X
 10.03.2023 Живот

Рама: Студентите што завршиле медицина ќе ги добијат дипломите по една година, не ги стипендираме за да работат во странство

Албанската Влада одлучи да ги зголеми платите на лекарите, па според премиерот Еди Рама, специјалистите од различни категории од следниот месец ќе добијат покачување од 50.000 леки, односно околу 440 евра, додека другите лекари и медицинските сестри ќе добијат покачување од 7 отсто. Промените ќе се имплементираат од 30 април.

Исто така, Рама истакна дека студентите што ќе дипломираат на Универзитетот по медицина за да бидат лекари, дипломата ќе ја добијат по една година работа во албанските болници, а потоа ќе се вработуваат врз основа на заслуги на соодветните работни места. Тој нагласи дека не може да се дозволи овие студенти да земаат стипендии од државата за во иднина да учат и да работат надвор од Албанија.

- Денес еден студент по медицина плаќа една шеснаесеттина од реалните трошоци. Државата и даночните обврзници не го прават тоа за тие да избегаат во Германија откако ќе ги завршат студиите и ќе ги земат дипломите за лекари. Албанската држава не ги финансира студиите за германскиот здравствен систем. Ова е проблем со кој се соочија многу земји и ни дојде редот и нам. Од друга страна е аспектот на образованието, не е доволно да имаш завршено школо и да ги имаш завршено задачите од теоретски аспект за да се сметаш за лекар, туку е потребна секојдневна професионална пракса. Од овој аспект, има простор за рефлектирање пред давањето на дипломата. Потоа доаѓа вработувањето според заслугите - изјави Рама.

Извор: Sot
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот