X
 09.11.2018 Наша тема

Природно ѓубриво за органска храна, место за домаќинките да прават ајвар и џем по НАССР. Ова се победничките идеи на Регионалниот бизнис-натпревар

Младите претприемачи од земјава, Србија и од Босна и Херцеговина по третпат можеа да ги претстават своите бизнис-идеи како дел од проектот „Зајакнување на меѓународната соработка и врски во Западен Балкан преку контакт на млади претприемачи“ што го организираат Македонија2025, Канадско-српската бизнис-асоцијација CANSEE и „Рестарт“ од БиХ

Заштита на растенијата со природни ѓубрива со кои можете да произведете органски земјоделски продукти. Опремен објект каде што секоја домаќинка може да произведе ајвар или џем почитувајќи ги нормите за квалитет и безбедноста на храната. Ова се двата проекта на млади бизнис-претприемачи од Македонија и од Србија кои победија на Регионалниот бизнис-натпревар чие финале завчера се одржа во рамките на актуелниот Самит Македoнија2025 во Скопје. Проектот е поддржан од Фондот на Западен Балкан (Western Balkans Fund). Младите претприемачи од земјава, Србија и од Босна и Херцеговина по третпат можеа да ги претстават своите бизнис-идеи како дел од проектот „Зајакнување на меѓународната соработка и врски во Западен Балкан преку контакт на млади претприемачи“ што го организираат Македонија2025, Канадско-српската бизнис-асоцијација CANSEE и „Рестарт“ од БиХ.

Салих Мусиќ

Салих Мусиќ од „Рестарт“ објаснува дека натпреварот траел од мај до ноември и се организирал прво на локално, па на регионално ниво, прво во Белград, па во Сараево и на крај во Скопје.
- Како врв на соработката меѓу трите организации решивме финалето да се одржи во Скопје во рамките на Самитот Македонија2025. На крај решивме да има двајца победници, со оглед на тоа што беа блиску со бодовите. Тоа се две девојки од Македонија и од Србија. На крај, наградата и не е толку важна, многу е поважно што поминувајќи го сиот тој процес, учесниците созреваат додека ги прават своите планови. Ова е еден вид подготовка, вежба кога ќе се појават пред вистинските инвеститори - објаснува Мусиќ.

Олга Рајчиќ е една од победничките на натпреварот со идејата за природно фолијарно ѓубриво за заштита на растенијата. Таа работи во рудници „Бањани“. Вели дека цел живот е дел од таа приказна, со оглед на тоа што и нејзините родители таму работат.
- Решивме да направиме иновативен производ надвор од таа индустрија, нешто што природата ни го дала, со помош на иновативна технологија и специјалисти во делот на земјоделството. Македонија, генерално Балканот, има огромни потенцијали за органско земјоделство. Веруваме дека ова е голем бум кој допрва следува. Индустријата за храна е еден од најголемите проблеми на денешницата - вели таа.

Олга Рајчиќ

Ecogrower е природно минерално ѓубриво за фолијарна заштита на растенија - се нанесува со помош на прскање, петпати во годината, и е 100 отсто природно. Се изработува само од природни минерали, со наночестички кои се разредуваат во вода, и се нанесува на билките.
- Луѓето што го користат добиваат позелени и поздрави билки. Ѓубривото го намалува излезот на водата од лисјата и во сушните периоди им помага да го задржат зеленилото. Тоа е една од многуте придобивки - вели Рајчиќ.

Учеството на натпреварот подразбирало работа со ментори кои многу ѝ помогнале во професионалниот развој. Пред сè, од аспект како една идеја поефективно да ја презентирате.
- Луѓето и вмрежувањето што ги добиваме на овие настани се најважниот дел - фидбекот што го добиваме, контактите за странските пазари - вели Рајчиќ.

Прехранбениот технолог Милан Стојановиќ го претстави првонаградениот проект CookUp Hub од Србија, кој го работи со Валентина Чолиќ, која се занимава со производство на храна, и Владимир Јовановиќ, специјалист за финансии и бизнис.
- Се пријавив кога CANSEE организира обука за пишување бизнис-планови. На крај имаше интерен натпревар каде што се запознав со Валентина и со Владо, направивме тим и оттогаш работиме заедно. Веќе половина година заедно ја развиваме оваа идеја бидејќи ја видовме шансата - објаснува тој.

Милан Стојановиќ

Според Стојановиќ, во Србија многу луѓе сакаат да почнат бизнис во прехранбената индустрија. Но, тоа се главно скапи идеи.

- Ние им нудиме простор кој може да го изнајмат буквално колку што им е потребно - два часа или десет дена за да ги развиваат своите креативни идеи. И тоа да биде на легален начин, во простор кој ги исполнува сите регулативи за производство на безбедна храна. Како во Србија, така и на цел Балкан, многу семејства имаат домашни производи – ајвар, џем, салца. Но, сè што се прави дома не ги исполнува условите за промет. Може да ги продаваат интерно, но никој не гарантира за квалитетот и безбедноста на таа храна. Затоа сакаме да го изградиме тој објект што ќе ги исполнува условите. Секој ќе може да дојде, да произведе и да го продава легално. Ние заклучивме дека најголем проблем е всушност тој простор што ги исполнува стандардите на НАССР и сите регулативи за промет на храна - објаснува Стојановиќ.

Мирјана Дончиќ-Битон

Мирјана Дончиќ-Битон е генерален директор на Канадско-српското бизнис-здружение CANSEE. Таа објаснува дека со голема поддршка од Фондот за Западен Балкан успеале да ги поминат сите три фази и да им овозможат на девет млади натпреварувачи да демонстрираат и да ги прикажат своите претприемачки идеи пред публиката и пред различното жири.

- Во основа секој регион имаше шанса да оценува. Една од главните идеи е што преку Фондот за Западен Балкан помагаме во инвестирање во човечки потенцијал, кој верувам дека е клуч за успехот и подобра иднина за сите нас. На сите учесници им кажав дека нивните идеи може да се продадат. На Самитот Македонија2025 сум петти пат, доаѓаме како редовни учесници. Секоја година има нешто поголемо и подобро - вели Дончиќ-Битон.
Фондот за Западен Балкан е основан за да се финансираат мали и средни проекти од областа на образованието, одржливиот развој и човековите права во земјите од Западен Балкан.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема