X
 09.06.2025 Наша тема

Крушево има само 34 матуранти: Општината ќе им плаќа по 3.000 денари на средношколците што ќе останат да учат во родниот град наредната година

Една третина од таблото отпаѓа на професори, дури 16, а само 34 се матуранти. Дел од учениците заминуваат да учат во Битола, Охрид и Прилеп поради поголемите можности што ги нудат овие градови.

Се празни градот каде што се удрени темелите на македонската револуционерна борба. Славно Крушево, од каде што пред повеќе од еден век одекна гласот за првата република на Балканот, денес станува сѐ потивко. Зафатено од силен иселенички бран, во градот на револуцијата се ситни младината. Заминува да учи и работи по другите поголеми градови, па Крушево го крепат претежно средовечно население и пензионери.



Гимназијата и туристичко-угостителската насока се единствен избор

- Во градот имате можност да учите само гимназиско образование и угостителско-туристичка струка. Доколку сакате во средно да изучувате техничко, медицинско или економско образование, мора да заминете да се школувате во друг град, било да е тоа Битола, Прилеп или Скопје. Тука сме ограничени во изборот, инаку полесно е да не се двоиме од семејствата уште на 15 години - велат средношколци од Крушево.

Во рамките на средното општинско училиште во Крушево „Наум Наумовски-Борче“ има гимназиско образование и угостителско-туристичка насока. Вкупно има 107 ученици. Годинава имаше само 34 матуранти, од кои 13 од гимназијата. Ваква е состојбата во последните години, а подобро беше до 2020/21 година кога завршија 49 матуранти.



- Во континуитет опаѓа бројот на ученици во средното образование во Крушево. Промоцијата на нашето училиште главно се сведува на угостителската струка зашто тука можат да се запишуваат ученици надвор од Општина Крушево. Но, за жал, тие претежно одат да учат во Охрид. Врз основа на нашите разговори со деветтоодделенците, можеме да заклучиме дека заминуваат поради можноста да живеат во поголем град. Учениците ни бегаат претежно во Битола, Прилеп, во Демир Хисар поретко - вели директорката на СОУ „Наум Наумовски-Борче“, Снежана Миленковска.

Училиште со традиција и постигнати високи образовни резултати

Училиштето опстојува над 60 години, има солидни услови за изведување на наставниот процес, квалитетен професорски кадар и ученици кои постигнуваат успеси на многу натпревари. Од неговите клупи излегле голем број интелектуалци кои се докажале во своите професии.

- Ако учениците ги запознаат условите за учење во нашето училиште - имаме материјално-технички услови на завидно ниво, а им овозможуваме и вклучување во многубројни проекти и научноистражувачки екскурзии, да поврзуваат теорија со пракса, имаме квалитетен наставен кадар, ако една година се задржат во училиштето, верувам дека нема да пројават желба за заминување - додава директорката.



Општината ќе ги субвенционира учениците во прва година средно

За Крушево да ги задржи младите, да учат средно училиште во сопствениот град, Општината по иницијатива на градоначалникот Томе Христоски, од први септември воведува финансиска поддршка за учениците од прва година.

-По моја иницијатива, Советот едногласно одлучи секој ученик запишан во прва година во средното општинско училиште „Наум Наумовски- Борче“ во Крушево да добива финансиска помош од 3.000 денари месечно која би траела во текот на учебната година, односно во континуитет 9 месеци. Тоа е само за прва година, а дополнително ќе утврдиме согласно новиот Совет и буџетот дали ова ќе се прошири и за следните години - вели Христоски.



Општината издвојува и по 6.000 денари еднократна парична помош за секое новороденче во Крушево.

- Целта ни е да ги задржиме младите во Крушево, да ги зачуваме учениците во градот, да ги зачуваме гимназијата и стручните насоки. Воедно, преговараме со приватниот сектор, угостителите и сите што даваат услуги, по завршувањето на средното образование на учениците кои излегуваат од ова школо да им се овозможи работа за да останат во градот. Миграцијата не нѐ одминува, па правиме сѐ да ги задржиме младите - вели Христоски.



Повеќе станови отколку домаќинства, а над 1.300 од нив се празни

Според последниот попис од 2021 година, во Крушево има вкупно 8.385 жители, што во споредба со 2002 година е за 1.299 жители помалку. Општината има повеќе станови од домаќинства. Така бројката на домаќинства изнесува 2.467, а има 3.655 станови, од кои 1.302 се празни. Слична судбина делат и другите помали општини во Македонија, како Македонски Брод, Берово, Пехчево и други, а последиците од иселувањето во Скопје или странство се видливи и во поголемите градови како Битола, Прилеп, Охрид, Струмица, Велес, Штип и други.
 
Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема