X
 27.10.2022 Наука

Галењето кучиња ги дава истите придобивки за мозокот како и дружењето со луѓе

Сите ги сакаме нашите домашни миленичиња и не постои ништо подобро од тоа да поминете време со нив.

Всушност, науката посочува дека интеракцијата со домашно милениче може да се спореди со онаа со човечки пријатели. Едно ново истражување покажа дека галењето на нашите крзнени пријателчиња ги дава истите придобивки како и дружењето со луѓе, а доказот за тоа лежи во нашата неврологија.

Претходните истражувања докажаа дека префронталниот кортекс на мозокот е клучен регион кој е активен за време на различни аспекти на дружењето и при обработката на социјалните интеракции. Способноста да се разбере што може другото лице да мисли и да се разбере самиот себе во однос на другите е поврзана со оваа фронтална област на нашиот мозок. Ова значи дека фронталниот лобус е, исто така, важен за истражување на влијанието и ефектите од нашите интеракции меѓу луѓето и животните.

Во најновото истражување учесниците најпрво имале интеракции со кучиња: 6-годишната женка од расата џек расел териер, 4-годишната женка од расата голдендудл и 4-годишен мажјак од расата златен ретривер. Потоа луѓето имале интеракција со кадифено животно, играчка лав, која имала шише со топла вода во телото за да го стимулира чувството на меко крзно, температурата на телото и тежината на кучето.

Истражувачите го мереле оксигенираниот, деоксигенираниот и вкупниот хемоглобин и заситеноста со кислород на крвта во фронталниот лобус на мозокот на учесниците за да ја проценат нивната мозочна активност додека тие поминувале време во физички контакт со вистинските животни. Потоа, научниците го мереле истото со интеракциите со кадифеното животно. Истражувањето покажало поголема активност во овој социјално поврзан дел од мозокот кога учесниците имале интеракција со вистинските кучиња, во споредба со интеракцијата со лавот-играчка.

kuce
Фото: Freepik

Интеракцијата со животно е важна социјална можност која станува емотивно релевантна и важна, велат научниците.

Овој вид истражување укажува и на вредноста на блиската интеракција меѓу животните и ранливите луѓе во нашето општество. Има многу луѓе чии можности за редовен социјален контакт се намалени.

- Токму затоа, вклучувањето на животните во терапевтски интервенции е ветувачки пристап за подобрување на емоционалното здравје на луѓето - објаснуваат научниците.

Значи, доказите од истражувањето покажуваат дека времето поминато со вашето куче е исто толку добро и како дружењето со луѓе, а активноста во нашиот мозок го покажува тоа најдобро.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука