и практични активности.
Во текот на спроведувањето на проектот, предвидено е вклучување на 25 студенти од секоја од земјите-партнери, со посебно внимание на млади лица од рурални средини, културно разновидни заедници, економски обесправени популации, мигранти, жртви на природни катастрофи и особено жени. Ваквиот инклузивен пристап има за цел да создаде генерација на млади еколошки стјуарди кои ќе бидат активно вклучени во процесите на колективно дејствување за справување со климатските предизвици.
Проектните активности ќе опфатат организирање на теренска работа, работилници, кампањи за подигање на свеста, како и обука на обучувачи, со цел професионален развој на академскиот кадар и унапредување на наставниот процес. Посебен акцент ќе биде ставен на практичната примена на знаењето преку модулот NIDA и други искуствени форми на учење, што ќе овозможи премостување на јазот меѓу теоријата и практиката.
Очекуваните резултати од проектот вклучуваат зголемена еколошка свест и ангажираност кај студентите, развој на нивните практични вештини и критичко мислење, како и создавање на регионална и меѓународна мрежа на млади лидери, едукатори и застапници за животната средина. Преку овие активности, NIDA ќе придонесе за развој на одржливи и отпорни заедници, способни да се справат со тековните и идни еколошки предизвици.
(Комерцијална објава)