X
 09.11.2019 Наука

Првиот вселенски хотел би можел да ги отвори своите врати до 2025 година

Дали планирате патување до орбитирачки вселенски хотел до 2025 година? Доколку одговорот е да, тогаш треба да знаете дека за 6 години околу Земјата може да кружи првиот вселенски хотел, односно најголемата вселенска структура некогаш направена од човекот. Вакви планови има фондацијата „Гејтвеј“, приватна компанија која веќе делумно ги изработи плановите и дизајнот на „Вон Браун ротејтинг спејс стејшн“, вселенска станица и хотел што планираат да го именуваат по Вернхер вон Браун, ракетен експерт кој работел во нацистичка Германија, а по војната се преселил во САД, каде што продолжил со развивање на програмата за ракети.

Според Тимоти Алаторе, главниот архитект на вселенскиот хотел, фондацијата планира да изгради простории за сместување на 450 лица каде што тие ќе можат да спијат, живеат, работат и да организираат концерти, изложби и слично. Секако, ова би било место и за вселенско истражување и експериментирање, но би можеле да бидат сместени и туристи од Земјата кои сакаат да го искусат животот во вселената и кои, секако, ќе можат да платат. Исто како и секој друг хотел, и овој би требало да има и ресторани и кафулиња и место каде што луѓето ќе можат да се занимаваат со спорт.

1
Фото: The Gateway Foundation

Со зголемување или намалување на ротацијата, ротирачката станица треба да создаде различни нивоа на вештачка гравитација. Нејзиниот дизајн бил инспириран делумно од идеите на Вон Браун, но и од некои научници, како и од научнофантастичните филмови и серии во текот на последните 50 години.

- Мислам дека почна со „Ѕвездени патеки“ и „Војна на ѕвездите“ и со концептот на голема група луѓе што живеат во вселената, имаат сопствена продавница, индустрија и култура - вели Алаторе.

2
Фото: The Gateway Foundation

Тој смета дека хотелот ќе биде достапен за просечниот човек кој ќе може да заштеди пари за патување до ротирачката вселенска станица, каде што би можел да престојува со денови или недели.

И покрај големиот напредок на вселенската индустрија и најавите за враќање на Месечината и освојување на Марс до 2025 година, идејата за вселенски хотел што кружи околу нашата планета и во кој ќе бидат сместени 450 луѓе сепак се чини премногу амбициозна и во рамките на границите на научната фантастика.

3
Фото: The Gateway Foundation

Но, од „Гејтвеј“ сметаат дека хотелот ќе биде завршен до 2027 година, така што за осум години преку интернет ќе може да се резервираат карти за сместување. Но, велат дека им е јасно дека може да ги очекуваат долги одложувања, како што е секогаш кога станува збор за вселенската индустрија, бидејќи пред нив се големи предизвици - од трошоци, развој на станицата, нејзиното лансирање во вселената итн. Исто така, бидејќи делумно станицата ќе биде и хотел, тоа значи дека треба да има и вработени кои ќе поминуваат подолго време во вселената, што може да има негативно влијание врз здравјето на луѓето, а и самите патувања до станицата и назад се високоризични.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука